Ако падне Советот, Центар го чека урбанистичко цунами!

21.07.2014 06:36
Ако падне Советот, Центар го чека урбанистичко цунами!

Градежна експанзија и дополнителна узурпација на просторот на Водно, во центарот на градот и во Капиштец се предвидува со измените на трите детални планови што ги предлагаат советниците на ВМРО-ДПМНЕ, а кои вчера се очекуваше да добијат зелено светло од општинските советници во Центар, откако стана извесно дека првиот советник Мирослав Шиповиќ од редовите на СДСМ ќе гласа по налог на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што информираат од Секторот за урбанизам во општината за предлог-измените на деталниот план Мал ринг, откако завршила јавната анкета, направени се поголеми измени на одредени градежни парцели, а притоа не е направено повторување на јавната анкета што е спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање. За Градскиот трговски центар во планот на јавен увид била претставена неделива градежна парцела, а во финалната верзија на предлог-планот е направена измена од поголем обем со менување на границите на објектот и поделба на едната парцела на три: ГТЦ, Стопанска банка и „Гранд Хотел“.

Иако во планот што бил ставен на јавен увид, објектот на „Македонски пошти“ е даден без можности за развој, во финалната верзија што се става на гласање пред советниците тоа е променето и дозволено е тој да се доградува и проширува. Истото се случува и со објектот на Македонската опера и балет, Музичко-балетскиот училишен центар, како и за уште повеќе од 20 други градежни парцели во централното градско подрачје. Сите тие едноставно кажано со новите измени може да растат во висина и во ширина.


Урбанистите од Центар забележуваат дека т.н. Шпански скали графички се презентирани надвор од градежната линија на објект. Пропуст е и што за повеќе од 20 градежни парцели пропуштено е се дадат параметри, што ќе биде проблем за нив да се добијат документи за градба. Тоа што во планот се формирани 24 градежни парцели со намена мали комерцијални дејности со површина од 7 квадрати е спротивно на Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

За предлог-измените на вториот урбанистички план Тасино чешмиче 1, што се однесува на просторот на Водно, околу поранешниот хотел „Панорама“, е спорно што тие не се во согласност со генералниот урбанистички план донесен во 2012 година, во однос на територијата што деталниот план треба да ја опфати. За две градежни парцели што пред некое време беа причина за лизгање на земјиштето, направено е незаконско и енормно зголемување на површините за градба, на терен чии геомеханички карактеристики не можат да поднесат вакво оптоварување.

Практиката покажува дека за оваа цел, велат од секторот урбанизам, треба наново да се испита геомеханичката отпорност и стабилност на почвата, појавата на свлечишта заради уривање на потпорните ѕидови и нарушена статика на објектите, па во новиот ДУП, што општината веќе го подготвува, треба да се надминат овие состојби, а со измените што ги предлагаат советниците на ВМРО-ДПМНЕ, просторот дополнително да се деградира. Најспорно во овој план е зголемувањето на височината на хотелот предвиден на местото на некогашна „Панорама“, кој од 4 ката сега се крава на 10, со висина од 35 метри.

Третиот предлог-план се однесува Капиштец, реонот околу Заводот за рехабилитација. Во него за пет градежни парцели се предвидува од станбени куќи да се пренаменат во станбени згради. Како што објаснуваат од Општина Центар, оваа пренамена е спротивно на урбанистичката регулатива, бидејќи во урбани цели со намена домување во станбени куќи од ниско ниво се забранува изградба на згради. Неофицијално се зборува и дека некои од овие парцели веќе се во сопственост на висок функционер од владејачката партија.

Извор: Слободен печат