„Недоволно писмена нација“

21.07.2014 08:06
„Недоволно писмена нација“

1.

Многупати сум пишувал дека, барем кај нас, попаметно е некои уметници да не ги објаснуваат своите дела. Ни своите погледи на уметноста. Зашто веднаш се создава необјаснива конфузија, прашалници никнуват како печурки по дожд, впечатоците од виденото и „објаснетото“ никако не се поврзуваат итн. Иако, во одделни случаи, искажувањето на уметникот е особено потребно и полезно, како во овој случај на очигледен двоен идентитет на македонскиот уметник и каде што јавноста, барем стручната, не успева да најде соодветен код за дешифрирање на нештата.

Значи, Томе Аџиевски, еден од некогашните „авангардисти“ а сега новопечен гласен возљубеник и партиципиент во самонаречениот проект „Скопје 2014“ и автор на „Споменикот на паднатите херои“ во паркот наспроти Собранието на РМ, е прв и засега единствен (според мои сознанија!) од редот на овие уметници кој се обидел да ги објасни мотивите кои го иницирале за учество во „проектот“.

Се разбира, неговите искажувања не треба да се земаат како пример или евентуално објаснување и за мотивацијата на другите уметници кои беа спомнати во овој контекст. Нормално е да постојат лични, поединечни, субјективни причини кај секој уметник одделно. Можат ли да се влечат некакви подалечни паралели, асоцијации, сличности во ставовите? Веројатно не, но тоа прашање е отворено за толкувања.

2.

Па така, во рамките на анкетата за „Ск 2014“ на порталот ОКНО, постиранa на 17. 10. 2012 година, уметникот нè просветлува со неговите размисли за учеството во овој „проект“.

Се разбира, некои нешта не треба да се земаат пресериозно, зашто и не можат да бидат сериозен став, од типот дека „…не е ништо ново антиката циклично да се повторува во европската култура, нешто како традиција во која и самите Европјани не веруваат, па требa дополнително да се потсетуваат на нејзините вредности“. Тоа се премногу незрели, да не речам детски гледања на аспектот на некаквото, какво и да е, „циклично“ (?) или не, присуство на антиката во современата уметност. Повеќе заличува на политикантски испрдок што треба да оправда некои наши маалско-локални напори да се прикажеме во некакво друго светло. Слична „вредност“ има и тезата за логото на UNESCO како за „најрасистичкото и хегемонистичко лого“ и слични будалаштини. Ваквите упадици веројатно служеле за некаква јавна промоција на теоретската подготвеност на уметникот за наше натамошно просветлување од типот „еве сега јас ќе ви кажам“, и тоа во неколку насоки.

Првата „насока“ е дека „Антиката е добра за придобивање на широките народни маси, лесно се лепи, потоа лесно се вклопува во историјата. За неколку години ќе мислите дека отсекогаш ви била тука“. Дали ова треба да нè упати дека основната функција на уметноста, според Аџиевски, е да ги лаже луѓето, односно низ измами и шашми да ги придобива „широките народни маси“, да ги „лепи“, и да им создава илузија на вредност? Можеби овој уметник така ја доживува уметноста, ама тогаш сигурно ја згрешил професијата. Требал да биде магионичар, окулист, илузионист и баба врачара со стаклена топка пред себе и да им продава магла на луѓето! И дали навистина сме ние толку малоумни како него, па да мислиме дека тој и тие како него можат туку-така да ни ја „залепат“ антиката како наша историја, та ние да мислиме дека дури и сме се родиле со неа? Сосе логото на UNESCO на пелените, коешто е, нели, според „длабокоумните“ согледувања на Аџиевски „најрасистичкото и хегемонистичко лого“ (sic!)? Дека сме можеби некакви врсници со антиката, сме се „чешале“ од неа низ игрите во нашите маала?

3.

Втората „насока“ е дека „…откачениот и храбар концепт за неокласицистичка разгледница за градот“ понудил некакво охрабрување за народот „…во неговата честопати ретуширана национална историја со приемчив реализам, кој притоа и не мора да биде виртуозно изведен. Да ја покријат дупката во неговата западна мемореја со градби кои брзо ќе добијат патина. Да понудат лесна естетска едукација за недоволно писмената нација. И сето тоа како замена за еден десетгодишен непродуктивен инертен и недефиниран период во естетска смисла, здодевен до солзи“.

Ова конвулзивно дијареично трупање неврзани зборови како алиби за ова што денес го гледаме околу нас бара постепен пристап. Пред сè, ако е веќе „откачен“ концептот којшто од градот сака да создаде „разгледница“, каква и да е, па нека е и неокласицистичка, кој паметен во тоа би видел сериозен творечки предизвик, потенцијален уметнички миг? Зарем денешниот македонски уметник е молер кој бои разгледници или циркузант кој глуми во откачен freak-show? Ако Аџиевски себеси се гледа така, ние немаме право да му го ускратуваме тоа задоволство, но мораме ли баш да му ракоплескаме?!

Понатаму, од кога тоа уметниците станаа и историчари, па ја оценуваат историјата како ретуширана и / или акварелисана? И тие ли се повикани да ја доправаат? Или тоа оди заедно со нивните молерски способности? И дали во втората деценија на дваесет и првиот век само реализмот е „приемчив“? И за кого, само за глупиот македонски народ, кој им ги наполни џебовите, нему и на „братството“? И како тоа замислува нашиов „творец“ дека тој „приемчив реализам“ баш и „ не мора да биде виртуозно изведен“? А како да биде изведен, со чекан и клешта, со мистрија и лопата, со стиропор… Онака петпарачки, како што впрочем и го гледаме низ градов? И зошто? Повторно заради глупавиов македонски народ кој и така ништо не разбира, па може да му се поттура сè и сешто, само нека е „приемчиво“?

И уште понатаму, на нашиов магионичар му биле малку навредите, па ни додава дека сето ова околу нас, платено и преплатено како да е од суво злато, било „лесна естетска едукација за недоволно писмената нација“! Кога вакви навистина неписмени уметници говорат за уметност и недоволно писмена нација, тоа е врв на хипокризијата. Сме слушале и сме се изнаслушале секакви празноглави тиради и блебетења, дури и од уметници, ама вакво паунесто кочоперење богами – не.

Фала му на Бога што и покрај недоволно писменава нација, ни подарил „доволно“ писмени уметници. Толку „писмени“ што можеби ќе нè описменат и нас, за да можеме да ги разбереме. И нив и она што ни го сервираат како „уметност“!

Некаде при крајот од овој „историски“ исказ, Аџиевски самокритички се осврнува на изминатиот, негов и наш, творечки период констатирајќи дека истиот бил „…непродуктивен инертен и недефиниран период во естетска смисла, здодевен до солзи“. Но, ние тука не можеме да му помогнеме, ниту пак сме како и да е виновни за тоа. Иако, очигледно, во неговата констатација има доза на обвинување од типот „држ’ те го крадецот“. Ама, во тој „непродуктивен инертен и недефиниран период“ тој, со неговите пајташи, работеше некакви трилогии или тетралогии, се бореше со кичот (sic!) низ државава, оживуваше едно кутро „Кино Напредок“ влечејќи ги сите за нос. И сите тие будалаштини му беа финансирани од оваа држава, што ќе рече од оваа „недоволно писмена нација“! Иако, што е право, неговите „проекти“, помеѓу останатите, во изминативе десетина години навистина ни беа „претстави“ на коишто се смеевме до солзи!!!

4.

И се разбира, кога уметникот е веќе до грло во идиотизми од тој тип, одлично му легнува секаква небулоза, особено таква како „Скопје 2014“, каде што може илузионистички, и со туѓи пари, да ги доразвива никогаш до крај разбраните поими за функциите на уметноста, за концептот на антиката, за нацијата, за современото, за моралот и чесноста во уметноста. Онаа вистинската, што не „се лепи“ баш така едноставно, и лесно не „се вклопува во историјата“. Зашто, Аџиевски очигледно заборавил дека постои и таква уметност, којашто нема потреба од инстант патина, а луѓето ја доживуваат и прифаќаат како блиска.

И токму со моралот и треба да се заврши оваа мачна „исповед“ на уметникот, оној творечки морал што тој одлично го покажа, а сега и го искажа, сврзан со познатото „облекување“ на неговиот Прометеј. Иако, да бидам искрен, имајќи ја предвид целата констелација околу овој самонаречен проект, тој инцидент воопшто не ме фрапираше којзнае колку. Некако ми дојде очекувано, нешто такво мораше да се случи, нешто токму од тој тип, за да ја покаже на дело целата дволична бесмисленост на „проектот“. И реакцијата мораше да се случи, токму таква: Прометеј мораше да биде „облечен“, накнадно, зашто, нели, според нашиве „стручњаци“, денешниов неокласицизам не трпи голи тела. Резил е, од конзервативна провениенција.

Но, мислам дека во тој контекст посебно внимание заслужува признанието на уметникот – признание кое многу говори за вкупниот негов однос и кон „проектот“ – кога вели: „Бев приморан на отстапка, и бев корумпиран како и многу други уметници пред мене кои работеле за газди и мецени, кога ги правеле поубави и повисоки, им ги зголемувале градите, го намалувале носот, го покривале срамот на голите фигури“. Дали ова, конечно, укажува на нивото за коешто овде станува збор?

5.

И уште еднаш, заслужено: „Бев приморан на отстапка, и бев корумпиран како и многу други уметници пред мене…“.

За жал ние континуирано, еве веќе добри 7-8 години, се сопнуваме од едни и исти сомнежи токму од овој тип, и врз база на тоа се соочуваме со дилеми дали и како да веруваме во вакви уметници кај кои уметноста не е независен, интелектуален процес туку вулгаризирана финансиска трампа, кај кои авторскиот ракопис е на распродажба како на Бит-пазар, кај кои личниот и творечкиот интегритет се подрачја на неморалното! Оваа нивна страна, којашто тие се трудат да ни ја прикажат како уметничка, ја видовме. И ја гледаме секој ден. И тука нема многу што да се додаде. Останува проблемот на идното наше соочување со втората страна на нивната уметност, онаа на којашто бевме свикнале порано, онаа којашто на некој начин, можеби, ја ценевме и поддржувавме. Ќе можеме ли така едноставно да ги одвоиме нештата – едната уметност, онаа коруптивната, работена за пари, другата за не-знам-што? Ќе треба ли така и да ги мериме резултатите: едните според количеството на земените пари, другите според некои поинакви критериуми?! Дали, во конкретниов случај, уметникот ја замени неговата „Архитектура на агресијата“ со кич агресија? Дали таму ги погреба и сите други негови идеи, вклучувајќи ја и „…Јана Бунева, фатена од балистите, мачена и убиена во Тетово 2001 г.; 17 години“? Па зарем такви биле / се македонските херои, приморани и корумпирани?!

*

Конечно, останува прашањето дали патетиката од типот „бев приморан“ и „бев корумпиран“ е првото и последното уметничко / творечко „вјерују“ на овие уметници? Дали едно вакво признание – нека е и само од еден од учесниците – ни ги појаснува и двојниот идентитет, и судирот на концепти, и целосната деперсонализација на нивната уметност? Зашто, мислам дека нема ништо пострашно, понавредливо, попонижувачко за еден уметник кога мора да се откаже од своето дело, од својот творечки исказ, без оглед на (високата) награда. Но, тоа е нивна траума и тие треба да се справуваат со неа. Впрочем, за тоа беа и добро платени. Наша траума ќе останат резултатите од овој нивен „труд“ и ние ќе мораме да најдеме начин да се справиме со тоа.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Томас Шпилер

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура / Филм
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото