Устав

21.07.2014 10:50
Устав

Уставот е темел на една држава. Затоа темелното непознавање на неговото значење доведува до темелни грешки, а од криви темели права градба не се гради. Конечно, „фабричките грешки“ во првиот устав на суверена Македонија доведоа до конфликтот 2001 година и, се разбира, до негова промена. Непознавањето, пак, на меѓународната консталација уште претходно, под притисок на Грција, го натера Парламентот да го менува Уставот. Под власта на ВМРО-ДПМНЕ Уставот е веќе менуван, а овие најнови промени што следат само ја потенцираат ароганцијата на владејачката елита, претворајќи го највисокиот нормативен акт од државотворен во октроиран. Во случајов, значи, гарантираните уставни права и обврски не се волја на народот (на крајот на краиштата, тие не се споменуваа ниту во предизборната кампања), туку волја на владетелот и нивни подарок на поданиците.

На крајот на краиштата, ваквиот развој на настаните не би требало никого да изненади, особено ако се знае дека во Македонија речиси и да не се познава значењето на зборот „устав“, ниту во семантичка, ниту во семиолошка, а најмалку во некоја етимолошка смисла.

Речиси во сите учебници што ја третираат оваа проблематика е наведено дека зборот „устав“ доаѓа од латинскиот „constitutio“ (уредување, воспоставување), термин со кој во стариот Рим, меѓу другото, се означувале оние поважни, генеречки закони и акти. Се разбира дека зборот „устав“ нема корен во „constitutio“, иако во повеќето светски јазици овој конституитивен акт се именува со збор од овој корен. Зборот „устав“ (најверојатно) има словенско потекло, а во македонскиот јазик е влезен преку српскиот, бидејќи Србија на овие простори го има донесено првиот модерен устав и еден од првите во Европа. Тоа е таканаречениот Сретењски устав од 1835 година, со кој му се ограничуваат правата на апсолутистот Милош Обреновиќ. И името на актот е соодветно избрано, бидејќи зборот „устав“ значи брана, пречка, меѓа... Со еден збор, граница што не смее да се помине. Се разбира, од страна на власта.

Уставот, па и неговите промени, е директен производ на револуционерното и еволутивното развивање на општеството. Првите модерни устави се донесени во екот на Американската и Француската револуција. Оние устави што се донесуваат или менуваат само по волја на власта, па макар таа била избрана од народот (сите диктатури се „обожувани“ од народот), нормално се третираат како авторитарни и недемократски („Окторираниот устав“ во Кралството Југославија), и тоа без оглед на суштината на промените, бидејќи формата ја одредува и содржината. Со други зборови, одбраната на уставот секогаш значела одбрана од безграничната власт.

За начинот, суштината и содржината на промените на македонскиот устав, тука нема да стане збор. Никој и онака не нè прашува.

Слични содржини

Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења

ОкоБоли главаВицФото