За скршените и кршачите

22.07.2014 11:52
За скршените и кршачите

Вистинска драма следевме кон крајот на минатата недела околу наводното „предавство“ на претседавачот на Советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ. Од него се очекуваше во петокот да гласа за предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, односно да го напушти опозициското делување, и да ја поддржува централната власт, и со тоа да им ја предаде единствената опозициска скопска општина, што се вели „на милост и немилост“. Претпоставките дека Шиповиќ е „скршен“, односно уценет дека ќе скапе в затвор за случајот „Машинопромет“, за кој сега се брани од слобода, опасно добија на веродостојност токму поради неговите млаки и двосмислени деманти, како со изјавите дека бил разочаран од најблиските, изморен, (ама не „изгорен“), изневерен, или што веќе не.

Јасно, секое предавство е за осуда и сосема е разбирливо што опозициски настроената јавност не е склона да му прости или да го разбере. Уште помалку, човек во чија одбрана колку до вчера таа иста јавност протестираше пред суд, скандираше: „Шипо не го даваме“. Но, ако е грев некој да попушти, да се скрши и да изврши „предавство“, колкав ли е гревот на тие што така бесрамно и свирепо „ги кршат“ луѓето? Колкаво ли предавство вршат тие што велат – ако не правиш како што ќе ти кажеме, ќе одиш 15 години во затвор, можеме да го сториме тоа, судот е наш, обвинителот е наш... Ако слушаш, и да си виновен за 10 години затвор, ќе бидеш слободен – судот е наш, обвинителите се наши... Што му прават тие на човека, што му прават тие на судството, на државата, на општеството, на иднината? Тоа е најсурова форма на (политички) организиран криминал, која узурпираното судство го користи на ист начин на кој мафијата на Ал Капоне или Лаки Лучијано ги користеле своите машинки, пушки и берети. Крајно убиствено! А тоа не е предавство на партијата или општината, туку предавство на човештината!

Извор: Слободен печат

Фотографија: Ванчо Џамбаски, протест пред скопскиот суд за поддршка на Мирослав Шиповиќ, 15.10.2013.