Во потрага по тоталитарното дно

22.07.2014 13:08
Во потрага по тоталитарното дно

Рекетот е криминал што функционира како договор којшто мафијата еднострано им го наметнува на своите жртви; притоа таа на „клиентите“ им гарантира заштита, а овие за тоа плаќаат процент од својата добивка (односно толку колку што мафијата ќе побара за својата „услуга“). Се разбира, суштината на заштитата - односно разбирањето за тоа од кого всушност мафијата „штити“ - на своја кожа ја сознаваат само оние што одбиваат да платат рекет. Ним мафијата им нанесува штета доволно голема за неволните „клиенти“ да сфатат дека е поевтино да плаќаат и да го трпат рекетот, отколку да станат жртви на терор. Овој стар, семејно и патријархално уреден бизнис, секогаш дејствува на територија во чии рамки рекетот го заменува сервисот на државата, а особено го заменува државниот монопол за употреба на сила. Суштината на рекетот е, значи: мафијата ги заштитува клиентите од самата себе, прекривајќи ги со тешкото ќебе на својата татковска грижа; под тоа ќебе тие се чувствуваат безбедно и немоќно доколку редовно го плаќаат својот „пицо“, рекеташкиот данок.

Кога територијата покриена со рекет ќе се совпадне со границите на некоја независна држава, каква што е на пример нашата епска, херојска, библиска Маседонија, тогаш имаме нова форма на општествено-политичко уредување кое можеме да го наречеме (онака народски, без странски зборови) псевдо-демократски мафијашко-клептократски либерално-капиталистички тоталитаризам. Но, и овој апашки тоталитаризам, со кој владее режимот на Груевски - е сепак тоталитаризам. Тоа е една чудовишна мафијашко-партиско-полициска држава во која мафијата, партијата и државата се едно, во која економијата е фузионирана со политиката, а културата и образованието се сведуваат на инструменти на тоталитарната пропаганда. И овој провинциско-панаѓурски тоталитаризам, колку и да е бениген, смешен и безопасен (гледан однадвор), за своите жртви – за граѓаните на библиската земја – е сосем доволно застрашувачки, заглупувачки и самоуништувачки. За разлика од големите тоталитаризми од минатото, кои дозволата за самопоробување од страна на милионските маси ја добивале со помош на тешки верски и идеолошки опијати, тоталитаризмот на Груевски и ДПМНЕ популистичката подршка ја обезбедува со лесни дроги од типот на провинцискиот племенски национализам, шовинизам и етноцентризам, потоа со инфантилната самовиктимизација и пропагандното ширење колективната параноја. Бидејќи оваа каша од негативни емоции сепак не може да го заведе мнозинството, туку само малубројните генетски оштетени дпмнеовски ес-ес шуцстафел одбранбени одреди, нашиов тоталитаризам функционира според суровите мафијашки закони на масовниот рекет. Со судско-полициски и инспекциски терор режимот на ДПМНЕ на граѓаните им ја наметнува својата „заштита“, при што тие својот „пицо“ го плаќаат со сомнително добро глумената ретардираност и со совршено автентичната послушност, како и со најважното: со мирното откажување од својата слобода и од своите национални богатства во полза на главите на мафијашкото семејство.

Случајот со скопската општина Центар е антологиски пример за тоа како се однесува една мафијашко-тоталитаристичка власт на којашто купче анонимни граѓани со своето ирационално и инаетчиско однесување (да гласаат по сопствена волја!) на локалните избори одби да ѝ плаќа рекет. На целата општина и нејзините избрани претставници власта јавно веќе година ипол им врши вистински државно-инспекциски терор, уништувајќи ги плановите и животите на граѓаните на општината. Овој терор кулминираше во судско-полициски монтиран процес кога со лажно обвинување за несторен финансиски криминал беше уапсен претседателот на Советот на општината. Тој беше незаконски држан во притвор цели осум месеци, за ненадејно да биде пуштен од притвор во текот на судскиот процес, однадвор истиот, но однатре очигледно со скршена совест и декомпонирана мисла. Своето излегување на слобода несреќникот мораше итно да го оправда со незаконското ставање на дневен ред на неколку детални урбанистички планови во кои се концентрирани многумилионски бизнис интереси на државно-мафијашкиот врв. И, толку. Исходиштето од оваа државно-криминална сторија е практично неважно. Она што е важно е дека македонската јавност практикувањево на тоталитарен државен рекет го следи во атмосфера на „нормалност“. Важна е и летната тишина со која се следи аздисаната ароганција на семејно-партиската мафија додека за остварувањето на своите криминални цели јавно ги употребува органите од сите три независни уставни власти, сложно и координирано да спроведуваат рекет врз граѓаните. И, да - важна е и нашата изгазена и понижена колективна моралност, која не дава веќе знаци на живот.

Најморалната дефиниција на моралот – онаа на Кант – вели дека „моралот не е знаење за тоа како да станеме среќни, туку како да ја заслужиме нашата среќа“. Според тоа, со неморалното предавство на сопствената слобода и со покорното плаќање рекет на државно-партиската мафија, оваа генерација Македонци ја заслужи несреќата на своите потомци за долги времиња нанапред. А на оние кои мислат дека освестувањето на рекетираниот народ ќе дојде спонтано, кога ќе го допреме дното, веднаш да им одговорам: нема дно. Единствената сила која може да го сопре бесконечното пропаѓање е спремноста на саможртва во борбата за достигнување на моралноста. Против тоталитарниот режим на ДПМНЕ.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат