Мозаиците од штоф на Велко Николов (3)

22.07.2014 16:38
Мозаиците од штоф на Велко Николов (3)

КАТАЛОГ

 

1. Килим за постилање под

Битола, први децении на XX век,
310 х 315 см
Волнен штоф, ленено платно, памучна газа, јута, памучен конец, лепило
Пачворк техника - мозаик од парчиња штоф
M.M. Инв. бр. 8125

Килимот е составен од безмалу 8.000 парчиња разновидни индустриски волнени штофови, искроени во различни геометриски форми. Тие се соединети на машина за шиење, со спојни рабови во дебелина од 2-3 мм на задната страна. Опачината е поставена со цврсто, ленено, индустриско платно со жолт каро дезен на црна позадина. Просторот помеѓу лицето и поставата е исполнет со мали парчиња штоф вметнати во длабнатините помеѓу шевовите кои се прицврстени со лепило и газа. Сложената мозаична, геометриска орнаментика на килимот е организирана во централно поле и неколку бордури, во различни колоритни комбинации и со оптички ефект на тродимензионалност. Доминира пастелна гама на студени сини, сиви, зелени и бежови тонови, контрастрирани со темно-кафени, индиго-сини и црни партии.

Килимот што го изработил битолскиот кројач Велко Николов, најверојатно во првите две децении на XX век, бил сопственост на неговиот син Николa кој во 1955 година го продал на Етнолошкиот музеј во Скопје. Тој бил користен за постилање на гостинската одаја во домот на Николови и со време претрпел извесни оштетувања.

2. Килим за постилање под

Битола, први децении на XX век
350 х 345 см
Волнен штоф, памучно платно, газа, лепило, метални алки
Пачворк техника - мозаик од парчиња штоф
M.M. Инв.бр. 8124

За изработка на килимот се употребени над 6.000 парчиња волнен индустриски штоф, исечени во разни геометриски форми и сошиени на машина. Од опачината е поставен со памучен фланел од едно парче, со печатен цветен дезен. Длабнатините на опачината се исполнети со мали парчиња штоф преку кои е ставена памучна газа залепена со лепило. На една од страните се пришиени мали метални алки за закачување.

Килимот има монументална и цврста концентрична, геометриска композиција, а со вешто комбинирање на контрастни пастелни бои, целата површина создава посебни оптички ефекти. Префинетата колористичка хармонија и извонредните ефекти на тродимензионалност се постигнуваат со доминантните топли тонови на земјано црвени, окер и бежови бои, со нијанси на сивата, сината, зелената, и со темни акценти од црна и кафена боја. Колку што во орнаментиката на килимот се препознаваат елементи од старите мозаици во камен, толку тој дише со модерен дух и како да е некаков предвесник на оп-артот.

Како сопственост на Фанија Еманова, помалата ќерка на кројачот Велко Николов кој веројатно го изработил во првите децении на XX век, килимот се користел за постилање на гостинските соби во свечени прилики. Грижливо бил чуван со децении и постојано бил со семејството при честите селидби низ Југославија, поради службата на рускиот инженер Еманов, сопругот на Фанија. Го наследиле нејзините ќерки, Јелена Еманова и Лидија Николовска, кои го подарија на Музејот на Македонија во 2011 година.

3. Ловечка торба

Битола, 1915 година
Торба: 20 х 22 см, колан: 98 х 9 см
Волнен штоф, брокат, кадифе, позамантериска лента, гајтан, картон
Интарзија во штоф, шиено, преплет, машински вез
M.M. Инв. бр. 7702

Торбата изработена од темно зелен штоф и постава од зелен дезениран сомот, има пократок преклоп кој завршува со јазиче за закопчување со суста, на кое е навезена буквата К. Во горниот дел на преклопот, украсен со интарзија од шест кружни парчиња дезениран брокат, во два странични кружни отвори и еден централен овал се вметнати преплети од свилени гајтани со зелена и бежова боја. Предното парче на торбата е зајакнато со картон, а на него има нашиено џепче со преклоп и копче. Внатре на поставата е сошиено џепче обрабено со дезенирана позамантериска лента. На бочната страна на торбата, со големи украсни букви во трите бои на бугарското знаме - бела, зелена и црвена, на машина е навезен зборот „СПОМЕНЪ“. Помеѓу буквите се вметнати кругови од дезенираниот брокат.

На горниот раб на задното парче се вшиени две јамки од штоф, обрабени со гајтани, низ кои се протнува колан. Тој е направен од истиот штоф и со постава како и торбата, обрабен е со гајтани и се закопчува со две поставени копчиња. Лицето му е украсено со преплетени позамантериски ленти, гајтани и со брокат, кои се вметнати во правоаголни, овални и тркалезни отвори, а на едниот крај висат три пришиени украсни тркалца. На внатрешната страна на појасот е навезено на машина: „Споменъ отъ Битоля 21 Ноем 1915 В Николовъ“, што е датумот на освојувањето на Битола од страна на бугарската војска.

Велко Николов ја изработил торбата за лов во 1915 година. Таа е одлично сочувана и подарена е на Музејот во 2011 година од неговите внуки, Јелена Еманова и Лидија Николовска, според кои, Велко чантата ја изработил во чест на бугарскиот цар Фердинанд. Извезените натписи ја потврдуваат оваа информација.

4. Женска чанта

Битола, 1915 година
40 х 25 см
Волнен штоф, брокат од свила и срма, кадифе, позамантериска лента, картон, дрво, сусти
Пачворк техника, машински вез
Музеј на Македонија, Скопје
Инв. бр. 7701

Чантата е изработена од парчиња ткаенини, со префинета комбинација од неколку вида еднобојни волнени штофови и дезениран брокат. Зацврстена е со картон и е поставена со зелено кадифе. Исечени во ромбови, текстилните парчиња се комбинирани така што создаваат тродимензионален ефект. Како средишна декорација на предната страна се издвојува една шестокрака ѕвезда. На горниот раб, од задната страна, е поставена тесна дрвена штичка обложена со штоф, каде што е пришиена и рачката. Страните на чантата се преклопени навнатре. За затворање служат четири јазичести каишчиња, украсени со по две поставени копчиња и тракалца од брокат, кои од задната страна одат преку отворот и се закопчуваат напред со сусти.

Во чантата е сошиено џепче обрабено со шарена позамантериска лента со стилизиран цветен дезен, каква што има и на горните рабови покрај поставата. На џепчето со машина се навезени буквите Н.Ц.В. во еден ред, а под нив и буквата Н. Во десниот долен агол се навезени иницијалите на мајсторот Велко Николов.

Дамската чанта најверојатно е изработена во 1915 година, како и ловечката торба со кат.бр 3, и можеби била наменета за сопругата на бугарскиот цар - Елеонора. Претпоставката е потсилена од везената посвета на внатрешната страна којашто можеби е кратенка од зборовите: Нејзино царско величество.

Сестрите Јелена Еманова и Лидија Николовска ја подарија чантата на Музејот во 2011 година.

(крај)

Кон првиот дел
Кон вториот дел

Извор: Извор: Мозаиците од штоф на Велко Николов, Музеј на Македонија, Скопје, 2014.

ОкоБоли главаВицФото