Национален институт на македонската смрт!

23.07.2014 09:06
Национален институт на македонската смрт!

Слушам дека Македонија ќе добие „национален авиопревозник“. Убаво! Нацијата која има национална филхармонија, национална академија за пилоти, за науки и уметности, нацијата која има национална спортска арена, национална црква, национална партија за македонско национално единство, национална галерија на национални јунаци и коњи на отворено, национален музеј на националната борба за национално самоуништување, национална триумфекална капија, национални пензии, Есма национале, национални клептомани од класата нула(нд), национални лудаци и глупаци итн., нормално дека треба да има и национален авиопревозник!

Националниот авиопревозник ќе ни овозможи, почитувани читатели, почесто да гледаме како од небото паѓаат национални остатоци во форма на предмети и луѓе! Порано, кога имавме национални превозници, какви што беа, или се трудеа да бидат, „Палер Маседониа“ и „Авиоимпекс“, знаевме да уживаме и во две авионски катастрофи годишно, а сега, еве толку години поминаа, нема, брате, жив авион да падне. Само некои хелихоптери кои во своите несреќи како национални машини, во националните системи, со национални пилоти, и национални сервисери, само ги потврдуваат природните интенции на нацијата да се самоостварува како несреќа и смрт и низ националниот авионски сообраќај!

Така што, јас ја подржувам идејата на Милета! Кога ќе го бапнат партискиот секретар од Куротресино за директор на националниот авиопревозник и Силванева за шефица на сервисерите на македонските боинзи, кога певаљки евалуирани во стјуардеси ќе почнат да ги послужуваат патниците со домашна чистомакедонска ракија, кога заедно со аеродромскиот персонал, ќе дозволат опозицијата да ја остави отворена предната врата на авионот за да ѝ нанесе штета на Македонија, кога Заев ќе легне на пистата и ќе испрати пораки до меѓународната летечка заедница дека во нашата прекрасна земја авион не може да слета нормално, ние, Македонија, земја на гоцевата раса, ќе можеме да бидеме земја која престанала да се глупира шетајќи ги холандските туристи на магариња по Галичица и бугарските туристи врз смртоносните бродови по Охридското езеро и ќе прераснеме во гигант кој има каде да ги седне сите тие посетители на нашата света земја, на едно или две убави места од кои луѓето ќе можат да ги гледаат и снимаат авионските несреќи во Македонија! Ако некој од ДУИ, во меѓувреме посака да пилотира - уште подобро!

Тој прогрес веќе е остварен во националното правосудство така што секој што сака да сними како изгледа лицето на невиниот човек по изрекувањето на пресудата од 4,5 или од 13 години затвор или на ситниот криминалец, кој само што дознал дека му опнале доживотна робија, може да почека десетина минути пред скопјангските судници и еве му феноменални фотки од земјата која ги има исполнето сите услови да оди у курац ама непринципиелниот, ирационален став на јужниот сосед, за жал, ја блокира!

Или ако сака да сними како глупите фаци на националните пратеници, во националниот парламент, се мачат, чиреви како луѓето добиваат на дебелото и на другите црева во глупата глава, кога размислуваат како да го променат уставот што по наредба од иницијаторите на промените, не го ебат ни под разно?!

А може да се фати и изразот на некоја родилка чие бебе не успеало да ги сфати националните реформи, во националното здравство, на националниот министер!

Целата таа национална шема јас ја доживувам како магнетна резонанца на македонското самозалажување, на културата на самозалажувањето, на самоубиственото саморазбирање што ги донесе вмро и како дрога му ги пушти на простиот народ! Сè е неподносливо шупливо, во рационална смисла непотребно и одвишно, а во оперативна смисла, крајно опасно! Што ќе ѝ е на Македонија филхармонија! Кога Виенските симфоничари би можеле да ги слушаме еднаш годишно. Или Берлинските. Колку треба да си луд и оптоварен за да смислиш национална академија за пилоти, за науки и уметности, за фризерај и за гитара ми е појасно! Или национална арена „филипчо втори“ за Цеца и Жељко! Спорт, нема! Како што црквите печурки на онаа несреќа од таканаречен архиепископ, Стефан, немаат каква било друга функција освен ширењето на православната религија на бесмислата и глупоста! Никаде не можете да умрете полесно и побезвезе отколку во некоја или пред некоја или од некоја национална институција. Макар и од срам!

Така што јас очекувам дека многу скоро ќе се отворат и национална агенција за атомска енергија и национална агенција за транспорт на преостанатата нормалност од Македонија во непрегледните пространства на длабоката вселена!

Извор: Глобус, 18.07.2014.

Слики: Свирачиња