Marvellous трилогија

23.07.2014 11:06
Marvellous трилогија

Урбаниот англомерат Мелбурн е во полн ек од неговата урбана и современа трансформација. Масивен и простран на дури 100 квадратни километри, постојано се надополнува и го усовршува своето физичко постоење. Во наредните неколку броеви на „Порта3“ ке се обидеме да дадеме осврт на неговата урбана структура и на тој начин да ги доловиме позначајните архитектонски остварувања.

„Таму долу“ во земјата, како што милуваат да ја нарекуваат Австралија, Мелбурн се простира на југоисточниот агол во областа Викторија. Најголем финансиски центар, кој освен што е главен град на областа, е и втор по големина град после Сиднеј, кој му го зема приматот по бројноста на населението во седумдесеттите години од минатиот век. Создаден е по текот на реката Јара во средината на 19 век, без позначајна историја, но се развива многу брзо, благодарение на големите пронаоѓалишта на злато во тој период. Тоа е и причината поради која се населуваат голем број емигранти од Европа и Азија. Првичното јадро, таканеареченото Hoddle grid, го поставува тогашната британска колониска администрација во 1837 година, и претставува матрица врз која понатаму ќе се развива идната метропола.Тоа е шаховска решетка со димензија на правоаголник од 1.600x800 метри. Градот почнува да се шири на исток следејќи ја реката сè до Dandong Ranges, и на југоисток каде излегува на заливот Port Filip и ја следи реката Maniboning. Со неговиот пораст, се редат и позначајните градби: Queen Victoria women centre (1848), Flinders station(1854), State Library (1854), Parliament house (1856), St. Michael church (1866), Melbourn Town hall (1880), St. Paul cathedral (1880), Supreme court of Victoria (1884), Captol house (1921), Manchester units building (1929) и ред други.

Денешен Мелбурн е поделен на 30 општини, меѓу кои спаѓаат и трите централни администрации: City of Melbourne, Portphilip City of Yarra. Токму преку овие три општини ќе се обидеме да ја доловиме врелината и убавината на метрополата. Иако блиски една на друга, како урбанитети тие видно се разликуваат, и со својата оригиналност и посебност создаваат посебен стимуланс во живеењето на градот. Нашето движење би започнало од Central Melbourn, каде би ги издвоил најзначајните предградија како CBD, Carlton, Dockland и зоната околу West Melbourn.

Централниот бизнис дистрикт (ЦБД) е доста динамичен, дотеран, хистеричен во исто време. Проаѓајќи низ неговите широки улици се чувствува летечка возвишеност, чувство на некој дострел од нашето време, кое нè прави чувствителни кон огромните висококатници, елегантна измешаност и чистота. Масата од луѓе постојано нè носи од семафор до семафор, и нè внесува во дневниот транс на урбаната џунгла. Овој дел го карактеризираат големите седишта на мултинационалните компании, кои преку катната висина се натпреваруваат за својот престиж. Огромни шопинг центри, познати светски модни брендови, улични свирачи, мирис од најразличните take away ресторани кои го импровизираат вкусот на разноликоста од раси и култури, но и добро познатите прехранбени синџири, кои ни ја потврдуваат и англосаксонската култура. Градилишта има насекаде и со огромната механизција ја доловуваат врелината со која се гради.

Северно од ЦБД се протега Carlton, населба создадена од италијански и еврејски имигранти кои до денес ја имаат задржано специфичноста преку својата култура. Областа е позната и како Little Italy, поради нивната бројност. Со една мала прошетка по должината на Laygon street може да се вкусат најдобрите италиjански пици и тестенини и, секако, да се испие оригинално еспресо, со бучавата на претежно сицилијанскиот дијалект. Се забележува значително раздвижената младина, бидејќи се наоѓаме и во близината на универзитетската зона. Доста воочлива е викторијанската архитектура, од периодот на златната треска, кога впрочем и се создава предградието. Таа автентичност духовно ги исполнува улиците.

Од овде користам јавен превоз, изнајмувајќи велосипед кој на најдобар начин ме внесува во градскиот метеж. Заштитна кацига е задолжителна и со јатото останати бајкери се насочуваме кон југ. Преку Laygon street се упатуваме кон Bourke street и го следиме правецот сè до излезот на марината, каде е сместен новиот Dockland. Тоа е сосема нова населба која се развива постепено во последните десет години, на местото на поранешната Victoria harbour. Изградена е доста луксузно со висококатници од резиденцијален и комерцијален карактер и е значајно голем зафат на водечките компании со недвижности. Доловува висок квалитет на живот и стандарди, меѓу другото и затоа што во голема мера го следи брегот со прекрасните пејзажни погледи кон заливот на реката Yarra и елегантното пристаниште со луксузните јахти. Во тој дел се наоѓаат и неколку позначајни градби кои подетално ќе ги разработиме во наредните броеви: Седиштето на Nab, Dock5, Webb bridge, Tower5 и 1001 La trobe street. Она што му дава карактеристика на овој дистрикт се огромните изобилства на урбан пејзаж и арт инсталации кои во вид на најразлични форми се протегаат речиси низ целиот воден фронт. Тоа претставува одлична интервенција и комуникација со заливот надополнет со прекрасни урбани елементи, мостови, паркови, игралишта, модерни скулптури, површини за релаксација и што уште не. Дел од уметниците што интервенираат преку своите дела се: Silence (Adrian Maurick), Cow up a tree (John Kelly), Anchor (Neil Dawson), Blowhole (Dunkan Stemer). Докланд е во развој и, за жал, сè уште не се чувствува голема раздвиженост како во другите квартови, но ете, сите се надеваат дека ќе заживее штом целосно ќе се догради.

Го враќам велосипедот на една од попатните сервисни станици и продолжуваме да се движиме со јавниот превоз, кој претежно се состои од трамваи и отворено метро. Доста е ефикасен и точен со многу информации скоро на секоја постојка. Многу е пријатен додека се користи, затоа што го прикажува мелбурнското секојдневие, исполнето со хаотични флукси на луѓе, кои постојано некаде итаат. Најдобар начин за да се забележи нивниот карактеристичен начин на облекување, со backpack, штрумф капи и најразлични стилови на карирани модни детали. Најинтересни се тинејџерите, што многу често можат да се видат облечени во кратки ракави и флип-флоп на температура од 5 степени Целзиусови. Прекрасна е и глетката од секакви раси, кои се до толку измешани што тешко би можело да се процени нивниот идентитет, а сепак комуницираат на перфектен ози акцент.

Од стадионот Etihad преку Cross station се упатуваме до Флиндерстрит за од таму да се префрлиме во Yarra mynicipality. Од Yarra го избрав како најкарактеристичен квартот Fitzroy. Нешто сосема спротивно на централниот дистрикт, како антрополошки така и физички, со ниски историски куќи во викторијански и едвардијански стил и бохемиска распространетост по улиците. Типична енклава на алтернативни движења каде е возможно да се најде буквално сешто. Од продавници handmade, фризерски салони уредени ad hoc, претежно со стар користен мебел, гаража која се користи како продавница за чевли, фабрики претворени во пивници и ресторани од секаков вид (типични и атипични), социјални клубови. Севкупниот амбиент надополнет е со street art, мурали и бројни уметнички галерии, од каде нè раздвижуваат звуци со психоделична алтернативна музика. Можеби за тоа најдобро сведочат доста авангардните музички групи Corse ov dialect, Brothershandmirror, а ќе ги споменам и најпрославените Architecture of Helsinki. Corse ov dialect се мултикултурна група на политички рап со етно музички миџ на хип-хоп основа. Составена е од Малтежанец, Пакистанец, Индиец и Македонец. Нивниот хит Bury me slowles, најадекватно може да ви го претстави овој урбан кварт. Шетајќи низ споредните улици може да се откријат доста примери на квалитетна архитектура. Ќе ги набројам резиденцијалните проекти, како што се 32Kerr, Abito, а и Musei of Melbourne.

Движејќи се кон Portphillip municipality внимание ни привлекуваат иконските градби, кои веќе се длабоко навлезени во ДНК на градот: Melbourne recital centre (2008), National Gallery of Victoria (1960), Arts centre Melbourne (1984) и секако Federation square (2002), интервенција по повод 100 години од обединувањето на Австралија. Продолжуваме во правец на St.Kilda. Ова предградие е еднa од главните туристички атракции, благодарение на својата близина до центарот и живописните плажи кон заливот Portphilip. Последните години е во преродба и е перфектно место за излегување. Ветерот нè носи, тука е и мирисот на океанот. На сите страни се гледаат кит сурфери кои уживаат во разбрануваната вода, луѓе легнати долж плажата и врвулица од пешаци кои уживаат движејќи се по променадата што се простира во недоглед. Прекрасното зеленило и типичните палми ја збогатуваат целокупната слика. Се спортува насекаде и луѓето се во одлична форма. Следејќи го корзото кон внатрешноста, покрај Okland I Fitzroy street се забележуваат неверојатно полните кафулиња и ресторани, а може да се ужива и во најзначајниот луна парк што се наоѓа таму. Тоа на што вреди да се обрне внимание се и Edgarwater tower (1959), Palais theatre (1927) и Princes Pier (1916).

Се враќам седнат во автомобил на десната страна и ја вклучувам радио станицата ПБС (106,7ФМ), провајдер на независна и алтернативна музика. Јурејќи низ улиците, ја доживуваме целата фузија на Marvellous Melbourne.

Извор: Порта 3, 24.08.2012.

Слични содржини

Јавни простори / Живот
Јавни простори
Јавни простори
Општество / Активизам / Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото