Дознал дека се чита и на друго место освен на плажа

23.07.2014 14:50
Дознал дека се чита на друго место освен на плажа

Скопје, 23 јули 2014

24-годишниот Сотир Пандиловски од Скопје се изненадил кога, штотуку вратен од одмор, на клупа во градскиот парк забележал човек кој чита книга.

Сотир вели дека првпат гледа човек што чита книга, а не го прави тоа на плажа, па помислил дека човекот се игубил или халуцинира.

„Веднаш пријдов до господинот, да проверам дали му е добро. Претпоставував дека халуцинира и замислува дека се наоѓа на плажа, па помислив да викнам брза помош. Кога се обидов да го освестам и да му објаснам каде се наоѓа, тој само ме избрка, а службата за итна помош ме игнорираше“, раскажува младиот Пандиловски.

Тој објаснува дека рекламните слогани на издавачките куќи кои ги повикуваат потрошувачите да читаат на плажа го увериле дека плажите е единствено место за активност од таков вид.

„Лично не сум видел некој да чита на клупа, во кафуле или во автобус. Ми раскажувале дека некогаш се правело тоа, но таквите приказни ги примав со резерва“, вели Сотир, и додава дека и самиот не читал на друго место, освен на некоја од плажите, за време на летниот одмор.

Пандиловски смета дека за да се развие читачката култура кај македонските граѓани, потребно е тие да можат да си дозволат што подолг летен одмор.

„Тешко е да ја прочитате Војна и мир или Човек без својства за десет дена, па ограничени сте на новели, кратки раскази или можеби поезија. Но, добро е што постојат и градските плажи како резервна опција“, заклучува 24-годишниот библиофил.