Во одбрана на Марија Антоанета и против новинарските клишеа

24.07.2014 09:07
Во одбрана на Марија Антоанета и против новинарските клишеа

Во денешно време изјавите кажани пред микрофоните и камерите многу брзо застаруваат и се претвораат во клишеа. Нив, по правило, потоа никој повеќе не сака да ги користи. Индикативен пример за ова е мартовската изјава на американскиот конзервативен сенатор, Џон МекКејн, кажана по руската окупација на Крим. Сакајќи да го опише главниот глобален американски конкурент во не многу убаво светло, МекКејн рече: „Русија е бензинска пумпа маскирана како држава!“ Проблемот настана откако овие неколку зборови во период од само 3-4 дена МекКејн ги повтори толку многу пати (само на ТВ гостуваше на 6 утрински емисии во еден викенд) што реченицата, веројатно смислена од некој амбициозен советник во неговиот кабинет, многу бргу се претвори во клише заради што сенаторот беше исмеван во комичните вечерни ТВ шоуа во земјата.

Но, ако овие негови зборови ја оптегнуваат вистината (точно е дека производството и извозот на гас и нафта претставува најголема ставка во рускиот БДП, но таа сигурно не е „бензинска пумпа“), има и такви клишеа кои постојат 225 години, повторени се илјадници пати, но никако да застарат. Дури и кога се невистинити.

СЛАТКИ И КОЛАЧИ – „ДЕМОКРАТСКА“ ВАРИЈАНТА

Наводната изјава на последната француска кралица Марија Антоанета, за која се вели дека рекла „ако немаат леб зошто не јадат колачи“, кога дознала дека толпа се приближува кон кралската палата на Луј 16-ти во знак на протест заради недостиг на леб, е токму таков случај. Овие неколку зборови безброј пати се користени низ историјата со цел да се илустрира нечија отуѓеност од остатокот на светот, себичност и незаинтересираност за маките на обичниот човек. И не само за тоа.

Во архивата на time.mk оваа изјава ја има барем 100 пати во најразличен контекст и тоа со цел да се илустрираат или засилат секакви тези. Последен пат ја употреби Ивица Боцевски (и тоа цитирана сосема погрешно) во својата најнова полемичка колумна околу објаснувањето на суверенитетот, при што на лицето со кое дебатираше (Сашо Орданоски, инаку соработник на СПФМ) му ги налепи токму лебот и колачите (погрешно цитирани како „слатки и колачи“), обвинувајќи го посредно за отуѓеност во однос на сфаќањето на суверенитетот и тоа иста онаква каква што ја имале аристократите пред Француската револуција и на исто ниво како наводно искажаната реченица на Марија Антоанета:

„Според неговото разбирање (на С.О. н.з.), Томас Хобс, Џон Лок и Жан-Жак Русо се популисти, а Уставот на Америка и француската декларација за човекови права се популистички документи. Веројатно монархистите и клерикалците што биле современици на овие филозофи и на овие документи ги разбирале овие нови струења како популистички импулси на толпата. Ништо подобро не ја опишува оваа состојба на свест на тогашната аристократија од еден од најпознатите одговори во историјата на човештвото „нека јадат слатки и колачи“ на Марија Антоанета. Таа така одговорила кога ѝ рекле дека народот протестира затоа што нема леб за јадење. Не само тоа, туку теоријата на општествениот договор и 'народниот суверенитет' се критикувани од реакционерните мислители од тој период како пориви на необразованата, валкана и проста толпа за рушење на божјиот поредок на Земјата.“

Ете како обичен мит и по 225 години постојана употреба станува „еден од најпознатите одговори во историјата на човештвото“.

За чудење е во каков сѐ контекст е користена реченицата за лебот и колачите само во земјава последните 10-15 години. Еве неколку примери. Вечер во 2005 година оваа изрека ја има искористено за постапката на тогашната градоначалничка на Општина Центар, Виолета Аларова да ја поврзе со Марија Антоанета, но овде тоа е направено во позитивен контекст – затоа што донирала колачи во две народни кујни. Истиот весник оваа изрека ја искористи и лани за да илустрира повик на Агенцијата за храна на Обединетите нации за јадење инсекти, а на 6 јули лани, пак, пратеникот на опозицијата, Благоја Стојановски, оваа реченица ја искористи за да ја потсети власта на неславниот крај на Марија Антоанета и Луј 16-ти на гилотина, завршувајќи го своето излагање со зборовите: „Затоа мислете му ја понатаму!“ Сепак, реченицата најмногу се користи кога има поскапувања на основните животни продукти, но и кога некој уредник ќе добие посебна „инспирација“ и ќе стави наслов од типот: „Купуваме повеќе колачи, помалку леб, како што рече Марија Антоанета“, потхранувајќи го и понатаму клишето, кое никако да го снема.

ЛЕБ И КОЛАЧИ – „АРИСТОКРАТСКА“ ВАРИЈАНТА

Проблемот со оваа нашироко цитирана реченица, покрај употребната изветвеност и клишеизираноста, е што никогаш не е кажана од страна на Марија Антоанета. Википедија има цела страница со наслов „Дајте им да јадат колачи“ посветена само на овие неколку зборови од каде јасно се гледа дека авторството на овој „бисер“ на Марија Антоанета не може да ѝ се припише, зашто реченицата е запишана уште пред нејзиното доаѓање на дворот на Луј 16-ти од страна Жан Жак Русо, во неговата автобиографија „Признанија“ во која и онака има премногу невистини и слободни интерпретации на реалноста. Првите 6 книги од „Признанија“ се напишани во 1765, кога Марија Антоанета имала 9 години, а книгата е издадена во 1782, односно 17 години пред Француската револуција. Енциклопедија Британика со ова воопшто не се занимава, туку едноставно вели дека станува збор за „легенда“ и толку. И во познатиот биографски холивудски филм за Марија Антоанета во режија на Софија Копола, каде што главната улога на француската кралица ја игра Кирстен Данст, оваа реченица е едноставно изоставена. А, со оглед на тоа што на сите нам ни е јасно дека Холивуд во никој случај не би изоставил ваков нашироко познат, филмски „сладок“ и податлив момент во една историска хит драма, тогаш навистина може да се каже дека станува збор за мит.

Во секој случај, ваквата реченица многу добро им дошла на лидерите на Француската револуција, кои весело ѝ ја припишувале на Марија Антоанета и тоа особено што една година пред револуцијата во Франција навистина се појавил недостиг на брашно. По револуцијата, и покрај тоа што изјавата им е припишувана на најразлични жени од француската аристократија, легендата сакала таа да биде запомнета како реченица токму на Марија Антоанета. Оттука, пак, од идеолошки причини, подоцна ја преземаат комунистичките лидери за таа да се шири и повторува преку образовните системи во земјите од поранешниот социјалистички блок и со тоа погрешно да ја запомниме до ден денешен. Ако прашате кого било, кој основно и средно училиште учел во социјализмот во Македонија, шансите се големи дека ја знае оваа изрека и дека неточно ќе ѝ ја припише на Марија Антоанета.

ЛЕБ И КОЛАЧИ - „КОМУНИСТИЧКА“ ВАРИЈАНТА

Имајќи предвид дека овој мит е наголемо ширен од комунистичките властодршци ширум социјалистичките земји, комплетна иронија е кога Боцевски, исто во својата колумна, давајќи критика на комунистичката идеологија и владеење, поистоветувајќи ја со аристократските ставови (зашто ни едните ни другите не можеле да го прифатат новото сфаќање на суверенитетот, кој повеќе не произлегува ниту од кралот, ниту од „диктатурата на работничката класа“), станува несакана жртва на агитпропот на комунистите на кои толку сесрдно им се спротивставува. Но, тука е проблемот со клишеата, кои покрај тоа се и митови. Еден ваков митски комунистички рецидив (со оглед на тоа што до нас е стигнат преку повеќедеценискиот агитпроп на поранешниот систем) не може да биде надминат ако не се провери неговата веродостојност. Напротив, тој дури и се претвора во „еден од најпознатите одговори во историјата на човештвото“, за каков што го опишува Боцевски.

Настрана доказите, туку ајде за момент да размислиме здраворазумски и објективно. Можно ли е навистина некој, кој и да е, да биде дотолку отуѓен, па кога ќе чуе или ќе види дека толпа демонстранти се приближува пред кралска палата, барајќи леб зашто е гладна, да не биде свесен и да не знае дека тие луѓе секако немаат ни колачи? И тоа, внимавајте, ова се случува во 1789 година, пред 225 години, кога речиси целото човештво било рурално, врзано за земјата и кое многу подобро од нас денеска знаело од каде доаѓаат и што сѐ содржат лебот и колачите. И тоа особено ако се има предвид дека тие, за разлика од денес кога ги купуваме од продавници и немаме поим кои сѐ состојки влегуваат во нив, тогаш се приготвувале во домашните кујни од состојки кои им биле познати на сите.

Да не говориме, пак, за стереотипот за кралицата кој се шири заедно со оваа реченица, а кој нема врска со реалноста. Марија Антоанета во 1775 година, исто така, година на недостиг на брашно кога во Франција имало нереди (период познат како „Војна за брашно“), испратила писмо до своите роднини во Австрија во кое се вели:

„Сосема е сигурно дека кога ќе забележиме како луѓето добро нѐ третираат и покрај својата сопствена несреќа, ние се чувствуваме обврзани да работиме уште посилно за нивната среќа. Кралот, исто така, сосема го сфаќа овој факт.“

Некој што има нијансирано чувство и познавања за потребите на народот во околности на недостиг на брашно, сигурно нема да повика на јадење колачи и тоа 13 години подоцна.

Новинарските клишеа се како стари удобни кошули кои сме навикнале да ги носиме и за кои знаеме како ќе се чувствуваме уште пред да ги облечеме. Но, тоа не значи дека треба да продолжиме да ги носиме и откако ќе ни се отпараат шевовите и ќе почнат да се појавуваат дупки. Таков е случајот и со ова клише. Неговиот застоен мирис нема потреба и понатаму да ги труе страниците на весниците и компјутерските екрани, кога прикажуваат написи од новински портали. Ова претставува уште поголем императив кога кошулата не е ни вистинска, туку е имагинарна и претставува мит – исто како што реченицата за лебот и колачите, припишана на Марија Антоанета, е имагинарна и производ на моментални политички околности и со векови или со децении застарени и застоени пропаганди.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Elisabeth Louise Vigee Lebrun