Три чина, злостор и вина

24.07.2014 12:27
Три чина, злостор и вина

Длабоко во просториите на една висококатница чии ходници немаат стакла, целосно изолирани од градскиот сообраќај разговараат младиот писател и неговиот лектор.

„Никогаш не сум го разбирал правилото дека не се започнува реченица со И. Особено не можев да си го објаснам тоа утрово. Пишувањето за мене претставува обраќање. Обраќање на оној што има да соопшти нешто кон оние што се љубопитни. Зарем не е најдобриот начин да пренесеш идеја или порака во формата која ја замислуваш пред да ја запишеш? Денес имав силна желба да разговарам со читателите, но никако да го започнам тој процес, поради борбата со граматичките правила. Се придржувам до правилата и кодексите, сè до оној момент кога ќе насетам дека стануваат препрека за мојата слободна волја или мисла. „Не, Волтер! Не сум ниту анархист ниту било каков вагабонт. Токму напротив, јас сум непоправлив етик. Но, правилото за И не сакам да го прифатам...“

По овој емотивен исказ на младиот автор просторијата се исполни со молк. За лекторот решение е да преточи малку вињак во кристалната чаша со испрекршено дно што дополнително ѝ го истакнува сјајот. Го пие во големи голтки, без мраз. А во мислите на неговиот клиент - нешто сосем друго. Се манифестира преку оросено чело и брзи движења со очите. Веројатно тој воопшто не сака да ја пренасочи енергијата во продуктивен разговор. Сакате да чуете што понатаму?

„И повторно ме обзема тоа чувство. Чудна мешавина од носталгија кон некое непознато време и место, а сепак егото ми се прелева во одаите на Мнемозина. Се враќа назад како креативен нагон. Блага тензија во градите и мало затегнување на грлото. Тоа е моментот на вдахновение, бидејќи секогаш завршува со идеја. Имаш ли слушнато за моменти кога музите со своите моќи го даруваат уметникот? Отсекогаш го замислував како пријатен и пред сè свет момент. Но, добро, се навикнав, сепак сум млад Волтер. Бездруго, имам чувство дека некој бдее над градското небо и по малку експериментира, а јас кокетирам со ќерките на божицата на сеќавањата. И нема зошто да ти се правдам, јас сум убеден дека не сум за на психотерапија. Едноставно, таков е градот во кој живееме. Единствениот начин да бидеш среќен е да се нурнеш во мислите далеку од мизеријата. Зошто мизерија? Тука сè уште се вреднува снаодливоста. Овде има цели семејства што живеат од игри на среќа. Вашите жени се добри во томбола. Во мојот крај е поинаку. Таму интелектуалците преживуваат продавајќи го своето семе на вљубени феминистки. Ми префрлаш дека премногу сериозно ги доживувам работите? А како воопшто би доживеал нешто ако немам сериозен пристап кон него? Не велам дека е лесно ниту пак дека е единствениот начин. Токму со овој исказ, инспириран од мојот омилен Фром, те доведувам до содржината која ми создава мака. Јас не можам да изберам. Понудата е шаренолика и згора на сè, сè е релативно.

Дали јас сум полудел или веќе сè е изместено? Дека некој сфатил што е целта на постоењето чисто се сомневам, но би се согласил дека постојат утешни теории во кои може да се верува. Можеби повеќе не треба да размислувам за коренот на егзистенцијата, бидејќи гледајќи ги сограѓаните како итаат низ животот се поставувам себеси како предмет на анализа. Еве, дете сум на номади па можеби затоа пливам во морето на бесконечните прашални форми, но зошто толку потреба од одговори кога и без тоа кренав раце од системот веќе во трето одделение? Сум ти раскажувал за ова? Уште во прво одделение сфатив дека е доволно да дигнеш прашина околу тоа дека си прочитал сликовница од петнаесет страници за да те гледаат како чудо, а притоа никој не погледнува во сликовницата и да забележи дека во неа нема ниту текст ниту каква било порака. Да, излажав и бев херој на денот!

Како воопшто коегзистираме? Тие постојат и ја имаат нивната перцепција, а јас како излезен од канализацијата на главниот град се обидувам да егзистирам прилагодувајќи се на нивните принципи. И, што е најстрашно, моите сограѓани навистина го разбираат светот како натпревар помеѓу народите и културите. Веќе не знам од што повеќе да се плашам. Дали од дијаграмот на синхроницитетот кај Јунг или да ја зборувам мојата вистина по телефон затоа што сè се слуша!“

Дијаграм на синхроницитет

Авторот не ни забележа дека Волтер веќе ја држи слушалката во раце повикувајќи му такси возило. Само малку подзастана и потоа продолжи:

„Мајевтика! Цел ден ми кружи низ митохондриите овој збор. Арно сумирал Сократ - вештина на породувањето. Денес ја имам една од појаките главоболки, а ги редам зборовиве небаре сум добил лотарија од музите. Ако си го поминал детството изолирано во подрумот на Фрицл во првиот момент кога ќе бидеш сведок на породување ќе мислиш дека се работи за лишување од животот. Многу пискотници, крв и на крајот плач. Ако наместо крв ме боли глава и викотниците ги заменам со зборови од што ли ќе произлезе плачот? Веројатно од телефонски повик од интернационалниот издавач.“

Ало, Ало...господине дали можеби сакате да го откажете повикот, бидејќи колата веќе ве чека?

„Не, во ред е. Господинот веднаш ќе се упати кон вашето возило.“

Со овие зборови Волтер се ослободи од ова конфузно, веќе возрасно момче и си вети дека повеќе нема да соработува со него. Иако талентиран, сепак е презаситен од секојдневието што го искажува во доста агресивна форма и најверојатно целосно ќе ги зацементира своите креативни квалитети.

Чин втори

Во таксито го пречека ведро расположен шофер. „Интересен капут момче. Не ги изработуваат повеќе вака. Како од мое време е.“

„Синдромот на 'друго' време е проклетството на секоја генерација возачу. Приказните од туѓото, веќе изминато време се далеку помагични. Мечтаам за атмосферата во култните локали, бедрата на познатите девојки како Kети и Нена, слогата на дебармаалците и сленгот на мангупите од Маргер. Некои од сограѓаните со гордост ќе раскажуваат и за сегашните случувања, но без колебање тврдам дека во денешно време се забавуваат само светските провинцијалци. Каде и да одат никаде не се вклопуваат, тие се само импресионирани од сè. Нивното множество 'Сè' е вулгарно, материјално, модерно, механичко, а сепак се заснова на духовното. Но, кој од нив го гледа тоа навистина така. Не е дека сега нема среќни луѓе, меѓутоа среќата не е својство на моменталниот колектив. Секој знае да сака кога е на само.“

Злостор

Само што ја тресна влезната врата, заврна. Неподносливиот притисок од ниските облаци што демнеа над градот очигледно беше манифестација на нејзиното нетрпение додека го чекаше да се врати. Таа мека, усвитена и накострешена за парење, а тој е среќен дека џемперот што го носи повеќе впил мирис на миризливо стапче што го запали на помошните скали во зградата отколку на канабис сатива. Докторката Фатбардха конечно го краси неговиот дом со нејзиното присуство, но тоа го посакуваше многу повеќе отколку пред да стане реалност. Терапија, таблети, разговор и ете толку од дијагнозата за наводна дисхармонична посттрауматска меланхолија. Тој одеднаш супер, а таа веќе во улога на гладно и осамено маченце во светот на индустриска револуција и високи цилиндри. Кога има девојка сака да е сам. Кога беше сам авторот чувствуваше празнина. Не е дека не знае што сака. Веднаш ќе ви дадам одговор: сака да е задоволен!

- Се договоривте со Волтер?
- Да, маченце...
- Мммм... дојди да те бакнам. Пак си пиел?? Миличко, нели ти реков дека апчињата не делуваат ако пиеш алкохол?!
- Зарем мислиш дека некогаш и ми делувала таа терапија?
- Па веќе подолго време немаш кошмари!

Ах, по кој пат треба да објаснувам дека тоа не се кошмари туку дејствија кои се одвиваат во една друга реалност многу поприродна од оваа која е лажна, програмирана, ограничена, окупирана од суштества кои се дават во океанот на туѓите грешки за и тие да згрешат и сè се врти така во круг додека вие несвесните удобно вкоренети во системот паразитирате, тотално нарушувајќи го космичкиот концепт!

- Боби, злато. Те молам, смири се...
- Кој Боби? Што е тоа Боби? Не ми треба назив, јас не сум лик, јас не сум индивидуа. Јас сум месечината, јас сум природата, јас сум пиштолот во мојава рака. Јас сум сè. Сè Е едно!!!

На подот се струполи телото на Фатбардха. Наместо да извира со надеж која ги плени сите осамени момчиња на Светот, од неа извираше темна крв.

Чин трети

Некаде од црната темница надоаѓаа звуците на овие мисли:

„Исто така нешто што не можам да го разберам кај моите сограѓани е како можат да им забележуваат на некои автори - зошто пишува за ова или зошто пишува на овој начин? Едно ќе им порачам: краснописот постои за субјектот на полесен начин да добие одреден исказ со апсолутна точност, додека стилот е одлика на извонредниот радикален субјективизам. Следствено на тоа, јас имам стил. Ако ти се допадне, тогаш величај го моето дело па макар и да си само еден! Јас не пишувам за да ти го разубавам денот туку пишувам, бидејќи веќе сум го престигнал интензитетот на вибрации во дадената стварност - одиме на следно ниво.“

Додека сè уште одекнуваше ехото од последната самогласка веќе навираа нови мисли:

„Ми се чини дека жетвата веќе започна. Да, точно е. Ентитети од галактичката федерација на Едното си играат комисија која одредува кој кога е спремен/реализиран за трансфер во уште поубав свет. Ете се случи и тоа. Признавам! Признавам дека приликите и проникнувањата во овој свет знаат да биде убави, но сограѓаните ја загубиле свесноста за себепостоењето. Тие го гледаат само светот и се зафатени од неговиот ураган. Кога сè уште би ја имале самосвеста односно способноста да се видат себеси во светот тогаш ќе почнат да ги анализираат своите постапки. А вака е се попусто...“

- Па, добро, господине зарем сите треба да размислуваме толку непотребно аналитички?
- Извинете а кој сте вие? И што барате во мојата глава!?
- Не сум во вашата глава туку седам покрај вас. Врзани ви се очите а исто и рацете. Затоа сè што гледате е пуста и ладна темница.
Гозеде болничкиот картон и продолжи:
- Име: Боби Динев, убиец!
Дијагноза: Не е запишана бидејќи ги имате сите психички нарушувања.
Терапија: Во неограничени количини...
- Во ред, но зошто го прочита зборот убиец?
- Нормално е што не се сеќаваш. Инаку синоќа ја уби својата љубовница, докторката Фадбартха. Јас целосно те разбирам. Можеби не те оправдувам што така импулсивно реагираше но што е сторено, сторено е.
- Претпоставувам дека сте полицаец и применувате социопедагошка тактика врз мене?
- Не сум полицаец и ги делам истите заклучоци со тебе, барем оние антропоцентричните. Не постои пекол! Затоа имаш лесна рака за убивање. Знаеш дека повторно ќе се вратиш на планетава. Така е веќе бесконечно пати. Цикличниот принцип трае сè додека не ти дојде умот за да живееш примерен живот и да се запознаеш со падините на четвртата димензија.
- Можеби Ате, Божицата на вината ќе биде мојата нова докторка?
- Не би знаел, автору! Јас само ја демонстрирам мојата способност да ги читам туѓите мисли.

Насловна слика: Harriet Lee-Merrion

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото