Глобење на хонорарите

25.07.2014 11:10
Глобење на хонорарите

Суштината на популизмот, исто како и суштината на кичот или шундот, е тоа што на прв контакт ви остава благопријатен, полезен впечаток. Ако е барок, ви изгледа сладуњаво, разиграно, ако е песна ви се чини певлива, а ако е некоја кич политичка одлука, ви се чини доблесна и многу логична. Проблемот настанува кога малку над неа ќе се задлабочите.

Изгледа така ќе испадне и со неочекуваната, а драматична новина за хонорарците да се плаќаат давачки за социјално и пензиско осигурување, исто како и за редовно вработените. На прв поглед, идејата е супер - зошто мора да има хонорарно вработени, сите нека бидат пријавени! Така ќе се намали бројот на невработени во бирото, а луѓето ќе имаат сини картони и поголема социјална сигурност.

Сето тоа е прекрасно, сè додека не излезе на виделина кој ќе ја плати цената на овој „бесплатен ручек“. Државата не, таа само ќе инкасира дополнителни пари од стопанството. Газдите и фирмите нема да измислат нови фондови за плати, само ќе ги пренасочуваат. И тоа по правило врз грбот на хонорарците, сечејќи го или нивниот број или нивните хонорари. Значи, цехот ќе го платат хонорарците, истите тие во чие име и за чија корист наводно се носи новината. Бројот на невработените во евиденцијата може да се намали, но во реалноста да порасне. А кој ќе биде виновен за тоа? Нормално, работодавците. Одлично, значи не сме ние - вели на ова популистот и го „турка“ законот низ полупразното Собрание.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња