Бескомпромисна одбрана на човековите права

26.07.2014 10:08
Бескомпромисна одбрана на човековите права

Младите во Македонија денес немаат многу шанси. Како тоа? Владата е составена од млади министри, меѓу кои има и неколку чие прво работно место е токму министерското. Програмата на владејачката партија е преполна со параграфи за и околу младите. Се воведоа низа мерки за стимулирање на вработувањето на младите. Се прават огромни зафати во областа на образованието, спортот и културата. Се гради трицифрена бројка спортски терени. Се регулира младинското организирање повеќе од кога и да е.

Ова би бил типичен одговор на апологет на владините политики. И такви апологети, прилично жестоки, има во огромни бројки, поставени во фронтална формација го освојуваат физичкиот и виртуелниот простор. Нивната активност е вулгарна и груба, а нивната апологија е далеку од аргументирана дискусија, туку се сведува на говор на омраза. Говорот на омраза на социјалните мрежи се преточува во насилство и дела од омраза на улиците, секогаш кога за тоа ќе се укаже можност или кога тоа им е потребно на структурите на моќта.

Истовремено, најголем дел од младите сонуваат, но и даваат сѐ од себе тој сон и да го остварат – да заминат од Македонија. Статистиките за заминувањето на младите се некомплетни поради отсуството на релевантни државни статистики од кои само една од важните постапки е пописот. Илјадници млади годишно заминуваат без намера да се вратат. Празните фрази во луксузните изданија на програмата на владејачката партија не им значат ништо. Бидејќи немаат шанси во реалниот живот.

Образованието на младите е под сите стандарди. Образовниот процес е преполн со пропусти и грешки, а да не говориме за дезинформациите, лажните вредности, назадната идеологија, национализмот и шовинизмот кои ги запоседнале страниците на учебниците веќе со години. Наставниот кадар е претворен во послушна партиска машинерија која младите ги третира како топовско месо за политичките пресметки. Третманот на студентите, вклучувајќи го и студентското сместување, е мизерен и под секое човечко достоинство, а притоа е придружено со корупција или е условено со политичка припадност и активност.

Виталните интереси на младите ги нема на агендата на дневните активности на владата, бидејќи таа се занимава со неуморна кампања за одржување на својот имиџ, а со тоа и задржување на оваа гарнитура на власт.

Младите, вклучувајќи ги и малолетниците, масовно се злоупотребувани за партиски цели во текот на изборните процеси кои во изминатите осум години се одржуваат, во просек, еднаш годишно. Имавме два двојни изборни процеси во 2009 и 2014, така што две години (2010 и 2012) не беа изборни, но не помалку тензични во смисла на континуираните изборни кампањи.

Партиите ги мобилизираат младите, ги креваат од училишните клупи и ги товараат во автобуси за да ги полнат плоштадите. Тоа се прави со потполна кооперација на училишниот менаџмент и голем дел од наставниот кадар, но и со согласност на голем дел од родителите. Тоа се гледа и од нивната активност на социјалните мрежи каде неретки се родители кои се сликаат со своите деца накитени со партиски обележја. Во еден случај, набљудувачите на Цивил забележаа дури и гласање на малолетници, што е круна на злоупотребите и манипулациите со младите во изборен контекст.

Црквите и џамиите ги киднапираа младите со своите назадни концепти за животот, а сето тоа во соработка со владините институции. Црквата стана дел од владата и владата стана дел од црквата. Религијата влезе во училиштата, домовите, на социјалните мрежи, на улиците, преку сеење верска нетрпеливост и насилство.

На плоштад Македонија кога иницијативата Архибригада протестираше против изградба и на црква и на џамија на главниот плоштад на главниот град, меѓу тепачите кои носеа крстови, најголем дел беа млади. Кога општина Центар беше под опсада на партиските војници на владејачката партија, млади, накитени со крстови, јуришаа на оградата, кршеа и вандализираа сѐ околу себе во име на црквата. Кога протестираат младите Албанци, сѐ почесто носат зелени знамиња и симболи на исламот.

Религијата стана уште еден стожер околу кој се сретнаа и сплотија национализмот со верскиот фундаментализам, повторно, во одбрана на единствениот интерес – партискиот, односно останување на власт преку манипулација, а не преку реално подобрување на квалитетот на животот во земјата.

Димензиите кои ги достигна националистичката хистерија во последниве години се дел од комплексната операција за нацификација на општеството. Национализмот мобилизира најбрзо и најуспешно и со долготрајни ефекти. Најлесни жртви се токму младите.

Може да се набројуваат уште начини на кои младите се манипулирани и мобилизирани за партиски, етнички или верски цели и истовремената маргинализација и дискриминација на младите во Македонија.

Од оваа песимистичка слика произлегува заклучокот дека младите се активни, но злоупотребени. Како да се сопре оваа ерозија?

Јакнењето на солидарноста, уривањето на етничките и верските бариери, преку неуморна едукација за човековите права и слободи се точките на кои се темели активирањето на младите во демократизацијата на општеството. Но, едукацијата не е доволна. Познавањето на човековите права и слободи не е доволно. Важно е младите да се охрабрат тие права и слободи да ги побараат и одбранат гласно и недвосмислено. Притоа, мора да се има предвид дека човековите права и слободи се неделиви и важат за секого подеднакво, без никакви рестрикции.

Едно од основните начела на застапувањето и одбраната на човековите права и слободи е токму солидарноста. Секој човек на овој свет има обврска да ги брани човековите права на секој друг, безрезервно, бескомпромисно и целосно. Во тоа нема реципроцитет и статистики на размена во поддршката. Таа се дава или не се дава. Доколку не се дава, идеолошката мобилизација и дегенерација победуваат, а од тоа многумина страдаат и малкумина профитираат. На крајот, сите се губитници, вклучувајќи ги и оние што профитирале во почетокот. Тоа е така, бидејќи општеството и институциите ја губат смислата, а потоа и самите се укинуваат. Во замена за тоа настапуваат општата несигурност, очајот, насилството и хаосот.

Активизмот на младите, ослободен од партиско-идеолошките и верските манипулации, мора да му се претстави на целото општество и да се побара поддршка од сите негови сегменти, бидејќи тој не се однесува само на младите, туку на сите подеднакво. Општеството мора да ја врати довербата во младите, ако сака да има иднина. Тоа не е невозможно, дури и во овие услови на загрозена демократија. Организациите на граѓанското општество се ресурс за младите. Тие треба да ги освојат и да ги водат, а не да потпаѓаат на валканата кампања во медиумите кои инвестираа милиони за да го уништат угледот на граѓанските организации и да ја поткопаат довербата во нив. Невладините организации не се нешто надвор од системот, туку тие се неговиот нервен систем. Без нив, а не со нив, настапува ерозијата.

На крајот, мора да се сфати дека „аполитичноста“, односно бегањето од сѐ што може да изгледа како „политичко“ е опасна стапица. Тоа е просторот каде токму политичките, односно партиските структури ја градат својата империја кај младите. Затоа, мора да се разбере и прифати фактот дека одбраната на човековите права и слободи, етничката толеранција, вработувањето, животната средина, културните и образовните политики, се политички прашања кои секој, ама баш секој, млад човек е повикан да ги одговори.

Извор: mof.mk
Слики: Paco Pomet

ОкоБоли главаВицФото