Чудо: Расипани гаџети мистериозно се поправаат на гробот на Стив Џобс!

28.07.2014 09:09
Чудо: Расипани гаџети мистериозно се поправаат на гробот на Стив Џобс!

Пало Алто, 28 јули 2014

Расипаните iPad и iPhone на двајца Американци кои вчера го посетиле гробот на Стив Џобс одненадеж проработиле.

Уредите кои не биле во функција почнале да работат во моментот кога биле спуштени на споменикот на Џобс. Двајцата Американци најпрво биле преплашени, а потоа утврдиле дека нивните гаџети не само што проработиле, туку добиле и подобри перформанси.

„На мојот iPad е удвоена RAM меморијата, додека iPhone-от на мојот пријател доби дури трипати побрза брзина на процесорот. Уредите повторно почнаа да работат кога ги спуштивме на гробот на Стив, бидејќи сакавме да ги оставиме тука во знак на почит кон најголемиот син на американскиот народ. Ова е чудо“, вели Џошуа Мерион од Конектикат.

Во текот на денешниот ден Калифорнија стана вистинско место за аџилак. Меморијалниот Парк Алта Меса, кој се наоѓа веднаш до Пало Алто, од утрово е преплавен од илјадници фанови на Епл, кои ги принесуваат своите болни уреди до гробот на Стив Џобс. Од моментот кога Џошуа Мерион напиша на Твитер што му се случило во Алта Меса, на патиштата кон Пало Алто се формираа километарски колони од оние кои сакаат лично да се уверат во чудото на гробот на Џобс.

Дописникот на Пара вести од Сан Франциско, кој во моментов е на лице место, вели дека се ангажирани сите локални градски служби да овозможат пристап до Алта Меса и да го намалат метежот, но дека бројот на оние кои итаат кон гробот на Џобс едноставно е преголем.

„Полицијата, пожарникарските служби и коњицата некако излегуваат на крај со посетителите, но дополнителен проблем создава тоа што и многу полицајци среде работното време исчезнуваат и одат на гробот на Џобс да ги излечат своите гаџети. Експертите за сега немаат објаснување на овој феномен, но овој настан ги потврдува заложбите дека Стив Џобс треба да биде прогласен за светец. Некои веќе го нарекуваат Пресвети Стив Џобс, а постојат и предлози седиштето на Епл да се прогласи за црква, а самиот Епл за религија, така што во иднина фановите на Епл би можеле да станат верници на Епл“, заклучува нашиот известувач.

Според последните информации кои доаѓаат од САД, бројот на излечени гаџети на гробот на Стив Џобс расте од час во час, а според непотврдени информации, забележани се и случаи на лечење на пореметувања кај луѓето предизвикани од користење на комјутери, телефони и други уреди.

Извор: www.njuz.net