Прекарни работници

28.07.2014 13:12
Прекарни работници

Од неодамна и Македонија се приклучи на оние земји кои решија дека и на прекарните работници им следува пензиско и здравствено осигурување, со што прекаријатот барем малку го доближија до правата на редовно вработените. Така барем изгледа на прв поглед, но секогаш (барем во македонскиот случај) постои она неизбежно „но“. Како што сега стојат работите, обврската за уплата во пензискиот и здравствениот фонд нема да биде на газдите, односно правните лица, туку ќе падне на товар на прекарните работници, што ги става во целосно нерамноправна и апсолутно незавидна положба. Сосема е поинаку кога преговарате за нето исплата, а сосема е друго кога самите треба да пресметувате колкаво бруто ќе побарате. Башка што барем засега не е јасно дали хонорарите што подлегнуваат на овој тип оданочување треба месечно да го достигнат нивото на нето или на бруто минимална плата. Како и да е, и досега понижените хонорарци сега ќе бидат целосно обезвреднети.

Значи, прекарните работници се сите оние што имаат несигурни приходи: хонорарците, вработените на одредено време, парцијално вработените, оние на парче... Иако современите теоретичари ги формулираат како посебна класа (пред сè англискиот економист и социолог Гај Стендинг, кој со неговата книга „Прекаријат: новата опасна класа“ е можеби најзаслужен за масовното популаризирање на овој термин), тешко може да се најде заеднички социјален именител на оваа група полувработени луѓе. Освен несигурноста, се разбира. Италијанскиот теоретичар Франко Берарди заклучува дека се работи за основен облик на современа трудова активност, за која е карактеристично тоа што работниците не се меѓу себе поврзани (освен преку современата технологија) и дека тешко се организираат. Тие не се класични индустриски работници што секојдневно се гледаат во ист простор, што им овозможува и политичко и синдикално организирање. Прекарните работници ретко се сретнуваат меѓу себе. Во нивната работа нема континуитет, бидејќи често ги менуваат работодавачите. Тоа е и една од причините што меѓу нив тешко се развива организиран облик на солидарност.

Според статистиките, прекарните работници, според бројот, полека ги надминуваат оние што се во постојан работен однос. Некои струки веќе воопшто не препознаваат вработени на одредено време. Во Словенија, на пример, се проценува дека дури 80 проценти од вкупниот број работни луѓе се прекарни работници, а забележено е дека кај нив има и поголеми и почести здравствени проблеми: депресија, апатија, премореност итн. Во Македонија не постои никаква статистика за бројот на прекарните работници (додуша, тука нема ни попис на вкупното население, а камо ли попис на прекаријатот), но евидентно е дека нивниот број се зголемува со геометриска прогресија.

Самиот збор „прекаријат“ е кованица меѓу латинскиот збор „precarius“ (несигурен) и пролетеријат. Во употреба е некаде по Втората светска војна, а пофреквентна употреба има од 80-тите години на минатиот век, додека веќе споменатиот Гај Стендинг, инаку и колумнист во „Гардијан“, го прави општоприфатлив и мегапопуларен во последните неколку години.

Слични содржини

Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења

ОкоБоли главаВицФото