Стогодишната војна

28.07.2014 14:19
Стогодишната војна

Најпознатата книга напишана за Првата светска војна е „На Запад ништо ново“ од Ерих Марија Ремарк. Тoј бил во рововите, видел на дело и глувци и генерали, и открил во сопствената крв дека најважна улога на луѓето во општеството во кое живеел е да бидат топовско месо. Книгата која ја напишал десетина години по војната била светски бестселер неколку децении. Би можело да се каже, со мали упростувања, дека тоа е популарна верзија на ремек-делото на Луј Фердинанд Селин „Патување до крајот на ноќта“.

Следам што се зборува овие месеци за Првата светска војна. Безброј статии, книги, конференции. Тоа што не се зборува за Селин, донекаде е разбирливо, бидејќи станува збор за голема уметност која е тешко да се приближи до поширока публика. Но никој не го спомнува Ремарк. Кој ќе знае зошто? Можеби премногу инсистирал на тоа да им ја згади војната на луѓето, а таквиот став не е добар за работите, особено ако ви е работа да освојувате други држави, или „делови од пазарот“, како што се вели денес. Можеби премногу ги критикувал господарите на светот кои од позадина ги влечат конците на војната. Можеби поради насловот. Насловот се однесува на западниот фронт, каде понекогаш десетици илјади луѓе умирале во еден ден, а линијата на фронтот не се поместувала ниту за два метри, што за центрите на моќ и пропаганда значело: ништо ново. Но, насловот, да кажеме така, го прифати историјата: ако човек погледне каде се водат војни денес и кој ги води, како ги води, и со која морална реторика ги оправдува, можеби не може пократко и подобро да се резимира она што се случува со човечките маси отколку со пораката: „На Запад ништо ново“.

И тука има сличности со насловот на книгата на Селин. Двата наслова се пророчки. Би можеле да се спојат: на Запад ништо ново, продолжува патувањето до крајот на ноќта.

Селин за Првата светска војна зборувал како за „меѓународна кланица на лудилото“. Нешто тогаш пред неговите очи се распаднало, излегло од рамките на природата и духот и го видел човештвото како влегува во блиндиран воз кој со лудачка брзина оди кон крајот на ноќта каде тој куп ѓубре ќе се истовари. На Селин му се чинело дека по Првата светска војна вистината за Цивилизацијата, можеби и за човечкиот род, повеќе не може да се крие. И поважно: нема повеќе причини да се крие, бидејќи приказната е заршена. Крајот е напишан. Нема место за сомнеж, надеж, дури ни дискусија. Останаа само два начина: да се каже вистината, што значи да се изнесе на сонце преостанатиот трулеж на Цивилизацијата, или да се прифати договорената лага на владејачките елити, да се задоволат со броење пари, па додека трае - трае.

Помеѓу очигледната вистина, со која војната ги уништи сите илузии, и цинизмот на елитата која и во трулежот бара нови начини да ги ограби труповите и да им ги извади златните заби, тврдејќи дека го прави тоа токму од бескрајна љубов за луѓето, немало трет пат. Ни надеж, ни верба, ни љубов, ни фантазија, ни Бог, ни природа - нема повеќе начини да се залажуваме. Но, токму затоа што нема повеќе илузии за ништожноста - ја освоивме бескрајната слобода во зло и во лага. Тој последен круг на историјата, од аголот на циникот, може да биде и можност за најголем грабеж и врвна забава. Ако е последна ноќ, тогаш нека биде најлуда. Зошто да не се оди до крај, кога секако повеќе ништо нема важност? Зашто, во ништожноста е подобро да се биде богат отколку сиромав: светскиот поредок сепак може да се заснова околу сметките во банка. Барем за една ноќ.

Тоа е декаденција. Душевна состојба на мртвите души.

Ова е, можеби, причината поради која Селиновото „Патување“ е последниот навистина голем роман на западната литература, бидејќи по тој пат во ноќта и лудилото не можело понатаму, а конвенционаните лаги за жал не спаѓаат во делата на духот, колку и да се платени.

Токму затоа, во епохата на цинизмот која на Запад ја отвори Првата светска војна, можела да се развие вистинска индустрија на лагата, или моралот, што е исто, бидејќи без таа индустрија, која го опфаќа буквално целиот јавен живот, ниеден ден не би се одржала шарената лага над селиновската „меѓународна кланица на лудилото“.

Кланицата на Првата светска војна накратко отворила еден прозорец на вистината за елитата која владее со светот и механизмите на нејзината власт. Глетката била морбидна. Таа морбидна слобода на гледање на пејзажот на вистината траела десетина години, до големата економска криза, заканувајќи се да предизвика пожари ширум Европа полоши од оној кој ја зафатил Русија. Во тој период и Ремарк успеал да ја протурка својата книга. И Селин да исплука крв. А потоа големиот напор на пропагандата повторно ја затворил човековата свест. Херметички и засекогаш? Кој знае. Научниците се расправаат дали останале дваесет или триесет години до еколошките катастрофи какви што светот не памти. „Арсеналите на лудилото“, како што познавачите ја нарекуваат воената индустрија, растат со вртоглава брзина, животот на Земјата може да биде уништен неколку стотици пати. И тоа е, велат, најдобриот од сите можни светови. Само фанатиците и екстремистите би сакале да променат нешто.

Колку има до крајот на ноќта?

Според некој монотон закон на немоќта, кој завладејува во душата кога ќе се прекинат емоционалните врски помеѓу неа и светот, кога никаква верба и надеж не можат да ја премостат реката на трулежот, по тоа морбидно искуство со Првата светска војна, напорот на пропагандата кој има за цел да ги спречи луѓето да сфатат што им се случува само ќе се засилува сè до денешен ден. Најголем дел од она што се зборува за Првата светска војна и денес спаѓа во таа пропаганда. Како и она што не се зборува. Во ова што треба да се премолчи спаѓа и книгата со непристоен наслов „На Запад ништо ново“.

Оваа „селидба“ на модерното општество во измислениот свет на пропагандата и нејзиниот ласкав морал е причината поради која толку се зборува за „виртуелната“ реалност. Не е ни лесно ни пријатно да се живее во виртуелен свет. Да се биде надвор од реалниот свет, тоа е исто како да кажете дека човек е жив, но во гроб, можеби во луксузен гроб, илјада квадрати покрај море - надвор од животот. Тоа не оди без деноноќни интервенции на фармацевтската индустрија и индустријата за забава, кои мораат постојано да пронаоѓаат нови облици на утеха и нови патишта за бегство од депресијата и одложување на самоубиството. Но, како и да е, ако вистинската реалност е „полудена кланица“, тогаш дрогата која ви обезбедува да го преспиете животот во гроб е сепак некаков решение.

По Првата светска војна, остана отворен единствено патот во виртуелната реалност.

Сè до денес живееме на основите кои се поставени - или урнати - во Првата светска војна.

Значи, можеби Ремарк е отстранет од свеста на новите генерации затоа што изразувал едно душевно расположение. Тоа расположание станало речиси доминантно при крајот на војната и се одржало отприлика до средината на триесеттите години. Масите луѓе, она што се нарекува „народ“, бавно доаѓаат до свест за тоа што им се случува. Понекогаш, во таа мачна борба за опстанок и смисла на опстанокот, кај народот се раѓа некоја песна или „умотворба“, без автор и обично предодрена долго да трае, лесно се прифаќа и повторува од народ до народ. Од Првата светска војна така е сочувано едно парче од некој голем стих, големо дело, златно зрно на сеопштото искуство, интуицијата на некој гениј кој, пред да биде распарчен во кланицата, на увото на најблискиот другар дошепнал два збора кои ја наткрилиле историјата не само на таа војна, туку на целиот дваесетти век, како да дошле директно од божја уста: „топовско месо“. Некој во ровот го помислил тоа, па го кажал, и секој војник го слушнал и веднаш го разбрал, па јавил дома за што станува збор и ширум светот пукнало, посилно од секој топ, големото откритие: луѓето се топовско месо.

Во Европа завладеала душевна состојба на луѓето кои повторуваат „ние сме за Нив топовско месо“. Откриена е големата тајна. Цивилизацијата која почнала со „радосната вест“ за воскресението, две илјади години подоцна се најде пред вистината за себе, понепобитна отколку пред божјиот суд: топовско месо.

Со оваа голема вистина за Првата светска војна одело уште едно откритие, од практична природа и многу поопасно, не за опстанокот на луѓето туку за нешто поважно: за власта и парите на владејачките елити. А тоа е дека не се сите луѓе топовско месо, туку има една мала група, добро прикриена, коај всушност го поседува овој свет и прави со него што сака, секогаш од дистанца и без ризик, и која речиси и нема друга забава освен да смислува колку и кои луѓе ќе ги претвори во топовско месо за да ги зачува своите интереси. Кај масите почнал да се шири погубниот став дека „нема да гинеме за нив“. Па дури дека „нема да работиме за нив“.

Тоа е душевното расположение кое го изразиле Ремарк и германските сликари експресионисти.

Пред нивните очи се урнала целата фасада на веќе одамна мртвата цивилизација: тие гледале и се осмелиле да кажат што гледаат.

Пред истиот спектакл, официјалната култура и пропаганда реагираат точно обратно: прва грижа е како да се закрпи фасадата и повторно да се пикне во главите на луѓето бајката за нашата големина и благородност.

Тогаш психологијата го понудила откритието кое Хенри Кисинџер сака да го цитира: не е важно што се случува, туку што луѓето мислат дека се случува.

Затоа првиот заклучок околу кој се согласиле историчарите по крајот на војната бил дека војната е „самоубиство“ на европската цивилизација. И затоа до денешен ден, од аголот на владејачките елити и официјалните интерпретации на историјата, на таа војна се гледа како на „грешка“, нешто непромислено во кое сите сме ја изгубиле власта и парите. Пред тоа бевме добри, среќни и богати. Таа идеја, дека војната била „грешка“, упорно се повторува до денешен ден, и судејќи според конференциите и статиите, победи. Затоа за оваа војна постојано се бараат виновници. Дури во еден момент изгледаше дека мудрите глави се согласија главен виновник да биде малиот, болежлив, острастен Гаврило Принцип. Српскиот терорист ја срушил Цивилизацијата! Иако не е вистина, како што велат во Италија, добро звучи. Тоа решение било погодно, затоа што можело да го зачува митот за големата Цивилизација и повисоката раса кои, ете, настрадале бидејќи биле премногу попустливи кон неблагодарните робови и непослушните деца, а од друга страна ја оправдувало војната против терористот - која е најавена како главна „новост од Запад“ на почетокот на дваесет и првиот век - војната против Србија од крајот на дваесеттиот век, и воопшто вечната војна на цивилизацијата против дивјаштвото. Со други зборови, овозможувало да се водат колонијални војни ширум светот фрлајќи ја вината секогаш на некој дежурен Гаврило Принцип. Така бидува секогаш: кога претставниците на елитите бараат виновник за сопствените злосторства, се согласуваат околу обвинувањата на невините и слабите. На Запад ништо ново. Но некои видни историчари предупредија дека планот е премногу провиден: ни најмалата војна не ја предизвикуваат побунетите поединци, туку интересите на моќните групи, а да не зборуваме за светските крахови.

Побунетите поединци немаат речиси никакво значење во големите историски настани, но се незаобиколни како симболи. Нивната судбина е толку набиена со смисла, што историјата воопшто не ни може да се разбере освен преку нив: материјалните промени на светот, изгледот, повеќе ја сакаат моќта и масата, нивниот Бог има нешто грандиозно, нешто дречливо, нешто „премногу“ и кич, а смислата го сака човекот, обичниот мал, гол, безначаен, но исклучителен во морална и чувствена смисла. Ова божество ја доживува историјата интимно, делува од полутемнина и тишина. Додека во судбината на еден човек барем еднаш не се покаже смисла, целата историја личи на хаос. Гаврило Принцип го најавува големото движење за ослободување на колонизираното човештво, однапред укажува на неговите успеси и порази кои се менуваат до денешен ден. Во него веќе се наѕира сè: силата и одлучноста на понижените и навредените да излезат на светлоста на историјата, но и нивната наивност и глупавост, неспособност за организација и рационални проценки, патолошката желба да ги имитираат своите господари и да им се додворат. По негова слика е и улогата на Србија и српскиот народ во таа војна, и главно во текот на целиот дваесетти век. Србија, пред сè географски, е во првиот круг колонизирани народи, на самата граница на владејачките царства. Затоа најчесто на Балканот почнуваат експериментите кои потоа ќе се применат и во светски размери. Така ѝ припаѓала и оваа авангардна улога, која скапо ќе ја чини, да го покрене - секако несвесно - големиот бран на антиколонијализмот, кој се крева по Првата светска војна. И подоцна, речиси сите неуспеси на ослободените држави на разни континенти, и враќањето на старите владетели во нови облици, можат да се воочат во историјата на Југославија и посебно на српскиот народ. Тука, на територијата на Србија, во Првата светска војна ќе започне и првото масовно истребување на цивили, навидум без причина, што подоцна во текот на дваесеттиот век ќе стане речиси мода, нешто како светски тренд.

Можеби тоа е некоја матна правда на историјата: немајќи реална тежина во односот на силите, малите народи и малите луѓе често имаат претерана важност во доменот на симболите и смислата. Нив ги тероризира историјата, но ги сака судбината.

Уште пред почетокот на војната нејзините причини биле јасни и неумоливи за оние кои ги следеле промените во односите на големите сили. Писателите, уметниците и филозофите ги виделе големите причини за крах на цивилизацијата, во воздухот имало големо насилство, се чувствувал мирисот на крв, но бидејќи одлуките за војната ги носат големите сили, причините за нив се проценките на владејачките елити за загрозеноста на нивните интереси. Оваа војна, како и сите други, мали и големи, кои ќе уследат до денешен ден, е врзана за најважниот процес на модерните времиња: освојувањето и колонизацијата на светот од страна на неколку западни сили. Секоја војна и криза, во Украина, или Либија, или Сирија итн, е само варијација на иста тема. Како што сите „виновници“ за империјалните војни се само варијации на Гаврило Принцип, било да се терористи, или фанатици, или Црнци, или Индијанци...

Рамнотежата во поделбата на светскиот колач некако е одржувана главно меѓу Англија и Франција, сè до појавата на Германија на светската сцена. Веќе кон крајот на деветнаесеттиот век Греманија била помоќна од владејачките сили, а немала колонија. Голема неправда. Англија не го дава она што не е нејзино, а Германија го бара она што не е нејзино. Германија стигнала премногу доцна, другите веќе поделиле сè. Суштината на судирот е во промена на самата структура на владеење во светот. Просто речено, Германија требала да ја замени Англија како водечка светска сила. Слична напнатост, со слични опасности, денес владее меѓу Америка и Кина.

Оние кои денес сметаат дека Првата светска војна била грешка, сакаат да кажат: западната елита требала да се договори, да го подели светот за сите да бидат задоволни и можела да живее на грбот на човештвото со векови. Но, на никого не му било доста, па секој го фрлил на фронтот своето топовско месо, со вообичаените морални и патриотски оправдувања. И секој мислел дека оној другиот ќе престане за еден месец. Така направиле кланица, што било пресметано во расходите. Но не било пресметано дека преживеаните од кланицата ќе се вратат огорчени и згадени од себе, од своето општество и особено од владејачката елита. Им лепеле ордени на градите и ги тапкале по грбот, но тоа повеќе не било духовито. Во воздухот лебдела револуција. Изгледало дека цела Европа ја населиле децата на Гаврило Принцип.

Појавата на нацизмот и поддршката за фашизмот во Шпанската граѓанска војна од страна на големите западни сили се дел од одговорот на исплашените европски елити на оваа опасност.

Сето ова денес е банално, но и покрај баналноста на овој видлив дел од историјата, тешко е да се прифатат заклучоците кои се наметнуваат од неа, ако тие заклучоци кажуваат нешто лошо за нас, или ни се закануваат со нови неволји. Историјата зборува доволно јасно и гласно, но луѓето не сакаат да го слушнат она што не им се допаѓа. Ни она што премногу ги плаши.

Ми се чини дека историјата упорно укажува на две теми кои заговорниците на официјалната интерпретација на историјата и пропагандата не сакаат да ги слушнат, и особено не сакаат таквите теми да продрат во свеста на неодговорните маси.

Првата се однесува на моралната исклучителност на настаните кои ги опфаќа Првата светска војна.

Таа војна е пресврт во модерната историја. Во неа се открива истовремено и судбината на европската цивилизација и вистината за неа. Сè дотогаш, во текот на два века, расте вербата во прогресот, вербата дека во Европа е откриен магичниот рецепт за вечен напредок, се смета дека науката дефинитивно ги открива сите тајни на животот, речиси е општо уверувањето во супериорноста на белата раса и општеството кое таа го основала во неколку европски држави. Само најголемите мислители и уметници го виделе ужасот под превезот на лагата. Тој збир од колективни илузии дефинитивно се разбива во Првата светска војна. И се открива вистината за „кланицата на лудилото“ додека Европа се симнува од светската сцена. Она што се случува од тогаш до денес е читање на пресудата, член по член. Тоа што и денес ова читање ја има истата монотонија на злосторствата, грабежите и бомбардирањата без ризик за народите без одбрана, само ја потврдува исправноста на пресудата.

Дали сè е праведно и заслужено?

Гледано од морален агол, веројатно станува збор за еден од најубавите мигови во модерната историја. Крах на цивилизацијата, но каков крах! И каква цивилизација! Еве за што станува збор. Значи, тогаш бил на врвот системот на глобално ропство, кога практично сите човечки општества биле покорени и брутално експлоатирани од страна на малата елита од мал дел од светот кој го нарекуваме Западна Европа. Целиот светски колонијален систем бил оправдан од расистичката идеологија за супериорната раса која е повикана да владее со дивјаците. Како што велел Винстон Черчил по повод истребувањето на Абориџините во Австралија: „Не гледам во што е проблемот ако пониската раса мора да исчезне пред настапот на повисоката“. Во самите колонијални сили системот се засновал на дивјачка експлоатација на човечките маси, нееднаквоста помеѓу богатите и сиромашните пред Првата светска војна достигнувала фантастични размери - отприлика како денес. Тоа тогаш се викало - со денес забранетиот речник - класна борба. Еден процент богати против деведесет и девет проценти сиромашни, како што тоа денес го велат во Америка. Или, како што тоа го резимира најбогатиот човек на светот, Ворен Бафет: „Класна борба постои. Богатите ја добија.“

И сè секогаш имало онакво блуткаво, толку ситно и подмолно морално оправдување, и за внатрешна и за надворешна употреба: надвор, го освојуваме светот за да ги спасиме и цивилизираме дивјаците; внатре, богатите мораат да се грижат за државата и за сиромашните маси, тие знаат што е грижа и одговорност, впрочем, сите сме браќа, не е важно кој е милијардер, а кој е гладен, бла, бла, бла.

Во таа морбидна конструкција случајно на сараевските улици пукал Гаврило Принцип, а кој понатаму управувал со движењето на неговиот куршум, тоа никој не го знае, но ми се чини, ако сè уште сме способни за какво било сочувство со човечката несреќа, дека овде треба да се каже: да му се позлати раката.

Во таков систем, значи, кој акумулурал од сите краеви на светот џиновски количини злато и зло, и ги вложувал сите напори во барање технолошки решенија за своето усовршување, траење и контрола над луѓето, сè до технологија која овозможува прислушкување на сите разговори кои ги водат луѓето на Земјата, во таков систем, велат од непознати причини, владејачката елита навалила самата на себе, се фатиле за грло самонаречените господари на светот и не можеле да станат додека целата таа морбидна градба не почнала да се распаѓа. Ако тоа не е некој облик на правда, ако тоа не е утеха за реките солзи на потчинетите милиони ширум светот, тогаш не знам што се правда и милост. Тоа е Првата светска војна, песна над песните меѓу безбројните колонијални војни. Ако нема објаснување за оваа „грешка во пресметката“, би можело да се понуди ова: пукнала големата краста на душата на човештвото. Колку мртви и колку страдање имало во тој процес никој не знае, но повеќе не се можело така. Им здосадило и на Бога и на луѓето. Војната помеѓу колонијалните сили е голем морален триумф на човештвото.

Па сепак, милиони невини настрадале... Секако дека настрадале. Настрадале затоа што целиот систем бил направен како злосторничка конструкција. Токму спремноста на владејачките елити така да жртвуваат милиони килограми топовско месо, е непобитен доказ дека било нужно и праведно да се удри врз тој систем.

Затоа не би требало да се бараат виновници за оваа војна, туку великани кои се заслужни за неа. Можеби поради ова до денешен ден владејачката елита е збунета од оваа војна: таа ја водела војната, но тоа не била освојувачка војна како сите други војни кои ги водела ширум светот, туку оваа војна била казна за сите војни кои ги водела. Како? Ние се казнивме самите? Ние, најрационалните владетели во историјата, најдобрите пресметливци кои никогаш не се лажат во проценката на своите интереси, ние си пукавме себеси во оваа паметна глава? Не може да биде. Па сепак.

Кој е во тој контекст Гаврило Принцип? Во реалноста, рековме, безначаен, но неспоредлив како симбол; неговиот истрел е глас на поробеното човештво. Така мистиците ја гледаат историјата: последниот ќе биде прв, најмалиот ќе биде најголем. Утеха за последните и најмалите, но каква утеха. За момент, во тој симбол, во олку страшен контекст, повторно се појавува сета убавина на човечкото суштество.

Виновен Гаврило Принцип! Прашајте ги овие историчари и новинари: а кој е виновен за уништувањето на животот на милиони луѓе во Ирак? Во Либија? Во Сирија? Кој е виновен за атомските бомби? За оваа економска криза која фрли милиони семејства во глад, и која ја осмислија банкарските, медиумските и политичките елити? Повторно Гаврило Принцип? Можеби. Би било прекрасно кога би било вистинито. Бидејќи тоа би значело дека човечкото суштество - вистинско човечко суштество, од крв и месо, а не сурогат произведен во лабораториите и проектиран да биде „топовско месо“ - уште живо, што дури не изгубило надеж, не е убиено, уште мрда на дното на кланицата, уште го плази јазикот, удира со главата во ѕид, фрла бомби и се жртвува... О, само кога тоа би било точно, кога Гаврило би бил „виновен“ и за најмалото движење на трупите на земјата, или капиталот на Берзите, каде би ни бил крајот! Селин би видел мала светлост во ноќта. Би можеле да јавиме на сите четири страни на светот: На Запад нешто ново.

И тоа би бил знак дека се затвора кругот на историјата отворен во Првата светска војна: сме се промениле.

Тука стигнуваме и до другата работа кои слабо се наѕира во официјалните толкувања на војната. Таа не е скриена од кукавичлук, т.е. затоа што зборува за нашето општество, нашето време, нешто одвратно, или затоа што ни говори дека со оваа војна го добивме она што сме го заслужиле, туку затоа што звучи застрашувачки, фрла во депресија и песимизам. Таа друга порака гласи: Првата светска војна не е завршена, нема да се извлечете.

Некаде кон крајот на дваесеттиот век историчарите воочија дека всушност нема прекин помеѓу двете светски војни, туку станува збор за една војна со пауза од неколку години во отворените вооружени судири. Големиот крах кој станал видлив во 1914 година само се ширел и добивал нови облици.

Влегувањето на Америка во војната и револуцијата во Русија ја докрајчиле доминацијата на европските сили во светот. И Студената војна е продолжение на истиот процес, борба за воена, економска и идеолошка доминација над светските маси. Изгледаше дека тој процес е завршен со крајот на Студената војна и дека Америка наметна pax americana во светот. Дури се зборуваше и за крај на историјата и воспоставување конечна светска империја. Илузијата траеше помалку од десетина години. Повторно се заредија војни и кризи, никој повеќе и не знае каде точно се војува, никој не се осмелува ни да погодува како ќе изгледа светот една година подоцна, сите се само сигурни дека за пет години ќе биде толку поинаков што нема да може да се препознае.

Зошто историјата се претвори во светска војна? Зошто насилството стана толку жестоко? Зошто сè што е добро, нежно, тивко, насмеано, изгледа толку глупаво, досадно, детинесто и застарено?

А сè што е насилно, бесрамно, алчно, лажливо, што вреска, се клешти и се кикоти - толку модерно?

Гаврило Принцип никогаш не изгледал модерно.

Кој и да го употребил како симбол - Бог, случајот или историјата - ни тој не сака да биде модерен.

Тој не сака да ги потчини, искриви, скрши, понижи сите облици на живот на земјата, бидејќи одамна би го направил тоа ако сакал, туку можеби сака да ги спаси луѓето од самите нив. Можеби повикот на луѓето на Земјата не е да ја уништат туку да ја спасуваат. Пред сè од самите себе.

Да не е тука решението на загатката на Принцип? Да се сака светот повеќе од себе. Можеби тоа е патот до радоста и оптимизмот кои им изгледаат недостижни на сите генерации од Првата светска војна па наваму.

Има ли нешто помалку модерно од оваа идеја?

Можеби не ја разбираме историјата затоа што гледаме во неа од погрешен агол: замислуваме дека историјата покажува трага на човечката акција во светот и тоа ни дава илузија дека ние, толку моќни, можеме секогаш да одлучуваме што ќе правиме со светот. А можеби таа, историјата, не покажува што правиме ние во светот, туку што светот прави со луѓето обидувајќи се да ги промени и изведе на пат во животот.

Зашто, ако ние сме актери во ваквата историја, тогаш навистина: зошто сме вакви лудаци и самоубијци?

Но, ако светот се обидува да ги промени луѓето, ако сака да ги спаси, тогаш сè е јасно: како поинаку освен со вакви средства и во ваква историја да ги натерате лудаците и самоубијците да си дојдат на себе?

Извор: Стогодишњи рат - Сарајевски атентат и тумачења, НП Време, Београд, 2014.

Слики: Сцени од западниот фронт во Првата светска војна

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото