Сплетови и хиерархии

29.07.2014 08:52
Сплетови и хиерахии

Децентрализацијата полека ни забегува. Наместо да почне да ги разрешува наталожените проблеми и да ги намалува општествените тензии, нашата форма на децентрализација станува уште еден заплеткан проблем.

Ќе набројам три причини за неуспешноста на досегашната децентрализација; најпрвин, таа претерано се формализира, веројатно со намера да се неутрализира нејзиниот тектонски капацитет за менување на општеството; постојните структури на моќта би сакале една декоративна децентрализација, при што реалните распореди на силите би останале исти, во сите сфери. Дека децентрализацијата се формализира и анестезира најдобар доказ е тоа што власта не прави обиди со едноставен и поттикнувачки јазик да им ја објасни на граѓаните потребата од децентрализација.

Втората причина за неуспешноста на нашите реформски потези, многу јасно поврзана со првата, е екстремната политизација што го следи секој обид за воспоставување поефикасен и поконкурентен поредок. Моќта е партиски распределена, а оние кои ја поседуваат не се подготвени да се откажат од неа, и покрај тоа што времето ги гази, поткопувајќи го легитимитетот на целокупниот политички систем во земјава. За да не упаднаме, за некоја година, во голема криза на политичкиот легитимитет, неопходно е делови од елитата да ја подготвуваат земјава за функционирање и во состојба на партиско-политичко помрачување, каква што се наѕира. Тоа е причина повеќе да се поттикне процесот на децентрализација, т.е. власта да се спушти малку подолу, до локалните нивоа.

Третата причина за неуспехот на нашата демократизација (тоа всушност е другото име за децентрализацијата) можеби е највидлива и секому позната: претераната и контрапродуктивната етнизација која почнува да личи на кучешко обележување на дрва и бандери. Се разбира, и оваа причина е поврзана со првите две, дури и произлегува од нив, иако понекогаш се чини дека таа е главниот виновник за парализата на македонското општество.

Дали има чаре? Се разбира, дека има. Државава, впрочем, според територијата и бројот на населението, е само еден поголем град со сосема пристојни ресурси за преживување. Политичката елита е делумно дезориентирана, но кој вели дека политиката се случува само по собраниските, владините и партиските сали и кулоари?!

Можеби е нереално да зборуваме за револуционерни промени, но поинакви форми на граѓанско здружување секогаш се можни. На човечките заедници, како впрочем и на сите живи суштества, можеме да гледаме како на различни динамички системи кои никогаш не се во рамнотежа; тие системи се во постојани преобразби зашто низ нив постојано поминуваат интензивни текови на материја-енергија. Делез и Гатари, зборувајќи за историјата на пазарот и бирократиите, за планските и непланските градови, воведуваат една многу интересна дистинкција: сплетови и хиерархии. Сплетовите се самоорганизирачки мрежни поврзувања на различни елементи, додека хиерархиите се линеарни поврзувања на еднолични елементи. Но, важно е да се напомене дека сплетовите и хиерархиите не се исклучуваат меѓу себе и не постојат едни крај други туку постојано израснуваат едни од други.

Прашањето за меѓусебната поставеност на нештата (мрежи и/или центри, на пример), и воопшто за цивилизациските насоки на човештвото (историјата како линеарност или сплет) не е само апстрактно научно прашање туку е и секојдневна организациска дилема дури и на пониските нивоа на одлучување.

Човечката заедница (па и целата природа и космосот) се организирани како сплетови и хиерархии; сплетовите се мрежни, јазлести поврзувања на различни елементи; хиерархиите се хомогенизирачки поврзувања на исти елементи. Сè се одвива низ напнатоста и турбуленциите помеѓу сплетовите и хиерархиите кои, сепак, не се одвоени едни од други, туку меѓусебно се зависни и произлегуваат едни од други. Политичките судири, меѓу другото, се и рефлексија токму на таа напнатост меѓу сплетовите и хиерархиите, меѓу централистичките и децентралистичките тенденции, меѓу хомогеното и хетерогеното. И таа игра, таа борба никогаш не е фиксирана ниту завршена.

На пример, историчарот Вилијам Мекнил смета дека една од клучните причини за конечната доминација на Западот од илјадитата година натаму лежи во различните мешавини помеѓу централизираното и децентрализираното одлучување во тамошните градови. За разлика од западните градови, тогаш моќните азиски општества останаа заробеници на строго хиерархиските општествени модели и затоа почнаа драматично да заостануваат, и покрај некогашната научна и технолошка супериорност.

Фернанд Бродел, можеби највлијателниот современ историчар, се согласува со таа теза кога тврди дека постои еден „динамичен модел на турбулентната еволуција на западните градови, додека моделот на живот во градовите во другиот дел од светот често е рамна, долга и непрекината црта во времето".

Тајната на западната надмоќ во последниве илјада години, значи, веројатно лежи во специфичната напнатост помеѓу централистичките и децентралистичките тенденции за општествено организирање. Ориенталните држави останаа при хиерархиските модели, додека Западот често ги прифаќаше моделите на сплетови и мрежи, за кои времето како допрва да доаѓа.

Европските нации, како што вели историчарот Пол Кенеди, за разлика од исламските или кинеските, никогаш не успеаја да создадат единствено, хомогено царство и сè до денес опстојуваат како сплетови од хиерархии. Се разбира, Европа неколку пати во својата историја можела да стане единствена хиерархија: во 16 век со хабзбуршкото царство и потоа во времето на подемот на Наполеон и Хитлер. За среќа, тоа не се случило.

Можеби најштетната последица од централизацијата, според Кенеди, е тоа што источните нации станаа премногу зависни од индивидуалните способности на нивните елити. Интересен е случајот со Отоманската Империја по 1566 година, кога на власт дошле 13 неспособни султани по ред. „Поради преголемиот удел на командни карактеристики при донесувањето одлуки, идиотскиот султан можел да го парализира Отоманското Царство многу повеќе отколку што тоа го можеле папата или царот на Светото Римско Царство во Европа", вели Кенеди.

Прашањето на децентрализацијата во Македонија, значи, не само што е еминентно европско прашање (и прашање на нашата интеграција во ЕУ) туку е и прашање на прифаќање на новите цивилизациски парадигми кои инсистираат на јазли, сплетови, нелинеарност и автокаталитички (самозабрзувачки) процеси наместо на центри, хиерархии и еднолични линии на развој. Колку што се однесуваат на новите научни или културни пробиви, овие парадигми и тоа како имаат и свои социјални и, се разбира, политички импликации. Затоа, во оваа колумна постојано повторувам дека борбата за подобар свет не е само работа на политичарите. Најпосле, војната е премногу сериозна работа за да им се препушти само на генералите, зарем не?!

Мануел де Ланда вака завршува едно поглавје во својата необична книга Илјада години нелинеарна историја: „Наспроти фактот дека процесите на создавање сплетови денес интензивно се случуваат насекаде, хиерархиските структури имаат предност од два или три века, која може да биде пресудна, посебно денес кога процесите на хомогенизација станаа меѓународни. Но, и ако иднината им припадне на хиерархиите, тоа нема да се случи затоа што законот на капитализмот озгора го одредил исходот. Човечката историја е приказна за контингентноста, а не за нужноста, за пропуштените шанси да се тргне по различни насоки на развој, а не за праволиниското движење во кое енергијата, материјата и информацијата се претвораат во производи на културата".

Слики: The Royal Art Lodge
Утрински весник, јуни 2004

ОкоБоли главаВицФото