Името ми е Црвено

29.07.2014 09:40
Името ми е Црвено

Идејата дека црвената боја значи да се биде, да се живее, да се постои, интензивно, овде и сега, мислам дека првпат ја прифатив од некои луѓе кои се интересираа за мистицизам, кога посетував курсеви за медитација и на „Интензивот“. Потоа таа идеја ја споив со искуствата во сликарството. Така го градев сопственото чувство за црвеното.

Црвената боја во сликарството ја истражував во „експресионистичката“ фаза (некаде 1986-1990 година, паралелно со колажите), веднаш после црната и зелената.

Да се биде овде и сега е слоганот во зен будизмот. Всушност техниката на Чарлс Бернер (Charles Berner) за „Интензивот“ е извлечена од техниките на медитација на зен-будистите (Zen sesshin), а целта е увидот во сопствената вистинска природа - кеншо. Нема тука никаква мистика, колку и да звучи така. Три дена се медитира на едно прашање: „Доживеј директно - Кој си ти?“. Тие три дена се доволни да се доживеат и искажат сите идеи околу тоа кој сум јас, или, попрецизно кажано, да се увидат сите напластени идентификации. Тишината или Празнината што следува е кеншо-то (односно последица на кеншо). Сте го пречекориле прагот и сте поминале низ „вратата“.

Тоа беше многу драгоцено искуство за мене, во првите години кога почнав да се занимавам со сликарство. Бидејќи потоа следеше осветлување на колоритот, откривање на белата боја и сите други бои како чисти бои.

„Вратата на перцепција“ кај мене не е некакво спектакуларно искуство на халуцинантни бои, туку фузија на разни искуства, увиди , многу разлучувања (вивека) низ годините како малечки разнобојни камчиња за големиот мозаик.

Црвеното ми асоцира на пробив, кога е вертикала. (Погледај што се случува кога снежното бело и црвеното интерферираат во „Снег до колена, до појас и над папок“)

Асоцира на харакири рез кога е во хоризонтала. (Мислам на харакири во ментална смисла, не на оној грозен самоубиствен ритуал). Хара е центарот на животот, папокот, и во арп-овска смисла (силен мотив и симбол е на Ханс Арп во неговото дело).

Црвена е бојата на првата чакра – муладара-елемент земја, но јас ја поврзувам и со третата чакра –манипура (Plexus solaris), елемент оган (чија боја е главно жолта).

Црвената боја е страст. Страста е во точката каде небеската сфера се допира со земската. Нешто како 8. Или во огледалото во кое се отсликува Идејата како Реалност и обратно. Секогаш во играта криенка – hide-and-seek. Бидејќи така осознаваме, низ рефлексијата, не баш директно.

Како во приказната за двете птици.

Црвената боја е крв-хемоглобин, наспроти комплементарната зелена – хлорофил.

Првото, црвеното, се движи, има динамика, во животинскиот свет, второто, зеленото, во растенијата, е вкоренето во земјата и е мирување.

Оти е боја на крвта, црвеното најчесто е поврзано со војната, крвопролевањето, со ужасот, но самото по себе не е тоа.

Што значи да се биде овде и сега?

„На врвот на дрвото, на највисоката гранка е таа величествена птица која го набљудува универзумот од висините. Сите сфери и сите убавини поминуваат низ неа и се нејзини сопствени. На подолната гранка е другата птица која влегува во искуствата на животот и така ги стекнува есенциите на убавините.

Една на друга е огледало. Вистински не може да постојат едната без другата.

Убавините во кои ужива високата птица не може да се остварат ако не е другата птица, а инспирацијата за есенциите кои се екстрахираат во птицата од пониската гранка е возвишената реалност на високата птица.

Во тој двоен универзум кој потсетува на бројот 8, пресекот е огледалото, имено, творештвото, а суштината на творештвото е страста постојано да се преминува од едниот во другиот крај на универзум, и така тој да се збогатува до бесконечност....

(Инспирација од ведската приказна за двете птици* )

Видете, црвената боја воопшто не ја разгледувам како комунистичка ниту како симбол на материјализмот (посебно не на догматскиот материјализам кој се обидува да нè убеди дека постои само ова тврдово што механички се движи лево-десно и што е видливо и опипливо, и ништо друго). Такви ознаки на боите не ме интересираат.

Би рекла дека идеологиите немаат баш боја, туку се сиви, некако, или се во боја која попримила сиво или црно.

Нештото е боја додека е живо(т), кога се задушува или умртвува посивува. Кога идејата е виталност зрачи со чиста боја, кога се преобразува во идеологија отуѓена од животот или догматизам станува нечиста боја.

Здрав човек има аура – енергетско поле-харизма од чисти, интензивни бои кои зрачат со светлина, болен човек има аура од нечисти, темни и заматени бои.

Црвената во комбинација со белата боја означуваат насочена енергија со јасна цел. Затоа постои импулс кон силен напредок во земјите кои ги присвоиле овие две бои како свој симбол...

*Птицата од пониската гранка е kshara purusha – индивидуалната душа, птицата на врвот на дрвото е akshara purusha, универзалната душа – “...the bird on the summit of the tree, joyous in his own bliss, undisturbed by the play of Natura, impartially watching it, receiving its image on his calm immovable existence without being for a moment bound or affected, eternally selfgathered, eternally free…the purusha in Nature is called kshara, fluid, shifting… It is the variety of its enjoyment in Time, Space and Causality that makes it kshara. The enjoyment of the akshara purusha is self-existent, beyond Time, Space and Causality, aware of, but undisturbed by the continual multitudinous flux and reflux…” (Sri Aurobindo, The Ideal of the Karmayogin)

Слики : Татјана Миљовска

ОкоБоли главаВицФото