Мрачната страна на македонскиот „текстилен рај“

29.07.2014 16:18
Мрачната страна на македонскиот „текстилен рај“

Селењето на погоните на текстилната и сродните индустрии од Запад на Исток често запира токму на Балканот. Македонија е една од омилените дестинации за преместување на текстилната индустрија. Што им донесува развојот на текстилната индустрија на работниците од земјите на европската периферија?

Република Македонија, заедно со Бугарија, Грција, Албанија и Србија отсекогаш негувала традиција на производство на облека со висок квалитет. Ова беше јасно изразено во времето кога Македонија беше дел од СФРЈ - кога фабриките беа во општествена сопственост, кога текстилната индустрија во Македонија се движеше кон врвот на развојот и бележеше 64.361 вработени. И во Македонија во текстилната индустрија главно работеа жени. Меѓу најпознатите македонски текстилни фабрики во СФРЈ беа „Пелистер“ и „Битолатекс“ во Битола, „Тетекс“ во Тетово, „Астибо“ и „Македонка“ во Штип итн. Во Југославија, надницата на текстилните работнички беше на исто ниво како надниците во другите попрестижни професии, како учителите, адвокатите итн. Некои од овие фабрики дури имаа и посебни здравствени институции и детски градинки. Здравственото и пензиското осигурување беа квалитетно организирани и ги покриваа сите потреби на работниците, додека истовремено работното законодавство предвидуваше осумчасовно работно време, а работата со половина работно време беше ограничена на четири часа. Сите прекувремени часови се плаќаа дополнително, како и работата за време на празници, викенди итн... Постарите генерации од социјалистичко време се потсетуваат на религиозните изреки како: „Во тоа време Бог одеше меѓу луѓето“.

Меѓутоа, идиличните времиња за работничката класа завршија. Работите денес се сосема обратни, а Македонија се смета за една од земјите каде е можно со префрлање на производството да се зголеми добивката. Процесот на транзиција од социјализам во капитализам обележан со криминална и молњевита приватизација ја навести доминацијата на слободниот пазар и капиталистичките вредности, прогласувајќи ги притоа работничките права за свој најголем непријател. Овие општествено-политички промени се најголема причина за радикалната ерозија на правата и стандардот на работниците и работничките вработени во текстилната и кожната индустрија. Притисокот на платите, привилегиите за претприемачите, менувањето на законите во корист на претприемачите и на штета на работниците се мерките со кои Македонија се обидува да привлече странски инвестиции.

Евтин труд и странски инвестиции

Учествувајќи на конференција во Загреб оваа година, случајно во хрватските весници прочитав голем наслов: „Ќе ја претворам Македонија во текстилен рај“. Тоа е изјава на големиот турски бизнисмен од VeiBo Group Association, кој понатаму во интервјуто зборува за своите планови да инвестира дел од капиталот во Македонија, бидејќи оваа земја има одлични услови за развој на текстилниот сектор. На првото читање бев малку запрепастен од вестите, но на втор поглед и од перспектива на остварувањето профит, работите беа логични. Македонија воведе законски минимални плати како последна земја во регионот. Притоа минималците во Македонија се најниски во регионот и изнесуваат 8.800 денари односно 143 ева. Минималната плата во БиХ е 151 евро, во Албанија 160 евра, додека на Косово 170 евра. Грчкиот минималец од 683 евра, од друга страна, изгледа далеку светлосни години.

И покрај законската одредба за минималните плати, во Македонија многумина не добиваат ни целосна минимална плата. Кога станува збор за текстилната и кожната индустрија, законите како да не важат. Според податоците изнесени во публикацијата Stiched up која ја издаде ораганизацијата Clean Clothes Campaign, а која се занимава со создавање на праведни работни услови во овие индустрии, текстилната и кожната индустрија во Македонија во 2012 година вработувале 7,75% (или 37.127 лица) од вкупниот број вработени во земјата. Во овие индустрии најниската плата загарантирана со закон изнесува 7.500 денари, односно 121 евро. Меѓутоа, во пракса, работниците често не го добиваат ниту овој загарантиран со закон минимум. Евидентирани се случаи во кои работодавецот им го исплаќа на работниците целиот износ од платата, но потоа бара од нив да му вратат дел од парите.

Закони кои го штитат капиталот

Би очекувале работодавецот кој ќе биде фатен во ваква постапка на кршење на законот да трпи санкции за тоа. Според законот во Хрватска, на пример, финансиските санкции предвидени за работодавците кои нема да ја исплатат минималната плата изнесуваат од 6.000 до 13.150 евра за правни лица или 920 до 1.315 за физички лица, а висината на казната може да се зголеми зависно од бројот на работници кои не примиле минимална плата.

Меѓутоа, во Македонија казната за овој вид кршење на законот се сведува на повик за едукација, за „капиталистичка“ еманципација. Оваа едукативно-педагошка мерка им се пропишува на возрасни луѓе: на 40-годишни или 50-годишни работодавци. Претпоставка е, се чини, дека работодавците не ги исплатуваат целосните плати не затоа што сакаат на сметка на работниците да остварат поголем профит за себе, туку бидејќи се необразовани. Веројатно затоа со ваквите едукации се обидуваат да постигнат работодавците да прогледаат и да направат голем пресврт во своите животи, и на штета на капиталистичката логика и нужноста од остварување профит, да почнат чесно да ги плаќаат работниците. Иако ваквото стојалиште може да им се прости на обичните луѓе кои не мораат да ја разбираат логиката на капитализмот, истото никако не може да им се прости на законодавците во државата.

Благо поставеното законодавство им овозможува на законодавците двапати да го прекршат законот - дури при второто кршење на законот работодавецот може да добие казна во износ од 6.000 евра. Меѓутоа, откако е воведен законот, па до денес, ниту еден единствен работодавец не е финансиски казнет за овој вид прекршок. Постојат мноштво неофицијални трикови за заобиколување на работничките права. Од друга страна, дури и покрај благото законодавство и постојаниот притисок на шефовите, документирани се и многу писмени и усни пријави за кршењето на правата на работниците. Еден од рецентните случаи е писмото на работничката во текстилната индустрија JSC, потпишано со иницијалите Ф.М. во кое се докуметнира дека техничкиот надзорник ги навредува поради физичкиот изглед, зборува за нивните сексуални животи, им префрла дека се неспособни итн. Надлежниот инспекторат не ја извршува својата работа. И покрај пријавите, санкциите за злоупотреба на работничките на работа постојано изостануваат.

Преместување на производството

Растот на надниците во Западна Европа и отворањето на источните пазари на труд кои имаат значително поевтина работна сила во однос на Запад, поттикнаа селење на текстилната и сродните индустрии во сè поисточните и јужните земји. Кога Грција пристапи кон ЕУ, поради разните царински, трговски и останати услови, текстилните погони повторно почнаа да се преместуваат, бараќи уште поповолни пазари со евтина работна сила. Некои од грчките фабрики се преместени во Азија, додека други се преселени во Македонија. Токму во тој момент македонската влада, во знак на добредојде, го поништи прогресивното оданочување воведено во 2006 година, според кое оданочувањето е поделено на три стапки: 15%, 18% и 24%. Следната 2007 година воведена е даночна стакпа од 12% која идната година е намалена на 10% и тоа е даночната стапка која е на сила и денес. Впрочем, овде треба да се додаде дека Global Economy Forum објави дека Македонија е една од најдобрите дестинации во светот за преместување на фабриките, бидејќи фирмите таму плаќаат најниски даноци на државата. Значи, не само на Балканот и во Европа, туку во светски размери. Географската блискост со земјите од центарот на Европа кои се примарна дестинација на облеката произведена на Балканот исто така е дополнителна причина за привлечноста на Македонија за инвеститорите во текстилната индустрија.

Меѓутоа, сите тие потенцијални привилегии за инвеститорите на работниците од текстилната индустрија не им даваат никаква надеж за подобри услови за работа. Според Државниот завод за статистика, минатата година просечната нето плата во текстилната индустрија изнесувала 11.067 денари или 179 евра, меѓутоа, повеќето вработени во оваа индустрија заработуваат месечна плата помеѓу 100 и 150 евра. Во споредба со просечната македонска плата која изнесува 340 евра или со плати од 772 евра во добро платените сектори, како воздушниот сообраќај, текстилната индустрија е на самото дно.

Положбата на работниците вработени во текстилната индустрија во Македонија е полоша и во споредба со другите земји од регионот. Тоа е јасно од споредбата на македонските плати со оние во текстилниот сектор во Хрватска, каде реалната плата изнесува просечно 330 евра, или во Словенија, каде основната стапка за минимална плата за вработените во текстилната индустрија е 600 евра.

Двојно угнетување на работниците

Ако земеме предвид дека месечната потрошувачка кошничка во март 2014 за четиричлено семејство изнесуваше 32.133 денари, значи 519 евра месечно, не би требало да нè чуди што многу работници во текстилната индустрија со просечна плата од 179 евра, покрај работата во фабрика, се принудени и на барање дополнителни работи (обично во земјоделството: одгледување тутун, овошје и зеленчук) за да преживеат. Понатаму, во земјата во која стапката на невработеност е 30%, работниците се трудат да ги задржат и лошите работни места (на кои се понижувани, малтретирани, работат под стрес, без платена прекувремена работа) бидејќи е речиси невозможно да се добие ново работно место. Па дури и кога платите доцнат два, три или дури пет месеци, работниците не престануваат да се надеваат дека тие сепак ќе стигнат во одреден момент.

Ситуацијата е особено тешка за жените, а 86,5% од вработените во македонската текстилна индустрија се жени. Го нагласувам родовиот фактор, бидејќи покрај споменатите услови за работа во текстилната индустрија, патријархатот дополнително го отежнува животот на жените во Македонија преку веќе воспоставената поларизација на родовите улоги во кои се очекува жената да извршува најголем дел од домашните работи. Таа чисти, готви, посветена мајка е и добра сопруга. Зад сето тоа, на работа е понижена и злоупотребувана работничка чија плата можеби ќе дојде (а ако дојде не е доволна), а можеби и нема. Иако ситуацијата по прашањето на еманципацијата на жените донекаде се менува, тие и понатаму се дискриминирани и сместени во сферата на домот, надвор од сферата на јавното и општественото. Во третото тримесечје од претходната година 60,% од вкупната работно активна машка популација биле вработени, додека процентот на вработени жени изнесува 39,5%. Работите кои ги работат жените често се несигурни, привремени и лошо платени.

Освен малите плати, државата исто така е пречка за синдикално организирање и остварување на основното уставно право на штрајк. Во Македонија работниците не можат легално да организираат штрајк ако не се во синдикат. А дури и ако успеат да организираат штрајк тој може да почне дури кога ќе се покрене процедура за прекин на работата, за која нема пропишана временска рамка. Значи, работодавецот може да го одложува штрајкот до недоглед.

Ваквата атмосфера дополнително ја подгрејува сеприсутниот национализам на кој не се имуни ни големите синдикати кои на вака поставената сцена стануваат инструменти на политичките елити. Силен синдикат кој квалитетно би се залагал за правата на текстилните работници во Македонија не постои. Работниците се препуштени на самоволието на сопствениците на фабриките, а државата се преправа дека ништо од тоа не е нејзин проблем.

Извор: bilten.org
Слики: Sean Mahan