Предрасуди за еден колеж (1)

30.07.2014 11:24
Предрасуди за еден колеж (1)

Ранет француски војник добива цигара од волонтерка на Американскиот Црвен Крст, Франција, 1918.

Вашите први трудови се однесуваат на историската демографија (The Great War and the British People, 1985). Дали во таа област постои уште нешто што може да се открие?

Морам да кажам дека кога почнав да се занимавам со таа тема во седумдесеттите, бев изненаден што немаше одговор на прашањето: „Колку луѓе умреа за време на Големата војна?“ Постоеше голема непрецизност во врка со сите бројки. Тогаш одлучив да користам еден нов извор за Англија: не пописите а регрутите, не воените извештаи, туку статистиката на осигурителните компании кои на пониските класи им овозможувале да организираат погреби за луѓето кои не можеле да платат за нив (pauper’s funeral). Со помош на пристап до симулирани факти, создадов статистичка база на очекувана стапка на смртност во случај да не избиела војната и го споредив тоа очекување со бројките што ги имаме. Се појави огромен пораст на загуби пред навршена старост од 30 години, а по 30 години – пад.

На тој начин дојдов до потполно неочекувано откритие: најсмртоносната војна во историјата на Велика Британија не го спречила, генерално гледано, порастот на животната надеж кај народот. Се разбира, многумина ме критикуваа, но тој заклучок не е соборен.

Парадоксално, првото објаснување за овој факт е отсуството на лекари, затоа што сите биле мобилизирани. Лекарите биле заменети со бабици, кои се заслужни за спроведување дезинфекција, што довело до исчезнување на породилната грозница, а тоа ја намалило стапката на смртност кај децата. Втората причина е контролата на станарината, како и рационализирањето, кое, повторно парадоксално, ја подобрило исхраната на народот. Третата причина е елиминирањето на невработеноста. Најпосле, фактот што детските додатоци им биле исплатувани директно на жените, наместо на мажите, бил исто така корисен.

Во Германија било поинаку, затоа што смртноста на постарите од 40 години била многу висока. Резултатите се поблаги за Франција: имало знаци на подобрување, но и знаци на влошување, особено меѓу постарите личности и помладите жени. Затоа што тие жени добивале туберкулоза кога ги напуштале селата за да одат во градовите. Значи, нема една и единствена демографска историја на војната.

Германски заробени војници помагаат при пренесување на австралиски ранети војници.

Меѓутоа, од ова понатаму може да се заклучи дека Франција и Велика Британија, кои биле демократии, се труделе да го заштитат квалитетот на животот на своите цивили, затоа што тоа било од важно значење за моралот на војниците. Кога германските војници во 1918 година дознале дека нивните семејства живеат сиромашно, се запрашале за смислата на понатамошното војување. Врската помеѓу квалитетот на животот на цивилите и моралот на војниците е директна. Тој осврт на демографијата ме убеди дека подобрувањето на квалитетот на животот на цивилите има централно место во објаснувањето на победата на Сојузниците и поразот на Германците.

Да се вратиме на директните воени загуби. Што претставуваше за вас најголемо изненадување од сите бројки во врска со овој колеж?

Ја открив општествената структура на смртта во британската армија: колку сте повисоко во општествената хиерархија, толку е поголем ризикот да загинете! Милиони Британци од пониските класи, премногу слаби, ги избегнале регрутирањето и мобилизацијата. Сепак, оние кои заминале во војна, често останувале во позадина и тоа ги спасило.

Друга констатација: стапката на смртност на офицерите била двапати поголема отколку кај обичните војници. Тоа го има во воената литература. Но, не е секогаш така: токму обратното се случило за време на војната во Виетнам – најсиромашните, особено црнците, биле најбројни жртви.

Маса германски заробени војници во Франција, август 1918.

Кои држави биле погодени најмногу?

Треба да се сфати дека тоа се две различни војни, едната се одвиваше на Источниот, а другата на Западниот фронт. На Источниот фронт, помеѓу Литванија и Украина, се одигра војната од 19 век, со епидемиите како свои редовни следбеници, во комбинација со војната од 20 век, со целото модерно оружје што постои на Западот. Затоа војната била посмртоносна на Истокот, отколку на Западот. Војната на Истокот продолжува дури до 1921 година во особено ужасни услови. Така, најголем процент загинати во униформа се наоѓа во Србија: 38 проценти од српските војници загинале, што е трипати повеќе отколку во Велика Британија (12 проценти). Овој процент изнесува 25 проценти во Турција, а во Франција и Германија 16 проценти.

Каква била состојбата со ранетите?

Кога станува збор за осакатените и ранетите во војната, проблемот е процентот на оние што умреле заради ранување, тоа е статистика со која не располагаме, затоа што владите не барале попишување на овие случаи за да не плаќаат пензии. Исто така, не била позната врската помеѓу употребата на гасот и респираторните болести што се појавиле по војната.

Друг проблем била проценката на трауматскиот воен шок кај поранешните борци. Требаше да ја средам архивата на осакатените во Public Record Office. Прегледувајќи ги досиејата, дојдов до заклучок дека лекарите, во интерес на болните, често наведувале некоја телесна повреда наместо трауматски шок, кој властите не го признавале како основа за добивање пензија. Но, според моето мислење, 20 проценти од сите ранети претрпеле трауматски шок.

Како се снаоѓало општеството со толкав број мртви?

Повторно ја нагласувам организацијата на семејството по војната. Немало феминистичка револуција: облиците на традиционалното семејство се обновувале брзо. Но, сепак, со една разлика: жените се венчале со помлади – затоа што постарите биле мртви. Во Велика Британија жените се мажеле за мажи од пониските општествени слоеви. Заради тоа, односите помеѓу сопружниците можеле да се променат. Може да се каже дека војната го проширила брачниот пазар на необичен начин. Идејата за заедници од стари девојки е легенда.

Друга промена кај средната класа била зачестеноста на разводот: таа пораснала по војната, но заради војната. Феноменот ја погодил цела Европа. Разводот веќе не бил општествен срам како претходно.

Третиот феномен, значаен за семејството: немало никакво долгорочно влијание на родноста – таа продолжила да опаѓа до 1940 година.

Француски војници, ранети, мртви, распарчени, преживеани; јуни 1918.

Во Велика Британија, заради повисокоата смртност кај елитите по војната е недостатокот од синови кај големите земјопоседници. Со инфлацијата (вредноста на парите се намалила за половина за период од четири години), опаднала дури и цената на земјата. Износот на наемнините што ги добивале земјопоседниците веќе не вредел многу. Овие два феномени (смртта на синовите и губењето на вредноста на земјата) предизвикале најголем промет кај селските имоти во Велика Британија уште од реформите на Хенрик VIII, во 16 век! Тој секундарен ефект на војната ја нарушил социјалната структура на државата; поделбата на земјата станала поправедна.

Најважна последица за општеството во целина останала инфлацијата, која го уништила штедењето кај средните класи и ја поскапела цената на најпотребните добра. Од 1914 до 1918 година бил уништен либералниот модел на кој се засновале предвоените економии – слободно движење на капиталот, слободно движење на производите.

Како и зошто, вие, како историчар на општествата и демографијата, почнавте да се интересирате за културната историја на Големата војна?

Последното поглавје од книгата The Great War and the British People од 1985 беше посветено на сеќавањето за војната. Демографијата не е доволна за да се измери една катастрофа како Големата војна. Требаше да се нурне во тагата на семејствата. Тоа ме доведе до студијата „Sites of Memory, Sites of Mourning“ (Cambridge University Press, 1995).

За мене, годините 1914-1918 го означија раѓањето на она што се нарекува „memory boom“. Овој комеморативен бран беше сеопшт и го одбележа процесот на жалење на општеството. Беше дотолку долг и важен, колку што отсуството на телата ја направија жалоста потешка: 50 проценти од телата сосема исчезнале – што е размер што важи и за нападите од 11 септември.

Телата или веќе не постоеле или биле далеку, понекогаш на друг континент. Во Франција имало долги дебати за да се разјасни дали семејствата имаат право да бараат враќање на телата. Но, 1921 година кога тоа право им било одобрено на луѓето, три години подоцна било јасно дека само една третина од семејствата барале враќање на посмртните остатоци.

На тој начин култот на сеќавањата требало да ја ублажи тагата заради исчезнувањето на телата. Тој имал два посебни, нови аспекти: од една страна, создавање на култот за непознатиот јунак и тоа во сите земји; од друга страна, далбоко почитување на имињата, во вид на списоци на загинати на спомениците кои стануваа свет простор. Телата не се тука, но тука се имињата. Затоа, верувам дека сите земји од светот сакале да создадат свет простор за имињата. Радјард Киплинг, кој го загубил синот (исчезнал во Лос, на север, во септември 1915 година) ја избрал реченицата која стои на влезот на сите британски воени гробишта (цитат од „Книгата на свештениците“ 44:14): „The name shall ive for evermore“ („Името ќе живее засекогаш“).

Оваа замена на луѓе со нивните имиња е еден од најголемите учиноци од Големата војна во културната историја. Промената со која започна новата ера: не може да се замисли трагањето за жртвите од Холокаустот ниту нивното запишување, како ни споменикот во Вашингтон со загинатите од Виетнам, без Големата војна.

Можеме да изброиме 33 000 споменици на загинати во Големата војна во Англија, 38 000 во Франција. Спомениците на загинатите се извонредни, не само како белези, туку и како дискурс со кој Големата војна се вбројува во семејните сеќавања. Социологот Морис Халбвак (Maurice Halbwachs, Les cadres sociaux de la memoire, 1925) покажа дека колективното сеќавање ги допира малите заедници, а не нациите. Семејствата се сеќаваат, а не нациите.

Кој дојде до идејата за „непознатиот јунак“?

Британците, во 1920 година. По првата прослава на Сојузниците, која е одржана во Париз на 14 јули 1919 година, со големото дефиле на „уништените лица“ под Триумфалната капија, во Лондон е одржана церемонија како онаа во Париз, пет дена подоцна. Тогаш, архитектот Едвин Лутиен направил симболичен дрвен гроб, кој требало да биде привремен. Британскиот народ тоа веднаш го прифатил – два милиони луѓе оставиле цвеќе или мали предмети на тој гроб. Гледајќи го тој жар, Владата побарала од Лутиен повторно да направи ист таков гроб, но во камен – тоа стана меморијал за Големата војна во Обединетото Кралство. Но, празната гробница не била според христијанската традиција. Тогаш било одлучено во неа да се стави едно тело, тело на непознат војник што ќе го носи споменот за сите исчезнати. Посмртните остатоци биле донесени на 11 ноември 1920 година. Гробот е подигнат на влезот во Вестминстерската опатија, црквата на кралевите.

Речиси сите останати земји го следеле примерот на британскиот ритуал. Франција ја следела Британија истата година. Дури и 1993 година во Австрија се одигра погреб на непознат јунак, како и во Нов Зеланд 2004 година.

Џузепе Угези, италијански војник болен од туберкулоза во австриски камп за воени заробеници, 1919.

А воените гробишта? Дали и тие датираат од Првата светска војна?

Не. Всушност, таа практика започнала во САД, во шеесеттите години од деветнаесеттиот век, во времето на Сецесионистичката војна. Тоа биле гробишта на војниците од Северот. Но, традицијата на создавање гробишта во чест на погинатите во борба е преземена. Ги имало во сите земји, со исклучок на Русија, каде тогаш во тек била болшевичката револуција. Стиловите потполно се разликуваат од земја до земја. На пример, 1905 година, француските гробови биле украсувани со крст, додека во Велика Британија, наспроти Англиканската црква, гробовите биле означени само со камен.

Британците одлучиле да направат мали гробишта во близината на бојните полиња на северот и североистокот од Франција и Белгија. Наспроти тоа, Французите ги собрале посмртните остатоци во пространите некрополи. Британските гробишта се прекриени со трева и цвеќе. Тие изразуваат една немилитаристичка култура, според која најпрвин цивилите се согласиле со жртвувањето, кои само патем биле војници, за време на само една епизода од својот живот – 80 проценти од загинатите Британци биле доброволци.

Во Британија, како и во Франција, не ги враќале телата во татковината или кога го правеле тоа станувало збор за мал број случаи. Другарството на војниците, видливо од нивните преписки, е многу важно. Сакале мртвите да ги остават заедно. Мислам дека тоа е една од главните причини заради кои семејствата не ги барале телата.

Продолжува...

Извор: http://www.histoire.presse.fr

ОкоБоли главаВицФото