Двојно идентитетско салто: Александар III Македонски е Словен!

30.07.2014 11:23
Двојно идентитетско салто: Александар III Македонски е Словен!

Дури откако добија официјална потврда од меѓународната заедница, дека нивниот проект за идентитетско уништување на младата македонска нација е успешно завршен и дека во преговорите за името „на маса“ ќе биде и македонскиот идентитет, Тајниот синод на јасновидци и шарлатани на ДПМНЕ како да одлучи на македонската идентитетска голгота да ѝ даде нов и неочекуван пресврт. Имено, за потребите на досегашната владина фашизоидна идеологија на „крвта и земјата“ и за нашето расно потекло од старите Македонци, Тајниот синод уште на почетоткот на „преродбата“ ја отфрли нашата словенска етногенеза поради „недоволно старото“ и „недоволно херојското“ минато на старите Словени. Но, откако нашата приграбена античко-македонска етногенеза стана маслинка прободена со чепкалка и сервирана во мартини на шведската маса на меѓународната заедница, од хтонските длабочини на дпмнеовската глупост се подготвува коперникански пресврт: најновата верзија на нашето потекло е дека ние всушност сме Словени, но воедно и антички Македонци. Како тоа? Па, зашто и античките Македонци биле Словени! Уауу, каков пресврт – како да сме на историски ролер-костер, на којшто не можам да му одолеам. Совладан од бескрајната гравитација со која глупилото на ДПМНЕ како црна дупка го закривува просторот македонски, се нурнувам во етногенетскиот вир во кој исчезнуваат физичките мерила на просторот и времето. Почитувани читатели, по мене!

Елем, последнава деценија и кусур, современата наука можеби го отпочна пресвртот во нашата „неблагородна“ ропска словенска генеалогија, па наместо општоприфатената научна теорија дека Словените „упаднале“ длабоко во Европа и на Балканот дури во шестиот век од нашата ера, генетиката, историската лингвистика, палео-антропологијата и археологијата последниве години нудат сè повеќе податоци за раниот неолитски, мезолитски, па дури и палеолитски континуитет на човечките култури во цела Европа. Овие индиции кои главно се темелат врз совпаѓањето на генетските маркери и лингвистичките својства на јазиците со денешната распространетост на народите, сериозно укажуваат дека теоријата за доцното појавување на Словените најверојатно ќе мора да ѝ отстапи место на теоријата за континуитетот на нивното стабилно и успешно постоење уште од доцниот палеолит на територијата на половина Европа, од Средоземното и Црното море до Урал и Балтикот – каде што се наоѓаат и денес. Според ова научно-фантастично сценарио не е далеку ни денот кога од новите сознанија ќе произлезе и коперникански возбудливата хипотеза дека античките Тракијци, кои живееле северно и западно од Хелените и оставиле огромно археолошко наследство во соседна Бугарија, не исчезнале без трага и објаснение од историјата, туку најверојатно токму тие биле некој вид прото-словенска група народи, која продолжила да постои на Балканот и ширум Европа до денешно време, сочинувајќи го огромниот корпус на современите словенски народи. Екстатично!

Фатално вовлечен од неверојатната спирала на етногентски пресврти, не му одолеав на искушението и самиот да не земам активно учество во овие епохални откритија, и да ја отворам Историјата на Херодот, „таткото на историјата“ кој живеел во 5-иот век п.н.е. и ја напишал првата историографија на античкиот свет. И што да видам?! Вели, Тракијците биле, после Индијците, најбројниот народ на светот. Го населувале целиот простор од Црно Море до Јадранот, а на север до ненаселениот вечен мраз. Имале многу племиња, со многу различни имиња, но со слични јазици и обичаи... Ако нешто одговара на точниот опис на распространетоста, бројноста и диверзитетот на словенските народи, тоа е тогаш стариот опис на Тракијците од Херодот! Фасцинантно. Тој понатаму пишува дека Тракијците да имаа еден владетел и да беа сложни, тие ќе беа најнепобедивиот народ на светот. Точно така, мајсторе! Тука наеднаш доаѓам до највредниот и најверодостојниот доказ дека старите Тракијци навистина биле народ од словенска провениенција, што се вели – наши луѓе. Опишувајќи ги дистинктивните својства на тракискиот менталитет, Херодот поентира: „Безделничењето е за нив нешто најубаво, а земјоделието нешто најлошо. Да живеат од грабеж, за нив е најголемата гордост.“ (Историјата на Херодот, V, 6) Се почувствував како Индијана Џонс, осветлен од божествената вистина која заблеснува од подотворениот ковчег. Зошто човештвото досега не ја здогледало толку очебијната вистина?

Но, тоа не е сè: доколку се потврди дека Словените се Европејци од „најстарата лоза“, неминовно ќе се утврди и дека повеќето народи кои тогаш го населувале овој дел од Балканот биле сродни тракиски племиња, што ќе рече прото-Словени. А огромна е веројатноста и дека античките Македонци всушност биле гранично тракиско прото-словенско племе кое, од времето на Пердика, Аминта, па до Филип и Александар, сакале себеси да се поистоветуваат со културно супериорните Хелени. Како ви изгледа? Како филмски етногенетски климакс со вистинско двојно идентитетско салто на Александар и загубениот библиски народ: Словените од робови, фукара и скороевци ќе станат вистинските благородни Ариевци, а античките Македонци наместо Грци ќе излезе дека се Словени!

Сепак, ограничениот простор ме приморува да слезам од забавното вовче на коешто се вози Тајниот синод на етногенетските лудаци, и да го поставам единственото трезвено, домаќинско прашање. Дали овој бајковит драмско-историски крешчендо ќе го сопре процесот на нашето идентитетско прерождение од Словени во антички Македонци и, следствено, од антички Македонци во непостоечки Ништожници, поданици на големото Ништо? Најверојатно нема, зашто колку и да се „вистинити“ хипотезите што ќе ги „открие“ науката за нештата кои се случиле пред 2.000 или пред 20.000 години, а што ќе пројде низ менталната септичка јама на дпмневските мозоци, не е релевантно ни за нашиот денешен идентитет, ниту за нашата денешна мизерна општествена состојба. Но, затоа, колку и да се нереални, лажни и безумни расистичките „теории“ на ДПМНЕ за нашето античко македонско или за ариевското словенско потекло, нивните негативни консеквенци за нашата сегашност се болно стварни и безмилосни. Мистиката на илузиите и лагите неумоливо се отелотворува во суровата реалност на нивните последици.

Извор: Слободен печат, 29.07.2014.
Слики: Свирачиња