Алка за нишалка

31.07.2014 10:02
Алка за нишалка

ЛАЗАЧЕ

Лази, лази полже мало
пушти нозе
подај раце —
кроце-кроце.

Крени глава
види небо, сонце, зраци
влечи става
земја, трева, цвеќе баци.

Лази, лази полже мало
сила збери
земја мери —
кроце-кроце.

ЛИЖИПРСТ

И камче
и гранче
и врвче
и крпче
и книџе
и џиџе
и коренче
и бубаче —
сè што лета
сè што шета
со поглед си следи
и в усте си реди.

Сокријте му камен, корен
скинете му крпче, врвче
засолнете сè што лета
сè што прета —
прсте слатко ќе си лиже
и ќе мижи, и ќе мижи.

ВРТЕЊЕ СО ГЛАВА

Врт-заврт
врт-одврт
ко сончоглед
врти поглед.

Десно мама сјае —
светлина
лево тате грее —
топлина.

Врт-заврт
светнува
врт-одврт
грејнува.

ЅЕ

Дете со лозов лист се покрива
лист се ниша, го отскрива.
Ѕе! — Екнува.
Ѕе! — Клекнува.

Зад гроздови зрна се провнува
зрна кине, грозд се сронува.
Ѕе! — Се обѕрнува.
Ѕе! — Првнува.

Дете се крие
лоза се вие...

ЛУТИНА

Трас-трус
воз излезе од пругата.
Тут-тут
тажно засвири трубата.
Тум-тум
топки в тавани тупнаа.
Пам-пум
балони силно пукнаа.
Бам-бум
куклиња на под треснаа.
Оф-туф
детски рачиња плеснаа.

ТРЧАЊЕ

Босо ветре во студена руба
труби, дува во ветрена труба.

Мало дете в смешна трка
босо, ветрето го брка —
да го фати за студена руба
да ја грабне ветровата труба.
Да затруби: иу, иу!
Да задува: фиу, фиу!

Сече студот, свири ветер
ечи труба, трча дете.

ИТАНИЦА

Под облаци дете застоено
да загрми
да заврне
да порасне чека исправено.

Гром се згласи
го исплаши
дожд се тури
го искваси.

На дрво се мери потпрено
мери мери
пак премери
искиснато а неизвишено!

ИЗМИСЛЕН ДРУГАР

Само дете, само стои
гледа в небо, птици брои.
Се поткрена
си откина суво гранче,
се наведна
лази бубаче ко дамче.

Само дете, само шета
над глава му птица лета.
Се насмеа
најде ливче како чамче,
си запеа
си подигна бело камче.

Само дете, само в двори
со камче си игра, збори.

ФОТОГРАФИЈА

По петлето трча, вика:
Не мрдај, не диши — сликам!
Петлето си кукурика.

Ваму поглед, брзо — сликам!
По врапчето дете свика.
Врапчето си чурулика.

Насмев, насмев, ајде — вика
магарето да го слика.
Магарето мрда, рика.

Чкрап-чкрип со прстето чкрапа
чкрап-чкрип играчката штрака.

ЦРТЕЖИ

Една точка — една лочка
една права — една крива
една крива — една нива
едно крукче — едно крувче
чкртаница — ораница
цртка — чадови доодени
чкртка — луѓе неродени.

Сè видено — невидено
сè чуено — нечуено
дете црта пречкртува
со точка и линија
светот го нацртува.

СКАЖУВАЊЕ СКАЗНИ

Едно коњче си било
белогриво,
на коњче дете мило
игриво.
Оделе оделе до небо стасале
јадри ѕвезди набрале.
Оделе оделе назад се вратиле
во вода ги истуриле.

Цела ноќ ѕвездите во вода светеле
утрото во крлушки се престориле.

Извор: Алка за нишалка Детска радост, 1981, Скопје.
Цртежи: Владо Јоциќ

Светлана Христова - Јоциќ (Ресен, 27 февруари 1941 - Скопје, 27 април 2012) била македонска поетеса, есеист и писател за деца. Завршила Филозофски факултет во Скопје. Работела како новинар во Радио Скопје. Била секретар и претседател на ДПМ и покренувач и главен и одговорен уредник на ревијата „Стожер“. Член e на македонскиот ПЕН центар и на ДПМ. Добитник е на наградата „Браќа Миладиновци“. Авторка е на книгите Калесница (поезија, 1970), Скришен ковчег (поезија, 1974), Сињо (поезија, 1980), Последна битка (повест за деца, 1980), Алка за нишалка (поeзија за деца, 1981), Еа (поезија, 1984), Хагада (поезија, 1987), Зачатие (поезија, 1990), Самечка ќелија (поезија, 1993), Душница (избор поезија, 1993), Гусларот (повест за деца, 1993), Стровиште (роман, 1994), Силенто (поезија, есперанто, 1995), С. Бесмертна (поезија, 1996), Голема молитва (поезија, 2000), На ште срце (поезија, 2012).

ОкоБоли главаВицФото