Предрасуди за еден колеж (2)

31.07.2014 10:37
Предрасуди за еден колеж (2)

Дали ритуалите на жалоста се менувале во текот на Големата војна?

Да, некои ритуали се менувале. И, тоа продолжува. Нови ритуали се создаваат и денес. Во Фромел, јужно од Лил, еден напад од 19 јули 1916 година се претворил во катастрофа во која загинале 7 500 сојузници, Британци и Австралијци. Можело да се најдат остатоци од сите загинати, со исклучок на двестемина. Поминаа четири години откако еден австралиски лекар, користејќи германски извори, претпостави дека овие војници, тешко ранети, паднале во германски раце и биле закопани во мала шума во близина. Истражувањата овозможија да се пронајдат исчезнатите 200 тела и, благодарение на ДНК анализите на семејствата, тие тела се идентификувани. Потоа, семејствата дојдоа од Австралија за да ги погребаат своите роднини на нови гробишта, направени за таа прилика, во Фромел.

Сите избирале реченица која ќе биде врежана на надгробната плоча, како што се правело во дваесеттите години од минатиот век. Во тој период речиси сите семејства бирале формула за почит, без гнев, без обвинување. Во 2009 година, роднините употребија цитат од големата баптистичка химна „Amazing Grace“: „Once I was lost, and now I’m found“ („Бев изгубен, а сега сум пронајден“). Се продолжува со смислување нови начини за да се изрази жалост.

Секое семејство, секоја куќа жалела на поинаков начин. Ако не е можно да се каже како секое семејство ја надвладеало тагата, знам дека имало врски помеѓу нив: тоа го нарекувам „фиктивно сродство“. Не станува збор за крвни врски, туку за споделување тажни искуства за мртвите. Здруженијата на поранешните војници играле многу важна улога. На тој начин ожалостените семејства го споделувале длабокото искуство со други семејства што го доживеале истото, па така формирале еден вид популација во рамки на нацијата. Меѓусебно си помагале на исклучителен начин, особено во потрагите по исчезнатите.

Секој колективитет ги поврзал своите комеморации со големите национални прослави. Се разбира, во многу земји тоа е 11 ноември. Но, во Австралија, национален празник е 25 април, денот на истоварувањето на војниците во Галиполи. По тој повод во семејствата се организираат ручеци, на 11 ноември или 25 април, се слават деновите на големите битки (на пример, 1 јули, првиот ден од битката на Сома 1916 година).

Некои во тоа гледаат облик на милитаризам, но јас не се сложувам со тоа. Сигурно е дека нацистите ја инструментализирале комеморацијата. Но, убеден сум дека милитаризмот на Хитлер и Мусолини претставува само мал дел од одговорот на масите на жалоста за мртвите. Според моето мислење, таквото политизирање било минорно.

Дали ги утврдивте разликите во начините на изразување жалост според земјите и културите?

Да, се разбира. На пример, местото на жените во локалните прослави се менува од земја до земја. Тие што ги милитаризираат церемониите, како фашистите, од нив ги отстрануваат жените, тие ги „маскулинизираат“ воените сеќавања. Во Русија, се забележува истата „маскулинизација“ на церемониите. Иако жените носеле униформи за време на Втората светска војна, револуцијата ги отстранила сите слики од жени од Големата војна.

Во земјите со протестантска култура, за разлика од католичките, спомениците на загинатите можеле да бидат поврзани со некоја корисна функција: некои роднини направиле поило за коњи во едно мало село (war memorial water trough); други направиле терен за крикет; роднина на загинатиот можел да даде донација на болницата за изградба на нов објект. Постапки незамисливи во католичките краишта.

Мачка оди по цевка од 15-инчен топ на британски воен брод, 1915.

Кои од овие случаи се традиционални религиозни обичаи? Дали тие оживеаја со Големата војна?

Кога бројот исчезнати ќе достигне милиони, смртта го менува значењето. Институциите кои традиционално ја обликуваат жалоста, особено црквите, не можеле на верниците да им овозможат утеха со визија за искупување од гревовите. Дури може да се каже дека оваа војна ја уништи довербата што ја имаше во црквите. Папата Бенедикт XV бил пацифист, но тој не можел да направи ништо.

Религиозниот свет влегол во криза. Идејата за верата во Бога пред таквиот масакр морала да биде преиспитана. Тоа било случај со еврејската теологија со појавата на дела како што е L’Etoile da la Redemption („Ѕвездата на искупувањето“) на Франц Розенцвајг (1921) или списите на Валтер Бенџамин. Карл Барт, еден од големите германски теолози, протестант, во 1916 година ја напишал големата книга за Пратениците на апостолот Павле за Римјаните: тоа бил неговиот одговор за Големата војна. Тоа е почеток на фрагментацијата на религиозните гледишта за војната, која ќе се засили, се разбира, по Втората светска војна и Холокаустот, а продолжува и денес.

Се констатира културна миграција на духовното во различни правци. Пол Фусел, професор по англиска книжевност, во 1975 година напиша книга која никогаш не беше преведена на француски: The Great War and Modern Memory. Тој покажува дека луѓето, затоа што стравуваат од големи несреќи, употребуваат иронија, која функционира како еден вид „модерно сеќавање“. Иронијата е средство за одбрана на човекот, кој зазема дистанца во однос на катастрофата. Оваа прекрасна книга, за која воопшто не се знае во Франција, предизвика голем број нови трудови за културната историја.

Настојував да ја продолжам таа теза во мојата книга Sites of Memory, Sites of Mourning. Без намера да ја побивам, сакав да покажам дека војната, исто така, предизвика и враќање на предмодерните ставови кон смртта и жалоста и додадов една друга димензија, која послужи за споредба. Исто така, го проширив видот на изворите, особено користејќи филмови. Во филмот „Обвинувам“ на Абел Ганс, се присуствува на воскреснување на мртвите кои ги обвинуваат живите за недостаток на граѓански дух и ги објавуваат личните и семејните предавства. Како во овој филм од 1919 година да не може да се забележи враќањето на стариот мит за враќањето на мртвите? Повторно наоѓање еден јазик, повикување на старите, предхристијански содржини, за да се изрази тага.

Меѓу овие религиозни предмодерни манифестации, вие особено го истакнувате спиритуализмот. Каква улога одиграл тој во различни земји?

Спиритуализмот, кој се појавил во Европа околу 1850 година, доживеал нов полет по Големата војна. До триесеттите, секаде бил прифатен од страна на научниците, особено во Англија. На пример, писателот Сер Артур Конан Дојл, кој во војната ги изгубил синот и братот, се насочил кон спиритуализмот за да воспостави контакт со нив.

Според моето мислење, спиритуализмот сведочи за очајот на ожалостените семејства, кој вообичаените институции, особено црквите, не можеле да го ублажат. Црквите ги мразеле спиритуалистите. Вистина е дека спиритуализмот се противи на сите основни претпоставки на христијанството: не постои Исус, не постојат свештениците, не постои црквата. Жените служат како посредници. Овој необичен налет кон спиритуалниот свет ме убеди дека постоела една културна контрареволуција за време на Големата војна, враќање на предхристијанските корени, еден вид класицизам кој бил грчки, римски, но не и христијански. „Модерното сеќавање“ и неговата иронија, такви како што ги дефинирал Фусел, не можеле да замислат таква катастрофа. Во погребувањето на синот или почитувањето на сеќавањето за него, затоа што го немало целото тело, немало ништо иронично. Јазикот на иронијата се појавил подоцна; со Жан Жироду, со „Тројанската војна нема да се одигра“.

Железнички мост во близина на Рига, уништен од Русите. Германските инженери изградиле импровизиран премин за да можат да се движат нивните пешадиски единици.

Генерално кажано, дали односот кон смртта е променет?

Да. Најпрвин, загинатите во војната не можеле да се сокријат. Нивното присуство, маргинално во 19 век, станало многу силно. Второ, ужасните промени од Големата војна ја направиле прифатлива идејата за кремацијата: таа ќе биде повеќе практикувана по војната, отколку пред неа.

Најпосле, со војната бил нарушен генерацискиот поредок. Никогаш не било природно родителите да ги погребуваат своите синови. Идејата која силно го насочила животот кон прогресот, исто така, била доведена во прашање во периодот на војната 1914-1918 година. Шоковите од Втората светска војна и војните што следеа, заради истите причини, уште повеќе го уништија оптимизмот од 19 век. Отсега, се прифаќа дека насилството на државите или недржавите, како Ал Каеда, може да ги зафати сите. Најмноќните последици од Големата војна се, сосема сигурно, присуството на насилството меѓу нас и стравот дека генерациите нема да се обноват.

Какви се ефектите од Големата војна на менталитетот?

Еден од главните ефекти од Големата војна е ширењето на литературата што ја напишале сведоците, младите офицери, војниците. Воената литература, се разбира, веќе постоела – може да се почне со Хомер. Но, со децении новост е нејзината, речиси општа, пацифистичка содржина. Особено во Велика Британија делата на овие воени писатели влегоа во училишните програми и останаа таму до ден денешен: делата на Роберт Грејвс, Зигфрид Сасон и Вилфред Овен се доказ за тоа. За да се сфати денешниот отпор кон војната во современа Европа, потребно е да се вратиме кон Првата светска војна.

Се разбира дека има различни воени искуства. Се разбира дека Германците сакале да се осветат за „предавството од 1918 година“. Но, јас мислам дека „долготрајниот“ ефект на Големата војна се состои во елиминирањето на зборот „слава“ од нашиот речник. Не се сложувам со идејата за културата на војната која би го пронижала духот на населението. Концепцијата на Европа која треба да се гради, како одговор на Големата војна, е родена во главите на војниците во периодот од 1914 до 1918 година, а започна од Рене Касин (Cf. A. Prost, J. Winter, Rene Casin, Fayard, 2011, Cambridge University Press, 2013). Конфликтот означува почеток на искоренувањето на воениот дух во Европа. Макотрпен пат што продолжува до денешен ден.

Поинаку кажано, да се биде победник или победен било помалку важно од фактот за масовната смрт. Победниците и победените имале повеќе заедничко отколку што може да се замисли. На пример, постои многу силна врска помеѓу Австралијците и Турците. Турците победиле во битката кај Галиполи (април 1915 – јануари 1916 година), но ја загубиле војната. Го стекнале својот национален идентитет во истиот момент кога и Австралијците – за време на Големата војна. Во Канбера може да се види скулптура од 2008 година на која се гравирани зборовите на Ататурк од 1934 година: „Мајки од Австралија, бидете мирни, вашите синови почиваат под наша закрила“. Меѓу другото, Австралијците имаат проблем да се определат според геноцидот над Ерменците, заради старото пријателство со Турците.

Во суштина, по 43 години изучување на Големата војна, она што за мене остана најголемо изненадување се сите овие милиони мажи и жени кои влегле во тој кошмар и кои од него повторно излегле хумани, со недопрени вредности. Во таа смисла, постои едно нешто што не го разбирам: тоа е психолошкото оздравување, способноста да се продолжи животот, да се набљудува убавината, да се мисли на други нешта, а не на кланицата.

Тоа се причините заради кои не ја гледам врската помеѓу 1914 и 1933 година. Не ја прифаќам теоријата за „брутализација“, која ја разработи Џорџ Мос (G. Mosse, Fallen Soldiers. Reshaping the Memory of the World Wars, Oxford University Press, 1990), според која Големата војна, особено во Германија, можела да доведе до растечка рамнодушност кон вредностите на човечкиот живот, што водело кон нацизам. Сигурно дека имало луѓе кои биле „брутализирани“, засекогаш обележани со оваа војна, но милиони луѓе повторно го најдоа патот до својот дом, повторно ја најдоа љубовта, повторно најдоа начин да бидат достоинствени. Како го направија тоа? Тоа е прашање на кое немам одговор.

Руски резервисти се пријавуваат во армијата, придружувани од роднините.

Воени загуби

Број на загинати или исчезнати војници

Сојузниците (5 648 300 загинати или исчезнати)

Русија – 1 800 000
Франција – 1 375 800
Велика Британија – 908 400

(Царствата и доминионите)
Италија – 578 000
Србија – 278 000
Романија – 250 000
САД – 114 000
Белгија – 38 700

Централните сили (4 353 500 загинати или исчезнати)

Германија – 2 033 070
Австро-Унгарија – 1 100 000
Турција – 800 000
Бугарија – 87 500

Учество на загинатите или исчезнатите војници во вкупниот број мобилизирани

Сојузниците (11% загинати или исчезнати)

Србија – 38%
Романија – 25%
Франција – 16%
Велика Британија – 12%
Белгија – 11%
Италија – 10%
Русија – 10%
САД – 2,5%

Централните сили (16% загинати или исчезнати)

Турција – 25%
Бугарија – 22%
Германија – 16%
Австро-Унгарија – 12%

Вкупен број воено вдовици и сираци

Воени вдовици – 3 000 000
Воени сирачиња – 6 000 000

Џеј Винтер е професор на Јеил. Ја објави книгата „Помеѓу жалоста и сеќавањата. Големата војна во културната историја на Европа“ (Entre deuil et memoire. La Grande Guerre dans l’histoire culturelle de l’Europe, Armand Colin, 2005; англиско издание 1995). Уредува три тома од книгата „Првата светска војна“ (La Premiere Guerre mondiale), која ја издадоа Fayard и Cambridge University Press, од кои првиот том „Борби“ (Combats) се појави на француски во октомври 2013 година.

Крај.

Кон првиот дел.

Извор: http://www.histoire.presse.fr

ОкоБоли главаВицФото