Битката кај Беласица и слепилото кај Македонците!

31.07.2014 12:12
Битката кај Беласица и слепилото кај Македонците!

Ги прашувам пријателите од јуесајдито дали би сакале да го помогнат, финансиски и логистички, сноуденски, зошто да не, формирањето и функционирањето на Центарот за документација и истражување на мирновременските злосторства на власта во Македонија?! Со претсудска подготовка, ако пројават интерес да одиме и на тоа ниво! Во заграда, проектот би можел да се дефинира како кратка историја на системски и систематски организираните процеси на економското, културното и моралното распаѓање на една мала, слатка, безмалку бајадерична државичка, земја на политички приглупи но главно питоми луѓе, со тоа што под питоми нема да ги сметаме бодипретепувачите и упуцувачите што работат за власта или типовите што се во власта по некоја друга основа?! Со аспектите на сесрдната помош на меѓународната заедница, инклудинг Јунајтед стејтс!

Или ќе чекаат прво да собориме некој авион, на Ист ривер да се донесе некоја резолуција за прекин на огнот и да се одржат не помалку од пет лајф ејди за помош на бегалците од библиската земја во задграничните кампови „у пизду“ и „у материну“?!

Не велам дека треба да престанат да ги финансираат длабокоумните анализи на медиумските испрдоци што се раширија во тоа што некогаш беше новинарство како листериите низ здравствениот систем на Никола Тодоров или како ешерихијата Бети во тоа што некогаш беше културен простор во кој луѓето се соочуваа со нормалноста и ја покажуваа сопствената нормалност како прашање на естетиката и обратно! Тој, мислам, мониторинг на формите што останаа зад испумпаната суштина и содржина, таа заебанција околу која јуесајдито успеа да ја ангажира, не без елементи на евтина корупција, крајно осиромашената, здравомислечка оставштина на пропаднатиот свет!

Бојата розе во медиумските светови на Керим и Никола преку анализа на краватите, шишињата и мајмунскиот задник што ги шета првиот и стварноста како проект што ја гледа вториот, може да биде прилично атрактивна тема во светот на бесмислените критериуми на јуесајдито за унапредување на медиумскиот простор! Некој колега може да им лапне цели сто евра за една ваква инвестигација. Или, влијанието на козите врз новинарската млечност на некои одвратности што од малите екрани испуштаат повеќе отрови отколку сите оџаци на Минчо Јорданов сосе појавите на Хорхе заедно! Говорот на омраза во љубовниот клинч меѓу народот и власта во кој народот вика „ох!“. Медиумската империја на Ѕинго и церебралните промени кон ултразабавено мислење кај Македонците! Битката кај Беласица и нашето политичкото слепило! А има и други атрактивни теми и анализи: студискиот престој на потпалувачите на Американската амбасада во Скопјанг и обновата на довербата или меѓуетничките тензии и напорите на американскиот амбасадор да ги смири со отворени закани дека ќе им ги ограничи испораките на доларските ќибритчиња на главните пиромани во власта! Или еколошките импликации од исчезнувањето на китовите во Северниот Пацифик и на Македонците во Централниот Балкан!

Признавам дека сѐ се тоа мошне забавни начини за арчење, расфрлање би рекол, на парите на американските даночни обврзници, тоа, мислам, мониторирање на нешто што не постои, како кога НАСА би пратила посматрачка мисија на планетата што ја нема во астрономскиот атлас! Освен ако посматрањето не се прави како кога убиецот сака да биде сигурен дека убиениот е мртов! Или постои, но не како медиумска, туку како криминална категорија!

Американскиот даночен обврзник во зорт би можел да си го избрише газот со тие анализи и дури да се чувствува пријатно ако претходно ги симне од смрдливите компјутери!

Тие форми на помош ја цементираат катастрофалната медиумска и вкупна општествена ситуација во корист на владејачкиот бандитериум и, истовремено, на дародавачите им пружаат алиби, ја камуфлираат нивната одговорност и им даваат пристојни дози вениш за отстранување на тврдокорните дамки од нечистата совест! Како бонус!

Да се вратиме, значи, на идејата за Центарот за документирање и проучување на мирновременските злосторства на власта.

Интердисциплинарна група би се занимавала со документирање и истражување на идеолошките, идејните и културолошките основи на македонскиот пораз, со политичките операционализации што го остварија како неверојатен злосторнички подвиг и го доведоа до границата на непоправливоста, со вршителите на работите во форма на партии, институти, судови, аданауерски и други групи и инстанци, со историските околности во кои бил можен еден ваков крах, со културнополитичкиот и менталноморалниот профил на луѓето покрај кои и низ кои, со помош на кои, е остварен овој подвиг, со составување на списоци на најодговорните луѓе кои ја креирале или барем ја одобрувале и помагале катастрофата, со нивните функции и конкретни проекти, со форматирање цели досиеја како културнополитичко и правно наследство за постапување пред надлежните институции по нивната темелна рехабилитација! Со финансиските трансакции во нивните реални димензии, со демаскирање на нормативната обезбеденост и институционалната покриеност на злосторот! Центарот или институција што тој ќе ја одбере, би се занимавале и со визенталско откривање и приведување на одговорните каде и да се!

Не се сомневаме дека американските пријатели можат да ни помогнат со бројни и важни информации во врска со монструозниот проект за самоуништување на македонскиот организам со помош на смртоносната листерија од типот вмро!

Јас сум спремен на Американците да им го доставам комплетниот концепт, со детални пресметки, стига да пројават интерес!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат