Ексклузивно: Фоката прва го нападнала Македонецот во Хрватска

31.07.2014 18:19
Ексклузивно: Фоката прва го нападнала Македонецот во Хрватска

Скопје, 31 јули 2014

Министерството за надворешни работи на Македонија се огласи со соопштение по повод протерувањето на 56-годишниот Македонец од Хрватска откако наводно удрил фока заштитена со закон, во кое открива дека тој само се бранел од агресивното животно.

„МНР стапи во контакт со Македонецот од Хрватска и тој ни објасни дека станува збор за уште еден злобен заговор против Македонците, бидејќи фоката прва го нападнала за да го испровоцира“, велат од МНР и најавуваат дека ќе испратат протестна нота до хрватското МНР.

Според официјалната верзија, 56-годишниот Македонец бил еден од капачите на Гортановиот залив во Пула, на плажа на која се наоѓа едукативно пано за забрана на вознемирување на овој строго заштитен животински вид. Тој се приближил до оградениот простор и неколку пати со рака ја удрил фоката по грбот и ја избркал од плажата кон морето.

Но, дека работите не стојат така, кажува и самиот учесник во немилиот настан.

„Фоката прва почна да ме провоцира. Се приближи до плажата, ми правеше гримаси и навредливи гестикулации, па морав да реагирам за да ја одбранам честа“, објаснува 56 годишниот Македонец кој не сакаше да го открие името.

Тој додаде дека се придржувал до античкомакедонската поговорка „не млати фока ако не се закача прва“ и дека за него тепањето на фока без причина е најниското нешто што може да го направи еден човек.