Крипто-анархистички манифест

01.08.2014 10:00
Крипто-анархистички манифест

Едно сениште го прогонува модерниот свет, сеништето на крипто-анархијата. Компјутерската технологија е на работ на остварување на возможноста за индивидуалци и групи да комуницираат и заемно да дејствуваат сосема анонимно. Две лица можат да разменуваат пораки, да водат бизнис, и да преговараат за електронски договори без едниот да го знае Вистинското Име, или легалниот идентитет на другиот. Интеракциите преку мрежите ќе бидат неследливи, преку обилно ре-рутирање на криптирани пакети и компјутери отпорни на надворешно мешање кои што ќе ги имплементираат криптографските протоколи со речиси совршена сигурност против какво било мешање од надвор.

Репутациите ќе бидат од основна важност, многу поважни во делата од
кредитните рејтинзи денес. Ваквиот развој ќе ја измени потполно природата на државното регулирање, можноста за оданочување и контрола на економските интеракции, можноста да се зачувуваат информациски тајни, и ќе ја измени природата на доверба и репутација.

Технологијата за оваа револуција - а тоа сигурно ќе биде и економска и социјална револуција - постои во теоријата веќе од минатата деценија. Методите се основани на енкрипција со јавни клучеви, системи за интерактивно докажување со нула знаење, и разни софтверски протоколи за интеракција, автентикација и верификација. Фокусот до сега беше насочен кон академски конференции во Европа и САД, конференции одблизу набљудувани од АНБ.

Но, неодамна компјутерските мрежи и персоналните компјутери добија доволно голема брзина за да биде возможно овие идеи да се реализираат во пракса. Следните десет години ќе донесат доволно дополнителна брзина за да ги направат овие идеи економски изводливи и суштински незапирливи. Високо-брзински мрежи, ISDN, tamper-proof компјутери, паметни картички, сателити, Ku-бенд предаватели, мулти-МИПС персонални компјутери, и чипови за енкрипција кои се моментално во разработка ќе бидат дел од технологијата која што ќе го овозможи тоа.

Државата секако ќе се обиде да го забави или запре ширењето на овие технологии, повикувајќи се на грижата за националната безбедност, злоупотребата на овие технологии од страна на дилери и затајувачи на данок, и стравот од распаѓање на општеството. Многу од овие грижи ќе бидат оправдани; крипто-анархијата ќе овозможи трговија со националните тајни, незаконски и украдени материјали. Анонимен, компјутеризиран пазар ќе овозможи одвратни зделки за платени убиства и уценувања. Различни криминални и надворешни елементи ќе бидат активни на Крипто-Мрежата. Но, тоа нема да го запре ширењето на крипто анархијата.

Исто како што технологијата на печатење ја измени и намали силата на средновековните гилдови и социјалната структура на моќ, така и криптолошките методи фундаментално ќе ја изменат природата на корпорациите и вмешувањето на владата во економските трансакции. Во комбинација со новите пазари за информација, крипто-анархијата ќе создаде ликвиден пазар за секаков материјал кој може да се претстави со зборови и слики. Исто како што навидум мало откритие како бодликавата жица, која што го овозможи оградувањето на големи ранчови и фарми, и со тоа засекогаш ги измени концептите за земја и право на сопственост на Запад, така и навидум малото откритие од една мистериозна гранка на математиката ќе се претвори во ножици за жица кои ќе ја расклопат бодликавата жица околу интелектуалната сопственост.

Кренете се, немате што да изгубите, освен вашите бодликави жици!

(1988)

Извор: www.activism.net
Превод: Стефан Бојаровски

ОкоБоли главаВицФото