„Патриотскиот“ говор на омраза кон Ченто во „Нова Македонија“ (1946)

05.08.2014 09:09
„Патриотскиот“ говор на омраза кон Ченто во „Нова Македонија“ (1946)

Методија Андонов Ченто во средина, по ослободувањето на Скопје. Фото: Македонски национален архив, преку Википедија, 1 ноември 1944 г.

Циклусот написи посветени на „патриотскиот“ говор на омраза (1, 2, 3) го продолжуваме со историски осврт на медиумското претставување во „Нова Македонија“ на апсењето и судењето на Методија Андонов – Ченто во 1946 година.

Чин 1: „Нова Македонија“ како огласник на МВР

Точно пред 68 години, на 31 јули 1946 година, во долниот десен агол на насловната страница на „Нова Македонија“ („Орган на Народниот фронт на Македонија“), истиот ден кога ударна вест е „Започна мировната конференција на 21 нација“, објавено е следново кусо соопштение:

Соопштение на Министерството на внатрешните работи на НРМ:

При опитот да побегне преку граница од нашата земја во Грција уапсен е од органите на државната безбедност Методија Андонов – Ченто.
Министер на внатрешните работи на НРМ
Цветко Узуновски

Насловна страница на „Нова Македонија“ од 31 јули 1946 година. Соопштението за апсењето на Ченто во ќошот долу десно.

На прв поглед, се чини дека „Нова Македонија“ не направила ништо неетичко со тоа што објавила соопштение на МВР на кое е лично потпишан министерот. Меѓутоа, од денешна гледна точка, дури и објавувањето на соопштението може да се толкува како медиумско соучесништво во кршење на човековите права, поради следниве причини:

1. Соопштението е објавено на ќошот на насловната страница (на која се објавуваат ударни и актуелни вести), па читателите добиваат впечаток дека Методија Андонов – Ченто бил уапсен непосредно пред објавувањето на соопштението. Меѓутоа, „веста“ за апсењето воопшто не е актуелна на 31 јули 1946 година, затоа што Ченто бил уапсен уште на 14 јули, факт кој е подоцна потенциран во пресудата („по патот на 14 јули биват заловени од органите на народната власт“, „на патот на границата биват заловени“).

2. Иако „веста“ за апсењето на Ченто е „топ“ сторија, освен „соопштението“ на МВР, во „Нова Македонија“ на 31 јули и во наредните денови не може да се прочитаат никакви други информации во врска со апсењето на првиот претседател на президиумот на АСНОМ. Оттаму, може да се изведе заклучок дека новинарите на „Нова Македонија“ не го следеле јавниот интерес (кој налага испитување на причините и околностите во врска со апсењето на Ченто) , туку интересот на МВР (воопшто да не се пишува за причините и околностите во врска со апсењето).

3. Новинарите на „Нова Македонија“ воопшто не се потрудиле да проверат дали Ченто е навистина уапсен „При опитот да побегне преку граница од нашата земја во Грција“, формулација која сугерира дека апсењето се случило во близина на грчката граница. Нивна етичка должност била да извршат проверка на основните факти и да откријат дека Ченто не бил уапсен во близина на грчката граница (туку во Прилеп) и не непосредно пред 31 јули (туку уште на 14 јули).

Поради неисполнувањето на должноста да се проверат објавените „факти“ на МВР и да се извести јавноста за околностите во врска со апсењето на Ченто, денес со полно право можеме да кажеме дека новинарите на „Нова Македонија“ одиграле улога на медиумски соучесници во кршење на човековите права.

Чин 2: „Нова Македонија“ како обвинител и судија

Кога известуваат за судски процеси, новинар(к)ите не смеат обвинетиот да го прогласуваат за виновен пред тоа да го направи судот. Меѓутоа, непотпишаниот автор на написот „Вчера отпочна судењето на Методи Андонов – Ченто и неговите помагачи“ („Нова Македонија“, 20 ноември 1946) се поистоветува со обвинителот, па пишува за „издајничката и злочинска дејност“ на обвинетиот, кој при распитот „беше принуден да ја признае својата одговорност“.

Штурото соопштение за апсењето на Ченто. Нова Македонија, 31 јули 1946

Небаре самиот е обвинител, авторот на написот во „патриотски“ налет заклучува: „Не случајно обвинетиот изабрал монархофашиска Грција… за да се стави во услуга на меѓународната реакција“. Низ целиот текст анонимниот автор сугерира дека Ченто е предавник. Ченто имал „издајничка теза“ за „присоединувањето на слободна Македонија, рамноправен член на демократска Југославија, кон монархофашиска Грција.“ Патот по кој тргнал бил „издајнички“: „Од Солун преку Париз до Америка – тоа е замислениот избеглички и издајнички пат на камуфлираниот се пред судот како патриот Методи Ченто…“. Ченто не бил патриот, туку така се камуфлирал пред судот, па затоа авторот го оцрнува „патриотот“ Ченто, ставајќи го во друштво со веќе докажани „издајници“:

„Заедно со Соколович, со Каламатија, со Ванчо Михајлов со Пера Живкович – со сите што си подале еден на друг своите издајнички и зацапани со крвта на македонскиот народ раце во доследна служба на саботерите на слободата и независноста во демократските земји што носат само едно име – светска реакција и мизерниот Ченто закал да го увеличи својот издајнички калабалак“.

Неколку пати во текстот Ченто е прогласен за „мизерен“: „Мизерен во своите замисли мизерен беше Ченто и пред судот.“ Во написот обвинетиот е експлицитно осуден како народен непријател: „обвинетиот Методи Ченто останал доследен во непријателството кон својот сопствен народ“. Според известувачот од судењето, јавноста, исто така, имала своја улога во кафкијанскиот процес: „През целото време на процесот судската сала беше преполна со публика, која со интерес го пратеше процесот и бурно го поздравуеше народниот суд.“

И во непотпишаниот напис „Вториот ден од судењето на Методи Андонов – Ченто и неговите помагачи“(„Нова Македонија“, 21 ноември 1946) продолжува пристрасното известување во кое изјавите на сведоците се прогласени за непобитни факти, а изјавите на обвинетиот како лажни. На пример, изјавата на еден сведок е претставена како „фактот дека Ченто во времето после неговата оставка спечалил како крчмар пари какви што никојпат за толку малку време не печалел“, па оттаму известувачот, небаре судија, го извлекува следниот заклучок: „Од таа констатација на свидетелот стана јасно дека началното тврдење на обвинетиот Ченто дека ќе бегал во Америка за да ја бара својата економска благосостојба како ракиџија е само покритие за неговиот злочиначки план“.

Чин 3: „Патриотски“ говор на омраза при известувањето за завршните зборови

И во написот „Денеска ќе се прочете пресудата по процесот на Методи Андонов – Ченто и неговите помагачи“ („Нова Македонија“, 22 ноември 1946) продолжува пристрасното известување за процесот. Најголем дел од написот е посветен на тезите на обвинителството, а за одбраната на обвинетите се известува само во неколку штури пасуси.

Поистоветувајќи се со обвинителот, новинарот го портретира Ченто како „претставител на колебливците“ кои работеле против народот: „Со функцијата која ја завзимаше во државното управление тој се опитуел да го спречи реализирањето на народните тежненија“. Ченто водел „противнародна политика“ и сакал да стане слуга на непријателите на својата земја:

„На друг начин требаше да се оствари Чентовата противнародна политика. Да се сврже со неприателите на својата земја и да стане нивни слуга тоа е патот по кој што тргна обвинетиот Методи Ченто.“

Дури и кога излегува од улогата на обвинител, пристрасноста на анонимниот известувач е очебијна, особено кога ги прогласува изјавите на обвинителот како факти:

„Тој изнесе моменти и факти од кои што се гледа дека обвинетиот Ченто секој пат се движел по линијата на политичката демагогија за остваруење на своите лични материални интереси и интересите на лугјето кои што и за време на стара Југославија, и во фашиската окупација биле непријатели на македонскиот народ. И макар да влегуе во 1943 година во редовите на народноослободителниот покрет, Ченто после ослободуењето остануе верен на своите пријатели – непријателите на народот.“

Медиумското портретирање на Ченто како криминалец, народен непријател и предавник е потенцирано и во изразите „опит за спроведуење во дело на срамно предателство“, „злочински план“, „предателскиот план“.

Чин 4: „Патриотско“ известување за „справедливата“ пресуда

 

„Јан Хус, кога горел на огнот, некоја стара доодена баба не можејќи да донесе поголемо дрво, донела само една прачка и ја ставила на огнот, за да си го исполни својот свет долг. Ете тие нејзини потомци јас ги почувствував на себеси.“ (Жалба од Методија Андонов Ченто, осуденик на КПЗ Идризово)

Во анонимниот напис „Скопскиот окружен суд ја изрече пресудата по процесот на на Методи Андонов – Ченто и неговите помагачи“ („Нова Македонија“, 23 ноември 1946) се известува дека обвинетиот Методи бил осуден на „11 години лишење од слобода со присилна работа и 5 години губенје грагјански и политички права и конфискација на намерените во него при факјанјето му злато и пистолет.“

Веста за пресудата на Ченто во „Нова Македонија“, 22. ноември 1946 г.

Објавено е комплетно образложение на пресудата, во која постапките на Ченто експлицитно се прогласени за „предателски“ и „противнародни“: „единствени мотиви за бегство на обвин. Методија не е желба да се настани во Америка за да работи, но со цел да ја спроведе својата предателска и противнародна работа…“. Според судот, Ченто ем сакал да се настани во Америка, ем да организира вооружени банди во Грција: „Судот и најде оти дејствително една од целите на обвинетиот Методија за бегството му во Грција е организирање на вооражени банди кои да се борат против постоекјето државно уредуење на ФНРЈ“.

Ваквите очебијно противречни и фактичко непоткрепени образложенија на судот воопшто не се коментирани од страна на анонимниот автор на „Нова Македонија“. Единствениот негов „авторски“ придонес е „патриотскиот“ опис на реакциите на публиката во однос на „справедливата пресуда“ против „издајниците“:

„Присатната публика ја прими справедливата пресуда над обвинетите кои што го готвеа издајничкиот злочин против својот народ со бурно одобруење“.

Ете така, во експресниот судски процес, „издајникот“ Методија Андонов – Ченто беше осуден не само од страна на судот, туку и од страна на највлијателниот медиум – „Нова Македонија“.

Главен уредник на тогашна „Нова Македонија“ е Мито Хаџи Василев-Јасмин. Парадоксално, ама истото име до денешен ден го носи и државната награда со која се оддава признание за остварувања во областа на публицистиката и новинарството.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).