Поцинкуваниот мозок на кучињата без маски!

11.08.2014 12:23
Поцинкуваниот мозок на кучињата без маски!

Од кај ни е оваа дарба, бе, човеку?! Оваа моќ! Лежерно и без пардон, во монашки мир, како да сме во некакво огромно Зрзе, да кажеме дека нè боли курот за сè освен за кучињата, црквите и носот на царот Душко! Во времето кога светот забрзано влегува во нова студена војна и панично се подготвува за пожешките варијанти, додека експертите (без нобеловците Никовски, Боцевски и Божиновски) ги усогласуваат ставовите околу тоа дали цивилизацијата ќе пропадне како резултат на неповратните процеси на метанизација на арктичкото подморје и на атмосферата или човекот ќе побрза со некоја атомска бомба малку порадикално да се замеша во процесите на атлантидизација на дваесет и осмата цивилизација како последна на Сината планета!

Во времето кога станува сè појасно дека израелско-палестинскиот конфликт ќе го реши Средоземното море, дека релативно скоро во сите храмови, цркви и џамии ќе пливаат шарени рипки и морски ѕвезди како подводни верници на Светата земја претворена во Свето дно, дека порастот на нивото на океаните и морињата за 7 до 20 метри ќе им ја земе Украина и на Русија и на Западот и на самите Украинци, дека зголеменото ниво на Вардар преку продорот на Егејското море ќе го исчисти срањето наречено Скопје 2014 и ќе ги реши и македонското и грчкото прашање, дека на Кремлинот не му останува ништо друго освен „да му докажува на светот дека е доволно умоболен за да го употреби нуклеарното оружје!“ (Александар Гољц), а на НАТО дека не е толку шуплив и бесмислен колку што изгледа на почетокот на судирот, ние решаваме дека е најважно сите домашни кутриња во општината Аеродром да носат заштитни маски: и малите џек расел териери и големите лабрадори и германските овчари!

Само кучињата од расата на хомосапиенсите не мора да носат маски! Дури и од чипираните идиоти на Надвојводата Шарло никој не бара да ги захевтаат муцките или на некаков друг, ханибаллекторски начин да гарантираат дека нема да го загрозат здравјето и спокојството на луѓето со тонски или визуелни напади врз ушите на минувачите или гледачите (да речеме, кога од малите екрани го учат народот дека ако сака здраво да се храни, мора да почне да јаде од нивните гомна) или, просто со физичка агресија! Дури обратно: на кучињата од расата на хомосапиенсите им е дозволено да носат шок-бомби, секири, ножеви, пиштоли и автомати, бејзбол палки и други инструменти со кои можат да се бранат од другите хомосапиенси и од другите животински раси на кои им се случува да заборават да си ја вратат маската на муцката откако сабајлето ќе си ги измијат забите! Или да ги напаѓаат! Се кокаат секој божји ден! Без минимум стил. Убиваат сопственици на барови и менувачници, ограбуваат златарници со рафална подготовка на нападот и на повлекувањето од местото на настанот, што би рекол Иво Котевски, колат баби за три евра, ги силуваат сопствените ќерки, се убиваат и самоубиваат, се бесат, се претепуваат и шират паничен страв. Болни зависници од алкохол, дрога и фолклорна политика секој момент ја истураат својата криза врз некој од своето семејство или соседство или врз некој сосема случаен несреќник, пијани возачи или просто невоспитани возачи се тркалаат како потенцијални (само)убијци, хохштаплерски реформатори прават реформи во здравството со кои секојдневно ја олеснуваат нашата умирачка, манијаци управуваат со општиот буџет и ја јадат, не ја гризат, значи, туку ја јадат комплетната иднина на цели генерации, еден строго ограничен и лудо агресивен психопат без маска на устата, од својата алфа позиција ја уништува државата како да е мачка од лего коцки!

Јас не познавам куче што е поопасно од просечниот идиот во Македонија. Што е моето биглче Мајло во споредба со Ѕинго! Или со она велешанче со поцинкуван мозок! Особено ако на идиотот му се дадени на располагање општите ресурси! Освен тоа, идиоти има повеќе отколку кучиња! Ги користат модерните системи за комуникација за да го тероризираат општеството нон-стоп, 24/7! За нив нема заштитни маски или заштитни кошули и заштитни установи! Нив никој не ги шета врзани за синџир!

Значи, само луѓето се без маски! Најопасните животни! И кучињата скитници! Што е удар врз еднаквоста на животинските видови, посебно кај кучињата! Но, затоа по еден редовен и еден комунален полицаец стојат скриени под липите во Аеродром и возбудено чекаат некое едномесечно пудличе, намирисано со бекутан, оти само што ја прекинало играта со бебето на газдарицата, без маска - и „оп“ 100 евра глоба за жената ако плаќа на лице место односно 400 ако оди преку извршители!

Ја поздравувам, се разбира, идејата со остри казни да се принудат сопствениците на кучиња да го собираат и фрлаат на прописно место изметот на своите миленичиња! Но, пак ќе кажам, што е со изметот на управувачкиот бандитериум, кој ќе го исчисти Скопје од Скопје 2014. Од плажите и галиите, од бронзата што го провоцира Севишниот да ни испраќа толку многу грмотевични предупредувања!

Од кај им текнуваат вакви работи, бе, да не јадат многу халуциногени печурки, да не им ги преполнуваат дураселите во тоа чиповите!?

Приказната со маските е аспект на позерската, популистичка театралност на режимот која внимава да остане недофатлива за нормалноста, за процесните способности на нормалноста која се провоцира со плажи на кои никој не се бања, со стадиони на кои никој не трча, со театри во кои глуми само политичката елита, со факултети за образование на кретени, со фабрики за вработување евтини робови...

Второ, занимавањето со теми какви што се кучешките маски треба да сугерира питома ситуација, нормално општество кое се досадува во својата нормалност, па од што не се сетило на нешто друго решило да им ги затне муцките на кучињата и да ги остави без природна вентилација, да ги почести со ефектите на стаклените градини, да почнат да паѓаат во несвест или да експлодираат од неможноста да си го испружат јазикот и да се оладат!

На крајот се сетив дека можеби луѓето, како одговорни државници, собираат пари за учество во Третата светска војна, а можеби, и тоа некако ми е најверојатно, тие ја имаат присвоено кучешката филозофија на постоењето која најдобро ја изразува ставот дека кучето си го лиже курот затоа што може! Тоа е, браќа и сестри мои!

*****

Бај д веј, кога ќе биде готова Руската црква, понеже Рускиот хотел е готов и ги чека ножиците на Неговото ништожество, Надвојводата Шарло!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат