Конформизам и самозалажување

12.08.2014 13:00
Конформизам и самозалажување

Во Македонија е веројатно веќе одамна заборавена книгата „Заробениот ум“ од Чеслав Милош и неговиот опис на однесувањето на луѓето во земјите на советскиот тоталитаризам. Милош зборува за општонародната култура на глумење со која секој поединец го заштитувал својот внатрешен мисловен и емотивен свет. Тоа била култура на секојдневно глумење кога по некое време луѓето „толку цврсто сраснуваат со своите улоги што веќе не се разликува личната мисла од стекнатата улога“. Најтрогателни се анализите на големиот писател каде што тој внимателно ги издвојува „позитивните“ аспекти на ова индуцирано сенародно шизофрено подвојување на личноста. Вели дека „сраснувањето со наметнатата улога донесува олеснување и дозволува да се намали напнатата будност“. Има дури и опис на психолошките извори на вистинското задоволство од оваа затворска глума: „ Да се зборува дека нешто е бело, а да се мисли црно; (...) да се мрази, а да се покажуваат знаци на љубов; (...) – така да се измамува противникот (...) што човек почнува над сè да ја цени својата итрина. Успехот во играта станува извор на задоволството“.

Иако оваа психосоцијална анализа во основа е применлива и на нашето однесување под тоталитарната власт на Груевски и ДПМНЕ, сепак мислам дека се работи за две различни појави. Суштинската разлика е во тоа што луѓето под советскиот тоталитаризам чувствувале оправдан страв од ужасната закана, па глумењето не било само форма на преживување туку и вид егзистенцијално надитрување на системот. Додека во Македонија стравот е непропорционално поголем од заканата, зашто постои општа свест дека се работи за слаб и лажлив партал-тоталитаризам, кој на власт се оддржува само поради нашиот сопствен конформизам и индиферентност. Претпоставувам дека токму поради овој општ интроспективен увид во сопствената слабост, нашето глумење е битно различно од она во советското доба; кај нас воопшто не се работи за надитрување на системот туку за сопствено самозалажување. А наместо да доживуваме задоволство од глумата, за што пишува Милош, постои општо чувство на презирање на сопствената улога во општествената игра, чувство на срам и понижување.

Глумењето сеир по македонските кафеани, социјалниот мир и колективното самозалажување дека сме сеуште во широките рамки на проблематична и нефункционална уставна демократија (а не под тоталитарна диктатура), кај нас не се поттикнати од желбата да се надитри тоталитарниот систем. Вистинскиот поттик доаѓа од нашата ропска психологија која оправдувањето за преправањето ја извлекува од длабочините на своето изненадувачки суетно его. Оваа навидум перверзна чифчиска суета е всушност општо својство на човековото его, кое врши животноважна психолошка мисија да ја одбрани личноста од самоуништувачкиот увид во сопствениот кукавичлук. И од длабоките самообвинувања за сопствениот поданички конформизам и за сервилното веднење глава пред недостојна и корумпирана власт предводена од купче деликвенти и повторувачи. Ропската суета едно време ја троши целата психолошка енергија за глумење „нормалност“ и „достоинствена индиферентност“, за неутрално позиционирање на „еквидистанца“ од типот: „Имам попаметна работа отколку да се мешам во валкана политика!“, или: „Не се мешам во кавга на будали, зашто сите се исти!“ Подоцна оваа психопатологија преоѓа во еден вид перверзна конверзија на тоа што се мрази во она што се сака и обратно, па жртвите на тоталитаризмот почнуваат на типично детски начин вината за сопствената покорност и подаништво да ја префрлаат на претходно загубената демократија која е „виновна за сегашната состојба“ и чија нефункционалност нè „доведе до ова дереџе“. Жртва на ова самодеструктивно надитрување помеѓу заштитната психолошка улога на чифчиското его и одбранбените обрасци на конформистичко однесување е и социјалдемократската опозиција која (згора повеќегодишната гебелсовска црна кампања на каква што беше изложена од тоталитарниот режим на ДПМНЕ), многумина на типично ропски и инфантилен начин ја обвинија за тоа „што им дозволи на апашите да дојдат на власт“.

И покрај навидум прелесното сенародно откажување од сопствената слобода, мнозинството граѓани на Македонија сепак плаќаат висока психолошка цена, најмногу поради секогаш присутната свест за опортунизмот и конформизмот кои се основните мотиви за срамното губење на стечените слободи и права. Нашето прилагодување на животот во тоталитарна држава воопшто не е толку лесно како што изгледа однадвор, особено поради фактот што шизофрената култура на самозалажување секојдневно го исцрпува и духот и телото. Ова се гледа од фактот што сите почнавме – насобајле, пред работа – да се бричиме „на слепо“, немајќи храброст да го кренеме погледот и во огледалото да се соочиме со очите на сопствената измачена совест. Затоа сите ние денес живееме во две антагонистички стварности: во едната е проектирана имагинарната „нормална“ стварност за секојдневна службена употреба, која сите ја глумиме за да го сочуваме достоинството на своето понижено его; и другата, вистинската душевна реалност, која одбиваме да ја погледнеме „во очи“, зашто во неа е болно жива свеста дека нашите слободи и права му ги предадовме на клептократскиот режим на Груевски, без испукан куршум, без фрлена калдрмска коцка, расипано јајце, скапан патлиџан или макар стар чевел.

Проучувајќи ги психосоцијалните корени на однесувањето на милионските маси кои со својата верба во пропагандните митологии ги создадоа монструозните тоталитаризми на XX век, Хана Арент напиша: „Ако треба да избираат помеѓу соочувањето со анархичниот, потполно произволен распад, од една страна, и покорувањето спрема (...) лудачката конзистентност на идеологијата, од друга страна, масите веројатно ќе се одлучат за ова второво и ќе бидат подготвени тоа да го платат дури и со смрт - и тоа не зашто се глупи или зли, туку затоа што во времето на сеопштото пропаѓање ова бекство им дава минимум самопочитување.“ Да можеше да го ѕирне нашето однесување под притисок на лудачката неконзистентност на тоталитаризмот на ДПМНЕ, Хана Арент ќе се изненадеше дека и нашето бекство од распаднатата стварност е мотивирано од истата очајничка потреба за самопочитување, но овојпат поттикната од нечистата совест на сопствениот конформизам и од самозалажувањето.

Слики: Keith Boadwee
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото