Личеноски 50 години отсутен

14.08.2014 10:05
Личеноски 50 години отсутен

Во месец април годинава се навршија 50 години од смртта на големиот македонски сликар, Лазар Личеноски. Тој беше, чинам, најмакедонскиот сликар. Неговите афионски полиња, бачилата, охридските рибари, тесните сокаци на Старо Скопје, старите занаетчии, калинките, охридските пастрмки и многу други мотиви и пејзажи од Македонија, ја даваат сликата на Македонија од првата половина на XX век, Македонија која веќе ја нема. Целото ова дело е фрагментарно присутно во галериите и приватните колекции, а сето останато, кое требаше да ја сочинува постојаната поставка во неговата куќа, која ја завешта на државата по неговата смрт, остана половина столетие недостапно за широката публика, а со тоа и самиот уметник беше отсутен од јавноста. Пред некој ден, во весникот Утрински весник, прочитавме една многу тажна историја и видовме уште потажна слика, во која се наоѓа неговата куќа, која со огромна љубов и ентузијазам ја обликуваше, а за среќа во моите студентски денови имав можност да чујам нешто за реализацијата на желбата на уметникот. Познато е дека куќата е изградена од страна на тогашната држава, со заветот на уметникот, по неговата смрт да остане како легат на државата. Меѓутоа, смртта го претекна. Педесет години трае процедурата за пренесување на неговата оставнина и реализација на заветот на Личеноски. Иако и досега во јавноста беше покренувано прашањето за реализација на заветот, и тоа од негови современици, кои учествувале и несебично помагале како негови блиски пријатели, во реализацијата и испонувањето на желбата на уметникот за изградба на куќата, сето тоа остануваше без успех. Виновници за тоа има и меѓу живите и меѓу мртвите, но не е наше да утврдуваме кој колку е виновен. Многу е тажен фактот дека големиот уметник, Лазар Личеноски, веќе цели 50 години е отсутен од културниот живот на државата, а неговото живеалиште пропаѓа обраснето со коров.

Гледајќи ја оваа наша тажна приказна, се потсетив на една книшка што ја купив при посетата на Националниот музеј Винсент ван Гог во Амстердам. На првите страници од книгата е дадена кратка историја за настанувањето на овој Национален музеј во Амстердам. Националниот музеј
Винсент ван Гог е изграден како постојан дом за колекцијата на слики, цртежи, графички листови и документи од Винсент Вилем ван Гог /1853-1890/, како и збирката на дела од неговите современици, Гоген, Тулуз-Лотрек и др. Целата оваа збирка припаѓала на братот на Винсент, Теодор ван Гог, кој набргу после смртта братот, умрел и тој. За збирката, потоа, со голема љубов и посветеност, се грижела сопругата на Тео, Јохана Гесина ван Гог-Бонгер /1862-1925/. После смртта на мајката, грижата за збирката поминала на синот, Д-р Винсент Вилем ван Гог, /1890-1978/, кој го добил името на чичкото. Основната цел на семејството ван Гог била збирката да остане како целина и да се направи достапна на јавноста. В0 1931 година со градот Амстердам семејството направило договор збирката да биде изложена во Стеделијк музејот. Во овој музеј збирката останала сè до отворањето на Музејот ван Гог, во 1973 година, освен за времето на војната.


Интересен и поучен е начинот како е дојдено до изградбата на Музејот ван Гог. Во 1962 Холандската држава потпишала договор со Фондацијата ван Гог за формирање на Национален ван Гог Музеј. Сето ова е направено за да се сочува збирката во целина и после смртта на Д-р ван Гог. Учесниците во договорот ги имале следните обврски: Семејството ван Гог ја отстапува сопственоста на оставнината на Фондацијата ван Гог, која ја презема, со обврска да ја изложи постојано во Музејот. Холандската држава ја финансира целата трансакција и презема обврска да го изгради и да раководи со Музејот. Градот Амстердам доделува исклучително добра локација за изградба на Музејот. Од денот на отворањето на Музејот, 3 јуни 1973, реки посетители го посетуваат и е неодминлив објект за посета на секој посетител на Амстердам. Музејот претставува огромен центар, со дела од Винсент ван Гог, збирките на братот Тео од негови современици, колекција на гравури од XIX век, голема збирка на јапонски дрворези во боја, огромна библиотека, тој е всушност еден голем научен центар. На овој случај, а вакви ги има низ светот многу, се гледа како се решаваат оставнините на големите национални културни дејци и доблеста на наследниците да го сочуваат делото во целост и да го стават на увид на публиката.

Власта од бившата држава, СФРЈ, на која сега ѝ се одрекуваат сите позитивни работи кои ги направила, а чии благодети ги уживаат и сегашните генерации, водејќи сметка за условите за работа на врвните уметници, на голем број уметници им изгради и подари ателјеа за работа, со станбени простории. Многу истакнати ликовни уметници, посебно оние од првата генерација, добија свои ателјеа - Никола Мартиноски, Димо Тодороски, Вангел Коџоман, Љупчо Стефаноски, Борко Лазески, Јордан Грабул и други. На локацијата во Дебар Маало, зад Архитектонскиот факултет, беа изградени, како еден комплекс, неколку ателјеа во кои твореа некои од наведените уметници. Треба веднаш да се каже дека никој од уметниците што ги добија ателјеата не беше т.н. „режимски уметник“. Сите беа едни од основоположниците на модерната ликовна македонска уметност. За време на скопскиот земјотрес објектите беа оштетени, а државата ги санираше. Меѓутоа, со промената на системот и т.н. транзиција, сите објекти беа купени од наследниците на уметниците и веднаш комерцијализирани. Во неколку од нив се сместени елитни ресторани или кафулиња, некои се продадени и на нивно место, во моментов се издигаат два „облакодера“ од по 6-7 ката. Никој од наследниците немаше доблест да направи спомен куќа на уметникот кој творел тука и оставил значајни дела, или пак и во овој случај државата можеби не била заинтересирана за преземање на објектите. Во сета оваа ситуација има два светли примери, на двајца уметници, кои уште за време на својот живот го обезбедиле опстојувањето на своето дело како целина. Тоа се Љубомир Белогаски и Родољуб Анастасов. Уметникот Белогаски долго ги обиколуваше државните институции, барајќи простор за својата оставнина, за на крајот да му излезе во пресрет Музејот на град Скопје, каде се наоѓа галеријата на Љубомир Белогаски. Слична беше постапката и на современиот уметник Родољуб Анастасов. Секако, останува обврската на државата законски да ја уреди и оваа материја, како што е тоа во многу земји во светот.

Слики: Лазар Личеноски