Реакција на текстот „Патриотски говор на омраза во Нова Македонија“

14.08.2014 11:37
Реакција на текстот „Патриотски говор на омраза во Нова Македонија“

Пред некој ден налетав на текстот од Жарко Трајаноски „Патриотскиот говор на омраза кон Ченто во Нова Македонија (1946)“. Во претходните негови текстови посветени на „патриотскиот“ говор на омраза нема ништо спорно (иако и ништо особено просветлувачки), а генерално нема ни во последниот текст, освен еден мал дел кој мене ми прободе очи.

Значи, да направам кратко резиме:

1. Во првиот текст од таа негова анализа се детектираат препознатливите белези на „патриотскиот“ говор на омраза, се објаснува неговата цел (психолошко насилство врз и демонизирање на критичарите на актуелната власт) и се наведуваат актуелни примери – говорот на омраза кон Љубе Бошковски, говорот на омраза на Миленко Неделковски кон новинари...

2. Во вториот текст фокусот е на говорот на омраза кон „соросоидите“.

3. Во третиот дел фокусот повторно е на „патриотскиот“ говор на омраза насочен кон „соросоидите“ и дадени се примери како невладините организации, критичари на актуелната власт, се стигматизираат како „шпиони“ и „предавници“...


4. И, доаѓаме и до четвртиот текст, во кој се наоѓа и спорниот (барем според мене) дел и поводот за овој мој текст. Во овој дел, авторот на т.н. анализа на „патриотски“ говор на омраза одлучува од „свежи“ примери, да ни даде еден од историјата - односно во тој текст го опишува известувањето за судењето на Методија Андонов Ченто во весникот Нова Македонија.

Текстовите си стојат на Окно, нема да повторувам што е напишано во нив, туку ќе премина на она што мене ми бодеше очи. Значи, комплетно се согласувам дека поради начинот на кој се известува во Нова Македонија за апсењето и судењето на Ченто воопшто не станува збор за објективен новинарски текст. Авторот на текстот навистина се однесува како обвинител и судија (а притоа веродостојноста на информациите во обвинувањето е, благо кажано, сомнителна). Но тоа што се заклучува оваа анализа, дека е ПАРАДОКС што наградата за остварувања во новинарството и публицистиката го носи името „Мито Хаџи Василев - Јасмин“, мислам дека не е на место!

Дедо ми починал далеку пред јас да се родам, така што сликата што ја имам за него како човек е базирана на она што други луѓе кои го познавале ми го имаат кажано за него (и што некои го имаат и напишано) – секој што го познавал кога ќе разбереше дека сум внук на Јасмин прво што му излегуваше од уста беше: „Многу добар човек!“. А, за дедо ми како творец, говорат неговите пишани дела. Ќе приложам само два текста од неговиот (инаку прилично обемен) творечки опус: 

-Разговор за слободата и стравот

-За очовечување на човекот

за кои мислам дека и во денешно време на некој начин се актуелни, чисто колку да се има некаква претстава.

Значи, на кратко: Мито Хаџи Василев, бил идеалист (и идеолог) марксист (уште на 17-годишна возраст го имал прочитано Марксовиот „Капитал“), во 1937 станал член на СКОЈ, а во 1940 член на КПЈ. Пред почетокот на самата војна бил затворен и тепан заради својата активност. По капитулацијата на кралска Југославија во 1941 ја продолжува својата револуционерна дејност во родното Кавадарци. Успешно создал бројна и дејствена младинска организација (која подоцна станала база за разгорување и успех на Востанието во 1943 година). Заради неговата дејност бил апсен и ставен под постојана присмотра од бугарската окупаторска власт, поради што во 1941 преминува во илегала. На 4 октомври 1941 година тој ја чита заклетвата во Раштани на првата кавадаречка партизанска група. Раководел илегални групи и одел по селата и држел страствени говори за „новата идеологија и новиот морал“, за идеали со кои го придобивал, а со тоа и мобилизирал населението во борбата против фашизмот, во борбата за слобода. Јасмин е еден од организаторите на востанието во Тиквешијата. Во 1942 ги покренува и уредува илегалните весници „Политички листок“, „Воено коминике“ и „Марксистички листок“. Учествува во формирањето и борбите на одредот „Добри Даскалов“, на Вториот македонски ударен баталјон „Страшо Пинџур“ и на Втората македонска ударна бригада. На 27 февруари 1945 година ја објавил својата прва статија во првиот весник на слободната македонска држава – „Нова Македонија“. А, од 17 март 1945 до крајот на 1947 е главен и одговорен уредник на весникот. Треба да се има предвид дека во тоа време Македонија имала многу мал број на новинари, а со тоа новинарството и не било развиено. Токму дедо ми е личноста која за својот придонес во организирање и развој на новинарството во новата слободна држава го добива епитетот „прво перо на македонското новинарство“. Понатаму во текот на својот живот врши разни државнички функции (последната е претседател на Собранието на СР Македонија), но никогаш не ја напуштил својата публицистичка дејност. Има објавено многу статии, коментари, студии и пообемни и сериозни дела како „Противречностите на социјализмот“ и „Социјалистичката распределба според трудот“. Значи, ова е НА КРАТКО за дедо ми. Но, секоја чест на Жарко Трајаноски! Тој со неговиот коментар дека тоа што наградата за остварувања во новинарството и публицистиката го носи името Мито Хаџи Василев - Јасмин Е ПАРАДОКС – уште пократко, „во еден потег“, така да се каже, го девалвира ликот и делото на дедо ми. Знаете, прилично е лесно (и погрешно!) туку така да се суди за личности и настани од историјата од денешен аспект со денешни аршини. А според мене токму тоа прави авторот на текстот, и покрај тоа што изостануваат неколку елементи (или „чинови“ ако сакате) како во текстот предмет на неговата анализа, односно нема некое креативно обвинување поткрепено со факти и аргументи. Можеби грешам, ама мене тоа ми е симптоматично, ако уште еднаш ја погледнеме неговата анализа. И симптоматично ми е тоа што после три текста анализирајќи го говорот на омраза кон новинарите и невладините организации присутен денес, наоѓа за потребно да се осврне на 1946 година... Искрено, верувам дека Методија Андонов - Ченто бил жртва, а не предавник. Но, текстот во Нова Македонија не е дело на Мито Хаџи Василев (судејќи по стилот на пишување на дедо ми, кој ми е добро познат). А што се однесува до одговорноста што тој ја носи како главен уредник на весникот во кој е објавен тој текст – можам само да претпоставам (и верувам не е погрешно) дека во тие бурни времиња и околности баш и немал некој избор.

Како и да е, неизбежен е впечатокот дека Жарко Трајаноски има проблем со тоа што таа награда го носи името на мојот дедо, а на тоа имам само ова да му кажам: не се секирај! Сведоци сме на унаказување на македонската историја, процес соодветно наречен антиквизација и, уште кога почна тој процес пред 6-7 години, јасно ми беше каде ќе води, односно со што ќе биде проследен – бришење на оној период од историјата на македонскиот народ во кој тој конечно ја извојува својата слобода. И така, денес, заедно со повеќе други улици кои носеа имиња на истакнати личности/херои од тој период, како и улици кои асоцираа на тој период или Југославија, така и улицата која го носеше името на мојот дедо е преименувана. Наградата сè уште не е, но мислам дека е само прашање на време. Оние ловци на вештерки, умоболните од Комисијата за лустрација веќе го прогласија Славко Јаневски за кодош, а тешко дека ќе остане на тоа... па по тој основ може ќе го „исправат“ и овој „парадокс“ кој тебе ти пречи. А ако/кога ќе се случи тоа, може само да претпоставиме како ќе гласи новото име на наградата...

Кој знае, може ќе го носи името „Жарко Трајаноски“?

За неговиот бесценет придонес во развитокот и унапредувањето на новинарството во Македонија (ма и во развивање на македонското општество во послободно и демократско, кога веќе сме кај тоа!).

Постигнат со неговата длабока и исцрпна анализа на „патриотскиот“ говор на омраза.

Слики: Илејн Хоџис