Неокласицистичко „силување“ на градот

15.08.2014 12:05
Неокласицистичко „силување“ на градот

„Скопје 2014“ е проект кој и покрај рецесијата и кризата, за само неколку години сосема го измени лицето на главниот град на Македонија, речиси колку и разорниот потрес кој го погоди пред 50 години.

Како изгледа Скопје - денес, Скопје 2014? На случајниот минувач, кој се приближува до центарот, можеби не би му биле необични огромните згради изградени во неокласичен стил покрај реката Вардар, но кога физички ќе се зачекори во тој простор и кога ќе сфатите дека околу тие „историски“ историцистички згради сè уште се наоѓаат кранови, дека сè е преполно со статуи, мостови кои не водат никаде, бродови ставени во река кои не пловат никаде, згради кои се како филмски кулиси широки само неколку метри, а дека барокната фасада на градските улици е всушност лажна, бидејќи е всушност залепена на постоечките згради, ви останува единствено да се запрашате: како е сето тоа можно?

Властите, имено, одлучиле да го преобразат центарот на градот со проект кој го одредува мешањето на различни архитектонски стилови, епохи и култури, чија основна цел е зајакнување на македонскиот идентитет со зголемување на застапеноста на спомениците и скулптурите кои асоцираат на славната историја на ова подрачје.

Јавноста е поделена. Додека едни го нарекуваат непотребно трошење на милиони евра за изградба на репрезентативни објекти и споменици додека земјата тоне во економски проблеми, други сметаат дека тој проект го јакне позитивниот дух на Македонците и го прави градот достоен на една европска престолнина која би можела да стане интересна и за туристите. Струката воопшто не беше вклучена - почнувајќи од самата изработка на проектот и неговата презентација, а и покрај нејзините критики и обидите проектот да се спречи, тој продолжи и денес е речиси целосно реализиран. Контроверзи предизвикува и финансиската страна на проектот во оваа сиромашна земја. Планираните трошоци, откако почнала изградбата, од предвидените 80 милиони брзо пораснаа на дури 200 милиони евра, а се предвидува дека целиот проект, кога конечно ќе биде готов, би можел да чини и половина милијарда евра.

Проектот со кој властите во Македонија се обидуваат да го зајакнат националниот и културниот идентитет на народот со масовна реконструкција на главниот град опфаќа низа статуи и споменици на сите поважни личности од македонската историја поставени ширум градот. Така, на главниот градски плоштад во круг од само еден километар се наоѓаат споменици на Александар Велики, Филип Македонски, Самоил, Гоце Делчев, византискиот цар Јустинијан, Климент и Наум, Кирил и Методиј, но и скулптури на обични луѓе од секојдневниот живот на градот.

Најголема контроверза предизвика 22 метри високата статуа на Александар Велики на коњ, поставена на главниот градски плоштад, која се преобразува во голема фонтана со звучни и светлосни ефекти. Тука е и ништо помалку контроверзната триумфална порта „Македонија“ како онаа на Наполеон во Париз.

Исто така, тука се и двата нови модерни моста преку Вардар, а во самата река се наоѓаат и две фонтани со високи водоскоци. На страничните огради на мостовите се направени по четиринаест фигуративни статуи на најпознатите македонски уметници.

Предвидена е и реставрација на фасадите на постоечките згради со гипсени барокни фасади, и изградба на безброј нови градби, главно административни. Така е изградена нова резиденција на градоначалникот, нов црковен храм Св. Константин и Елена, зграда на Уставниот суд, Државен архив, Археолошки музеј со гигантски грчки столбови на фасадата, зграда на финансиската полиција во облик на храмот Свети Петар во Рим, Народен театар, Музеј на македонската борба и Музеј на холокаустот, а зградата на парламентот доби нова импозантна купола.

„Скопје 2014“ е проект чија цел е да му го врати сјајот на градот во грандиозен стил и да го зајакне изгубениот идентитет на народот педесетина години откако во 1963 година го погоди еден од најразорните потреси во овој дел од Европа, сметајќи дека модернистичките згради настанати со обновата на градот по потресот не се достоен претставник на главниот град на Македонија.

Тогаш илјадници луѓе останале без покрив над главата, а урнати се околу 80% од градот. Уследила целосна реконструкција за која е распишан меѓународен конкурс. Некои идејни решенија биле далеку пред своето време, како она кое го дал познатиот јапонски архитект Кензо Танге. Неговиот урбанистички проект не е прифатен во целост, но делумно се преземени некои решенија и неговиот архитектонски печат и денес е видлив ширум македонската престолнина. Така градот повторно изграден по потресот од 1963 стана град-образец за рационалното социјалистичко планирање - град на едноставниот, суров бетон, елегантната геометрија, град кој е достоен претставник на модерната архитектура. Изграден е нов транспортен центар со автобуска и железничка станица, студентски дом, музеј на современа уметност, зграда на радиотелевизија, трговски центар, зграда на народната банка, на академијата на науки и уметности, народен театар, телекомуникациски центар, универзитетски кампус...

Денес овие вредни згради кои ја претставуваат модерната архитектура на XX век не само на овие простори, туку и на меѓународно ниво, се занемарени, препуштени на пропаѓање и претставуваат една апокалиптична слика на напуштен град кој е во целосна спротивност со новоизградените историцистички монументални згради.

И наместо да се препознае вредноста на модерната архитектура настаната по земјотресот и на тие темели да се продолжи со создавање на модерен, современ град, модерните згради се изложени на уривање и пропаѓање, а во најновите примери почнаа да добиваат и свои нови „барокни“ фасади.

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото