Подобро невработен отколку да работиш без пари

16.08.2014 10:20
Подобро невработен отколку да работиш без пари

Овој став често се изнесува во Македонија. Ама, обично не се навлегува во разгледување на неговата точност. Всушност, најчесто се смета дека тоа не е баш точно, дека најлошо им е на невработените, иако соговорниците сепак кимаат со главите во знак на одобрување кога некој ќе го каже ова, зашто знаат колку е тешко денес во Македонија да бидеш работник и колку е уште потешко да не земаш плата. Македонија има децениски проблем со високата стапка на невработеност.

Не само што имаме стапка на невработеност над или околу 30% од промената на општествено-економскиот систем на почетокот од 1990-тите, туку имаме висока стапка на невработеност од над 20% уште од 1970-те. Во таква констелација, наоѓањето работа стана проблем со кој се соочуваат не само поединци од една генерација, туку и генерациски проблем. Поради тоа, вработувањето се издигна во еден од главните животни настани во животот на многу луѓе. Како дипломирањето, склучувањето брак или раѓањето на дете. Овој пиедестал на кој е издигнато вработувањето ги прави македонските работници исклучително склони да не се борат за своите права, поради реален или имагинарен страв дека ќе ја изгубат работата, а тоа исто така често кај нив создава чувство на благодарност кон газдата („работодавачот“) само и само заради тоа што ги вработил. Па наместо договорот за работа да се третира како брак од интерес, каде и двете страни имаат и права ама и обврски, работникот не се буни против газдата, па дури нема ниту негативно мислење за него, иако тој му дава неоправдано ниска плата или пак воопшто не му исплаќа плата.

Штом човек се вработи не треба да има проблем со сиромаштијата. Теоретски, не може да биде поинаку. Но, што ако платата што се заработува не му овозможува да сврзе крај со крај, односно да престане да биде сиромашен? Тоа е можно, како што многумина знаат од лично искуство. Овој проблем на сиромаштија при вработеност континуирано се потиснува во јавниот дискурс во Македонија и цело време се тргнува од претпоставката дека сиромаштијата се решава автоматски штом ќе се реши невработеноста. Секој десетти вработен во Македонија живее под прагот на сиромаштија, според податоците на Заводот за статистика. Некој ќе рече, па и не е толку лошо. Дури и ако ги тргнеме настрана проблематичните критериуми на Заводот за статистика, ова фактички значи дека и покрај тоа што работи, секој десетти работник во Македонија не може да се справи со сиромаштијата. Односно, дека нешто е гнило во неолибералистичката пропаганда која нè убедува дека невработеноста била единствениот проблем. Не е лесно да се биде невработен. Никој не го негира тоа. Ама, во Македонија, не е лесно да се биде и вработен. Тоа е она што многу често се заборава. На вработените може до толку да им биде тешко што можат да се соочат со поголеми егзистенцијални и други проблеми дури и од невработените. До тоа, имено, доаѓа кога на работниците не им се исплаќа заработената плата во подолг временски период (над два-три месеци). И поради тоа, не се празни зборови, туку е факт тоа дека подобро е да бидеш невработен отколку да работиш без пари. Еве зошто е тоа така:

1) Работникот што не ја зема својата заработена плата има трошоци кои ги нема невработеното лице. Овие трошоци се однесуваат на превозот и храната. Работникот мора секојдневно да троши пари за превоз за да стигне на работа. Дури и кога не зема плата, се разбира. Ако неговото работно место е далеку од неговото место на живеење, тогаш јасно е дека станува збор за незанемарлив трошок на месечно, па дури и на неделно ниво. Секој денар е важен кога се нема. Исто е и со храната. Точно е дека од дома може нешто да се приготви за на работа, ама не секогаш е тоа можно и во целосен степен. И повторно, секој денар е важен кога се нема.

2) Работникот што не ја зема својата заработена плата, следствено, не може да ги користи правата од здравствено осигурување. Ако два месеци не му се исплаќа платата, тој веќе нема „сини картони“ со кои би ги плаќал здравствените услуги поевтино. Па ако се разболи, е тогаш ќе се лечи „на приватно“, поскапо. А тој, кутриот, и така не зел плата и „броени“ му се парите па уште му треба „на приватно“ да се лечи. За волја на вистината, Владата на ВМРО-ДПМНЕ успеа да ја намали оваа предност на невработените во однос на вработените кои не земаат плата. Во 2011 година таа го укина правото на „сини картони“ за сите невработени и им го остави тоа право само на оние невработени кои ќе докажат дека имаат приходи на ниво на домаќинство пониски од минималната плата. Па, голем дел од невработените се во иста ситуација со работниците кои не зеле плата. Кога сме кај неправедноста на системот, да го кажеме и тоа дека во Фондот за здравствено осигурување има прилив на средства по основ на придонеси за здравствено осигурување кога газдата, со задоцнување, ќе им ги исплати платите што им ги должи на своите работници. Ама, Фондот отпосле не им ги рефундира парите на оние работници кои платиле здравствена услуга „на приватно“, бидејќи, не по своја вина, немале „сини картони“ за соодветниот месец, зашто газдата не им исплатил плата.

3) Важен фактор за брзо осиромашување на работниците кои не зеле плата се кредитите. Многу работници купуваат на кредит стан, автомобил или нешто друго поситно. Тие немаат доволно пари за да го купат станот или автомобилот без кредит, но од друга страна токму бидејќи се вработени и земаат плата можат да си дозволат да размислуваат за нешто повеќе од голата егзистенција. И додека редовно се прима плата, нема некои поголеми проблеми. Се рационализираат семејните расходи, ама сето тоа е пресметано, па иако е потешко, некако се врзува крај со крај. Ама, кога главниот извор на финансии, платата, ќе секне, тогаш настануваат проблемите. Банките се многу ажурни и немаат многу разбирање. Веднаш стапуваат во акција. А каматите растат ли растат. Да кажеме уште една неправедност на системот. Ако ти ѝ должиш пари на некоја институција (банка, ЕВН, топлификација итн.), тогаш таа ти пресметува камата. И те притиска. А за тоа што газдата тебе ти ги должи заработените плати, е за тоа не му се пресметува камата.

4) Работникот кој не зема плата подолг период е во полоша состојба од невработениот и поради оваа причина. Тој не располага слободно со целото свое време. Сè уште мора да оди на работа без разлика што не прима плата. Тоа време што буквално го губи тој може далеку подобро да го искористи за себе. Може да си бара нова работа (која ќе биде платена), може професионално да се надоградува, во крајна линија, може да одмора. Сè е подобро отколку да работи за беспари, односно тој да троши време, енергија и пари, а неговиот газда преку неплатената работа негова и на неговите колеги да се извлекува од кризата во која западнала неговата фирма, не така ретко токму по негова вина (ексцесивно луксузирање или лоши претприемачки способности).

Ова се главните причини зошто, буквално, подобро е да бидеш невработен отколку да работиш без пари. Се разбира, целта на овој текст не е да ги антагонизира невработените и вработените на кои не им се плаќа трудот, туку, прво, да се посочи на длабочината на проблемот на оваа категорија вработени, и, второ, да се поттикнат вработените чиј газда не си ги исполнува обврските кон нив по основ на плата да не му цртаат ореол на газдата „зашто им дал работа“, туку да бараат и тој да си ги исполнува обврските како што и тие си ги исполнуваат обврските. Права не даваат, права се земаат. Ако не се научи лекцијата навреме, тогаш секој работник на своја кожа ќе ја почувствува точноста на напишаното погоре.

Извор: solidarnostblog.wordpress.com