Русификација на Македонија

16.08.2014 11:44
Русификација на Македонија

Во заднина на највлошените односи меѓу западната цивилизација и Русија по падот на железната завеса, македонските новинари, социолози и тинк-танкови би требало подетално да се позанимаваат со овој општествен феномен.

Зошто Владимир Путин и Русија што тој ја создаде ја дразнат фантазијата на мнозинството Македонци? Тие во изминативе години почнаа да негуваат илузии дека земјата од најрадикалниот европски исток и север, земја што дружи со централноазиските и блискоисточните деспотии и деновиве почна да се изолира од цивилизираниот свет, е некакво Елдорадо, алтернатива на нашите евроатлантски стремежи.

Зошто во тековниот воен конфликт меѓу Русија и Украина голем дел од Македонците се проруски настроени? Тоа е заклучокот до кој дојдов по разгледувањето на наивните статуси и коментари по социјалните мрежи и од разговорите со мои колеги и пријатели. Па, во модерната историја Русија никогаш не застанала во одбрана на Македонија.

Еве, да не одиме подлабоко и поради ограничениот простор да не ги анализирам руско-бугарските односи од крајот на XIX век, кога подемот на Егзархијата, а со тоа и на врховистичката ВМРО доаѓа со силната финансиска помош од царистичка Русија, и кога дворот на Романови застана зад санстефанска Бугарија. Да не ја заборавиме и епизодата со Информбирото и Граѓанската војна во Грција во 1948 година, кога илјадници Егејци, наместо да ги населат во источна Европа или во европска Русија, по заслуга на Сталин беа испратени во силка (депортација) на суровиот Сибир.

Погледот, не подалеку од почетокот на веков, покажува колку ни е кратко паметењето. Зар заборавивме дека, наспроти ембаргото за увоз на оружје поради конфликтот, токму Украина ни помогна со инструктори, оружје и со ловци за време на кризата во 2001 година, кога косовските терористи зазедоа делови од северозападна Македонија (морничаво слично со она што денес се случува во источна Украина)? Заборавивме ли дека пилотите што ги управуваа четирите „су-25“ кои сееја смрт во редовите на ОНА, беа Украинци, а не Руси? Дали е сразмерна (страво)почитта што ја искажуваме кон руската држава со недејствијата од страна на нејзината дипломатија во однос на спорт за името што ни го наметна Грција? Па, нели, како што укажуваат некои наши „познавачи“, Русија прави сѐ за да се урне еднополарниот свет наметнат од Вашингтон. Зошто тогаш Москва не се постави авторитативно, како што тоа го прават нејзините соперници од Запад повремено, и да го пресече Гордиевиот јазол? Каде е руската славна дипломатија по прашањето за името? Во ретките моменти кога руското МНР се изјаснуваше околу спорот за името, Сергеј Лавров (меѓу другите и јас лично во јуни 2008 го прашав за тоа во кратко интервју), секогаш заземаше став со јаловото „ние го поддржуваме секое решение договорено од двете страни“.

Дали македонската јавност знае дека Грција и Кипар се рускиот тројански коњ во Европа и дека грчко-кипарските интереси и интензивното лобирање за Москва во Брисел се правопропорционални со 50-те и кусур милијарди испрани евра на руски државни чиновници и олигарси депонирани во кипарските банки и со инвестициите на руската висока средна класа во милионски недвижнини по грчките острови. Затоа е и молкот што доаѓа од Смоленскаја во врска со спорот за името.

Русите ниту инвестираат во македонски банки, ниту, пак, купуваат вили и хотели по Македонија. По наброеново, може ли некој да ми каже од каде извира оваа поддршка за рускиот претседател?

Тој во последниве шест месеци направи непоправливи штети во односите на Русија со ЕУ, САД, Јапонија, Австралија, Канада и со уште десетина други земји од цивилизираниот свет. Поради поддршката на Москва за  разгорување војна во источна Украина (и во Европа). Врвен чинител беше сомнителното соборување на патничкиот боинг по што следуваа санкции и повратно ембарго на Путин за увоз на прехранбени производи во Русија од наведените земји. Но, и драконските законски мерки против цивилното општество, независните медиуми и блогерите, притисокот врз опозицијата со скратените слободи за изразување и собирање, корумпираното судство. Поради сето ова земјата денес насекаде ја ставаат во списокот на земји-изгнаници.

Иронично, но многумина од тие наши големи почитувачи на ликот и на делото на Путин или имаат роднини на Запад, или, пак, самите тие трчкаат за документи и визи да заминат во таа пуста Америка или, пак, да ја прегрнат „блудницата Западна Европа“. Имаат навика да заминуваат и да остануваат кај „светскиот полицаец“, да бидат поробени од таа ревизионистичка империја која орвеловски ги прислушува своите и граѓаните на други земји, и која поддржува „логори на смртта“ (Гвантанамо беј на Куба) и притворни центри за терористи насекаде низ светот.

А ниту еден од тие на кои устата им се пенави од величање на геополитичките заслуги на Путин, не сака да замине на одмор, на пример, на Крим или во Сочи, или, пак, да биде гастарбајтер во економски моќните Москва и Петербург. Или да оди на трекинг и кампување во сибирската тајга и да се радува на нејзините бескрајни и убави шуми, реки и езера или, пак, да ја посети степската кралица Астана, па и да му оди нагости на Лукашенко, последниот европски диктатор.

Значи, од една страна ја сакаме добрата заработувачка во Германија или во САД, на пример. Сакаме од овие и од многу други земји да правиме парични трансфери во евра и долари до нашите деца, стари мајки и татковци, до роднините и пријателите, ги уживаме нивните либерални права за вработување и престој (барем оние на Америка или на Австралија), се восхитуваме од западната култура, музика, филм, спорт... а навиваме за Русија.

Та, до Бога, каде отиде половина од македонската младина во потрага по подобар живот, на Запад или во Русија, Казахстан или во Белорусија? Е па, браќа и сестри Македонци, тоа не е фер, не е христијански така да се мами. Може ли еднаш да се ослободиме од тој итромански, провинцијално-транзициски табиет?

Некои велат дека поддршката што Македонците му ја даваат на Путин, доаѓа од сличноста на културите и јазиците. Од почитта кон православната црква, која во Русија зеде силен замав со зацврстување на неговата власт. Јас се сомневам во тоа, се сомневам бидејќи ако бевме толку големи верници, немаше филистерски да ги љубиме парите на истиот тој Запад што истовремено го оцрнуваме и им се потсмеваме на неговите акции и политики да се справи со избеганиот од контрола бивш КГБ агент Путин (кој самиот кажа дека не постои такво нешто - бивш КГБ агент).

Длабоко сум убеден дека тука црквата или верата се безначајни. Тие не играат таква улога каква што игра маестралната пропаганда на Москва. Пропаганда од која сите ние сме хипнотизирани и која како никогаш досега работи под полна пареа на Балканот преку меѓународниот ТВ-проект „Раша тудеј“ чија гледаност, претпоставувам, е голема како во Србија така и во Македонија, Грција, Италија и пошироко, но и преку новинското издание „Руска реч“ на македонски (во разни земји носи разни називи).

Внимавајте, руските мејнстрим медиуми не работат според новинарските стандарди на цивилизираниот свет. А наведените се ударната тупаница на Кремљ во странство. Изворите за нивните ударни вести многу често се социјалните мрежи, додека многу од руските изданија не ги повлекуваат или не ги демантираат целосно измислените стории дури и ако тие се детално разобличени.

Јас не велам дека Си-ен-ен, Би-би-си или другите за да го инфицираат јавното мнение, не ѕвечкаат така директно со оружје и омраза, како што го прават тоа руските државни медиуми уште од почетокот на кризата во март.

Една забелешка за крај. Моето независно мислење доаѓа од опсервациите, трибините што ги следам и разговорите што ги правам овде, во Петербург и во Москва со обични Руси и со луѓе упатени во нештата. Очигледно, со моите критичари сме на различните страни од идеолошкиот спектар. Моите либерално-демократски убедувања се сушта спротивност на шаблоните на путинизмот што тие го бранат и кој се одликува со неоконзервативни вредности, заснован е на псевдодемократија, а легитимноста ја црпи од постојаната општествена мобилизација за наводниот „надворешен непријател“ и идејата за судир на цивилизации.

Треба да се замислиме и, пред сѐ, да погледнеме во сопствениот двор. Да не излезе дека, без да знаеме, сме застанале на погрешната страна од историјата, како што тоа некогаш го направија Бугарија, Романија, Унгарија и редица други национал-романтичарски режими во нивниот занес од европскиот нацистички и фашистички поход на Берлин и на Рим.
 
Објавено во „Слободен печат“ 14.08.2014
Слики: Lora Zombie