Low cost дестинација

18.08.2014 09:05
Low cost дестинација

 Иако летната сезона е при крајот, во медиумите не стивнуваат сториите околу тоа дали и каде летуваат нашите политичари и новинари. (Од некои изместени причини, на медиумите не им е повеќе интересно каде летуваат јавните личности, естрадните ѕвезди, уметниците, актерите...) Во крајна линија, тука и би немало ништо необично, ако прашањето дали конкретниот новинар или политичар летува во некое монденско место или во некоја таканаречена low cost дестинација, во овдешната консталација, не беше обоено со една подла темносива темнополитичка боја.

Формулацијата „Low cost дестинација“, како и многу други, е агресивен напад врз духот на јазикот, токму каков што е нападот врз јавниот дух со наводните полемики околу летувањата на овдешните политички трудбеници. Кога би се обиделе да ја преведеме на македонски, тогаш таа би значела „евтино одредиште“. Влезена е во употреба најмногу преку туристичките агенции (како и „понуда ласт минит“, „олинклузив“, „пакет аранжман“ итн.) и означува можност за летување на оние слоеви кои ја имаат таа потреба, а ги немаат соодветните средства за да ја задоволат својата потреба.

Македонија, на пример, е класична low cost дестинација. Наводно нуди богати годишноодморски содржини за релативно мали пари (иако дел од овдешните годишноодморци во Охрид никако не би можеле да се сложат со оваа констатција). Високоразвиените туристички земји нудат и елитен туризам, но и евтини летувања. Таков е примерот со Турција, каде што летува премиерот Никола Груевски, но и со Грција, каде што, наводно, летувале некои наши новинари и лидерот на опозицијата Зоран Заев. Овие две земји, поради близината и излезот на море се меѓу најпопуларните дестинации на нашите годишноодморци. Секако, тука се и Албанија, Бугарија, Црна Гора, па и Хрватска.

Во Македонија евтиното летување било секогаш „на цена“, па затоа и не е многу јасно зошто во јавната комуникација е влезена оваа, на сите јазици погрешна, формулација – „low cost дестинација“. Делумно од мрзливост и незнаење – полесно е да се прилепи англискиот термин на македонска именка, отколку да се размислува за превод, а делумно и од практични причини – ако барате по мрежата, тогаш е многу попрактично да го користите англискиот термин. За „low cost“ ќе наидете на 330 милиони резултати, додека за терминот „евтин“ на 514.000, а за „евтино летување“ на 58.700 одредници. Дека оваа причина не е за занемарување покажува и фактот дека годинава на ниво на Европа се уплатени 45 проценти од вкупниот број годишни одмори токму преку интернет.

Зборот „дестинација“ е интернационализам во македонскиот јазик, кој во коренот го има латинскиот глагол „destino“ (наменувам, одредувам). Од овој корен во многу јазици е изведен зборот што означува „судбина“ (на англиски „destiny“, на италијански „destino“ итн.). Ете, нам судбината ни е – low cost дестинација!

Слични содржини

Значења
Значења
Живот
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења

ОкоБоли главаВицФото