GAME OVER

18.08.2014 10:43
GAME OVER

1.

Се разбира, колкава и да е, во принцип, важноста на македонскиот уметник за развојот на македонската уметност, овој денешниов баш и не се покажува толку важен. Затоа и овие размисли за неговите реалности и постапки, за евентуалните (творечки) „дилеми“ и премрежија денес, треба да се приведат кон крајот. Особено и заради фактот што, гледам, спомнатите се лутат како мали деца. Вртат глава, не кажуваат ни добар ден. Ок! Така требало да биде. Денот е добар и без нив. Впрочем, целиов нивен „творечки“ живот последниве години е приказна за мали деца. Ќе ја раскажуват на внуците. Ама и други ќе раскажуваат, за жал, или за среќа. И тоа прилично потажни верзии на истите приказни.

Но, ние отсекогаш сме биле такво општество, општество на најмалку две вистини. Едната за „по дома“, другата за „по надвор“. Па верувајте во која што сакате. Ама не е баш така. Ниту може да биде. Интерпретацијата на Вистината објективно може да зависи од точката на гледање, ама фактите – не, тие се неумоливи.

2.

Во таа насока, еве еден цитат: „…уметникот се наоѓа на еден или на друг начин во 'наемна положба' во однос на инвеститорот, а со самото тоа е доведен во состојба на зависност која не му овозможува секогаш доследен творечки ангажман; нарачателот, од името на општеството, на уметникот му наметнува одредени барања, како од идеолошка, така и од естетска природа; тоа дава можности за остварување на политичко – идеолошки тенденции, па дури и манипулации со уметникот, скриени под паролата на демократизација на уметноста (во смисла на барање споменикот да биде разбирлив за 'широките народни маси', што значи, всушност, вулгаризација на уметничкото творештво). Ликовниот уметник реагира со создавање на дела што не се секогаш на нивото на високи естетски дострели (кич споменици), за кои не е заинтересиран поинаку отколку во поглед на материјалниот надоместок за својот труд“!

Цитатов не е ни вчерашен, ниту пак завчерашен. Стар е безмалу триесет години и е извлечен од книгата на Антоанела Петковска од 1986 година, а се однесува на аспектите на монументалното споменично творештво во Македонија до осумедесеттите години на минатиот век. А како да е напишан денес. Односно, како ништо да не се сменило во изминативе 30-40 години. Кругот се затворил! Се менувале само уметниците и политичарите, системот/времето – замрзнало! И го одмрзнуваат по потреба.

Ако времето на кое што се однесува цитатот, со извесни нијанси, говори за таквата положбата на уметникот во таа Македонија, а тоа време го класифицираме така како што го класифицираме – ригиден социјализам, едноумие, еднопартиски систем, црн комунизам … – какво е тогаш ова време во кое состојбите се идентични? Ако пак македонскиот уметник, и во она време и во онаквите состојби, успеа да изнедри и монументални дела како Спомен костурницата во Велес, споменикот на Климент Охридски во Скопје, Споменикот на Слободата во Кочани, Македониумот во Крушево… зарем е можно денес да не успева да се избори за своето творештво? И да направи барем една пристојна споменичка скулптура? Ако пак ваквите прашања ги поставуваат сите други освен уметникот, тогаш – кој и што навистина е тој уметник денес, и овде? И што воопшто прави тој уметник денес? Раскажува митови и исправа „криви дрини“, ламентира врз творештвото на другите и го убедува народот дека е глуп и неписмен да ја разбере неговата уметност? Ама – му ги сака парите?! Има ли воопшто право да се нарекува себеси – уметник?

3.

Но сепак, базичната дилема во случајов не е кој е кој и што е што туку, повторно, дали македонскиот уметник денес, токму оној од генерациите што беа неколку пати спомнати како потенцијално надежни и творечки носечки во изминативе години, дали тој уметник дефинитивно ги прокоцка сите шанси што се навестуваа отворени на хоризонтот? Говорам токму за тие (веќе спомнати) неколку генерации зашто денес само тие, односно само тие уметници и постојат на званичната македонска уметничка сцена. Сето друго е буквално збришано. Напикано во глувчја дупка, или во оној мал „кафез“ што глуми независна галерија. Ама, кога нема подобро… Постарите генерации веќе нема ни кој да ги опцуе, а камо ли да ги праша за здравје, помладите талкаат низ партиско-творечки лавиринти борејќи се за некакво место под сонцето. И бараат „спонзори“ – уметнички (од постарите) или политички (од помладите), некој што ќе им даде иницијално забрзување, можеби „спин“ (?), во кругот на „посветените“. Потоа е сè полесно! Затоа денес шушумиги на четириесетина години добиваат ретроспективи (божем имаат што да покажат!) и монографии од чијшто луксуз ви застанува здивот. Хаџи Бошков доби (некаква, каква-таква) монографија на 82-годишна возраст! Се сеќавате ли како кочоперно се шепуреше Станковски алијас Сарајлија на неговата „ретроспектива“, сосе монографија, и сосе „таткото“ на нацијата до него, да му чува страв? Обично во такви декадентни перверзии завршува секој самонаречен авангардизам, па и овој наш, маалски! Но затоа едно чудо сериозни македонски уметници, оние кои навистина ја задолжиле оваа држава, а немаат политичка задница, ќе чекаат на ред дури и за пристоен каталог.

Зашто, во ликовната уметност кај нас последниве години се испреплетува буквално сè. Освен квалитетот, се разбира. И сè друго е поважно, освен квалитетот на делото. Погледнете кој сè не отиде во Венеција како македонски претставник, небаре Венециското биенале е некаква национална променада, локален панаѓур на суети. Или – дај додека се може? И малку ни беа нашиве беда и јад, туку моравме да ја почестиме оваа манифестација и со „коктел“ од стаорци. И? Се случи нешто битно? Сите паднаа во несвест од нашата инвентивност?

Или, погледнете кој ја застапува, кој говори – или подобро речено пелтечи – за и во македонската ликовна уметност денес. Погледнете ги сите тие сподоби што се шетаат низ македонската уметничка сцена во својство на „директори“, „куратори“, „теоретичари“… видете како македонскиот уметник безгласно се повлекува пред најлошите во неговите редови препуштајќи им ја сцената, а за возврат очекувајќи некое ковче и за себе … да има на што да си ги истри забите … и зошто македонскиот уметник денес ги толерира и највулгарните аматерски натрапници кои своите мачканици ги прогласуваат за уметност и секоја година јадат пари колку за три пристојни изложби… и не само тој и тие… и за што му е на уметникот онакво Друштво коешто всушност работи против неговите интереси? И не постои ли навистина поинаков модус операнди за македонскиот уметник денес освен свиткана кичма? Или целата ова ситуација всушност му погодува, му држи убава ладовина, и лете и зиме? И не мора којзнае колку да се труди зашто има кој да мисли за него? И ќе прифати дури и дека сликањето „по музика“ (па нека е и од Боб Дилан!) на дилетантон е некоја творечка иновација, или пак дека „перформансите“ од типот на седење на автобуска станица се ангажирани и нешто ѝ помагат на уметноста и државата, или дека денес, навистина, секој и буквално секој може да се нарече уметник извлекувајќи ја како џокер мислата на Бојс?

4.

Ако македонскиот уметник денес чека некој друг да му ги реши суштинските проблеми на творештвото, ќе се изначека. Тоа никој нема да го направи за него. Слободата, вистинската творечка слобода се извојува во судирот на уметникот со делото, во конфликтот со средината и времето, во развојот а не во стагнацијата, во жестокото „јас“ а не помирливото „ние“. Ова што денес го гледаме како производ е токму тоа милозвучно и помирливо „ние“ зад кое што се кријат цели генерации како исплашени глувчиња, непрепознатливи до зла бога. Не знаеш кој е кој и секој може да го потпише делото на другиот. За среќа, македонската историја на уметноста, и поблиската и подалечната, им дава доволно примери за стојноста и постојаноста на моралните вертикали во уметноста, за патиштата на изборот и моралните дилеми во творештвото. Неповторливиот Танас Луловски, во една прилика навредено одбивајќи секаква помош, велеше дека ако тој самиот не може да си ги реши проблемите кога е пред белото платно, тогаш никој и во ништо не може да му помогне!

Но овие денес не се подготвени за такво харикири. Не се подготвени да војуваат и извојуваат победа на сопственото творештво, не се подготвени да влезат во клинч со секој и сешто, па нека се вика и држава, заради сопствените творечки права и слободи. Но, затоа се подготвени на компромиси од сите видови: на селекција низ идеолошко-партиска диоптрија, на бесчувствително искористување, на пери-носи дневни (зло)употреби, на двојни стандарди и целосна деперсонализација на сопствениот ракопис, на тотална вулгаризација на уметничкото дело. И сето тоа, по сè изгледа, и колку и да звучи чудно, не им пречи! Како да токму така ги подучувале нивните постари колеги-професори (што, се разбира, апсолутно не би било точно), како да на таков однос ги упатува историјата на уметноста, македонска и светска. А сепак, сè додека таквиот однос останува во сферата на нивниот личен интерес, нивната лична уметност, можеби и не би требало премногу да нè загрижува! Нивна е, и што сакаат нека прават со неа. Ама – не е така. Односно, нивното стана и наше, а нивните потклекнувања и незнаења утре ќе станат потклекнувања и незнаења не на нивните туку на нашите идни ликовни уметници. На овие кои денес и утре, (ќе) учат од нив! Е тоа веќе не е само нивна лична работа, зашто во прашање е едукацијата на идните генерации македонски ликовни уметници.

5.

Ако уметноста не оди пред своето време, тогаш ќе трча по него. И тоа нам ни се случува. Македонската уметност, вљубено заталкана во минатите векови, ќе се најде еден ден во чудо и ќе започне луда трка по времето кое неповратно ѝ бега. Дефинитивно. И не ќе може да го стаса, зашто во меѓувреме светот ќе отиде уште понапред. Ако до вчера доцневме минимум педесеттина година зад светската уметност, денес веќе говориме за цел еден век. Утре – којзнае колку. Ако постарите генерации македонски уметници со судни маки ја приближија некогашна ликовно полуписмена зографска Македонија до модерна Европа, овие денешниве неписмени пауни ја вратија три века поназад. Не само како уметност / дела, тие се всушност најмал проблем, туку како начин на мислење, на однесување, на општествената положба на уметникот и уметноста, на едукацијата на генерации и генерации млади луѓе кои ќе растат опкружени со сеништа од минатото.

Не знам колкумина го паметат Роденовиот споменик на Балзак (во Париз) и целата негова историја. Но треба да се памети, зашто ова ремек дело на Роден, според многумина и првата вистинска модернистичка скулптура, чекало речиси четириесет години да биде поставено на една раскрсница на Монпарнас. Зашто, едноставно, никој не можел да го замисли големиот Балзак така како што го видел Роден, кој всушност ја моделирал „суштината на писателот“, неговата авторска сила, а не – авторот. За Роден овој монумент бил „животен резултат, оска на мојата естетика“. И иако нарачателот (Societe des Gens de Lettres) одбил да го прифати споменикот, а Роден ги вратил парите, имало други заинтересирани (приватни) купувачи кои сакале да го откупат делото. Роден, се разбира, никогаш не го отуѓил, чекајќи го времето кога јавниот „вкус“ барем малку ќе се доближи до неговото творечко кредо. Дури во 1939 година Париз ќе му ја оддаде должната почит на уметникот и на споменикот ќе му најде соодветна, достојна локација.

Можеме ли да замислиме, денес, некој од нашиве уметници да го портретира Делчев, или Карев на таков начин? Или ајде нека не е револуционер, туку нека е некој од писателине наредени како тролчиња на мостчено? И да истрае во својата уметничка идеја наспроти сите притисоци? Или, ако некој подобро го памети творештвото на Роден, можеби ќе се сети и на неговата студија за истиот споменик, онаа каде што Балзак е – гол! Можете ли да замислите кај нас, денес, студија на акт на Чуповски, на пример? Или на некој од Миладиновци? Јавно изложена? Колку ли „субкултурни“ (според глаголивиот Аџиевски) здруженија и поединци ќе се јават во заштита на јавниот морал?

Но, затоа, Игор Митриќевски, пред околу триесетина години, сосема нормално изложи еден тотално апстрактен портрет на Св. Климент Охридски, на една изложба по повод некаков јубилеј на светецот. И според мое скромно мислење, тоа беше најдоброто дело на изложбата.

Но, повторно, можеме ли да замислиме нешто такво, денес? Е, кога ќе можеме, тогаш ќе можеме да говориме и за поинаква клима во македонската уметност. И за поинаков македонски уметник!

6.

Затоа, како што говореше Луловски, уметникот и денес е сам со својот крст. Секогаш и бил. Помошта од кој и да е, па нека е и државата, е само привид. Таа не му ги решава основните творечки проблеми. Напротив – само ги мултиплицира. Како што во тоа одмагање огромна улога има и дел од македонската таканаречена стручна јавност (само не знам според кои и какви параметри е стручна!) која, извесно и докажливо, го манипулира заради свои интереси. Вклучувајќи ја тука, се разбира, и мојата професија претставувана од неколкумина наши „врли перјаници“ со докторски титули.

Впрочем, уметноста денес, особено денес, е комплексен збир на многу фактори. И сите тие играат некаква ролја во дефинитивниот производ. Но, сепак, главната оска е уметникот и преку него се прекршуваат сите останати фактори. Доколку неговата творечка компресија е лесно издишлива, подмитлива и подложна на манипулација, од кого и да е, тогаш од уметноста не останува ни трага. Се претвора во нешто друго. И тука нема помош.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Albert Guasch

Слични содржини

Став / Култура
Став / Уметност
Култура / Уметност
Став / Култура
Карикатура.мк / Стрип / Уметност / Карикатури

ОкоБоли главаВицФото