Чест секому, сочувство никому

19.08.2014 13:21
Чест секому, сочувство никому

Колку и да е човек самосвесен и колку и да држи до своето достоинство и интегритет, сепак не е во состојба да го затвори предавничкиот канал на емоции што струјат по линијата на неговата идентификација со својата татковина. Иако во македонскиве услови – кога татковината е окупирана и приватизирана од мафијашка банда на крадци и морални накази – тој канал би требало безмилосно да биде отсечен како гангренозен екстремитет, човек сепак се фаќа себеси како се вживува во надворешната политика на библиската Маседонија и како поради тоа длабоко се гнаси и срами од неа. Но, што тропам јас, каква надворешна политика, ние всушност го преземаме врз себе срамот не само од непостоењето на каква и да е разумна надворешна политика на режимот на Груевски, туку и од колективната нечовечност што оваа „политика“ ја проектира кон светот. Тој клептократски режим има конзистентна внатрешна политика на крадење на вкупното национално богатство и владеење со корупција и страв, но затоа на меѓународната сцена пројавува лигава сервилност и кучешка усрдност, комбинирана со инфантилен коктел на инает и обвинувања. Оваа во суштина деструктивна политика се манифестира со бескорисно умилкување на сите светски господари на војната и, паралелно, со губење на нивната наклоност и пријателство. Нејзе воедно ѝ недостасуваат елементарните состојки на човечност, па македонската држава не се изјаснува во полза на угнетените, ниту искажува солидарност и поддршка за жртвите на современите империјални, геополитички, верски и расистички војни. Комбинација на човечка малоумност и нечовечки плиткоумна бездушност.

Но, настрана „високата“ меѓународна политика (за која малкумина од нас имаат што да кажат), хуманиот и моралниот аспект на надворешната политика – кој би морало да биде вграден во темелите на секоја политика – е она во што најмногу потфрливме. Токму нашата хуманост потфрли, па како да станавме народ на морални мртовци со тежок дефект на човечноста; затапени од малоумното владеење на ДПМНЕ се претворивме во отуѓени и бесчувствителни преживари со рамнодушна и себично неутрална позиција на неми набљудувачи на масовни злосторства, државни и други терори и насилства. Зборувам за страдањата на Палестинците во Газа, на Украинците и Русите во источна Украина, за крварењето на Сирија, а претходно (и сеуште!) на Ирак и Авганистан. И за сите други жртви на агресија, организиран терор и насилства извршени врз невино цивилно население. За кого се изјасни нашата влада, која страна ја поддржа во сите овие огромни неправди и несреќи – жртвите или злосторниците? Кого го поддржавме во тие голготи сите ние, и против кои злосторства се кренавме да протестираме? Никого не поддржавме, почитувани читатели, како нечовештината во форма на некаква изопачена неутралност и нечувствителност за туѓи страдања да ни се прелеа во душите директно од врхушката на ДПМНЕ (која овој нечовечки сентимент веројатно го лачи спонтано од надбубрежните жлезди). Ако погледнеме објективно каков хуман и морален став зрачи од нашата држава, нас веќе како да ни атрофираа центрите за морална интуиција, чувството за правичност и човечката способност за емпатија и солидарност.

Ја читам Ведрана Рудан како вриска од бес и индигнација против хрватското молчење за злосторствата на Господарите на војната и немото соучествување во нив. Се сеќава Рудан како додека бевме во Југославија државата официјално ја забрани омразата, а поддршката кон слабите и угнетените каде било во светот беше морална обврска и на службената надворешна политика и на сите нас кои – идентификувајќи се себеси со тоа татковинско морално начело – се чувствувавме како бели витези на правдината. И јас се сеќавам како протестиравме против американското масовно убивање на цивилното население во Виетнам, како километарските колони на гимназијалци и студенти носеа низ Скопје транспаренти напишани на англиски: „Yankee, go home!” Се сеќавам и дека протестиравме против советската интервенција во Чехословачка, а целата југословенска јавност ги помагаше шокираните Чехословаци затекнати кај нас тоа лето 1968 година. Бевме против крвавата диктатура на Пиноче и сочувствувавме со чилеанскиот народ, а јавно се гнасевме и од канибалскиот режим на Црвените Кмери. Антисемитизмот беше третиран како злостор и беше искоренет и потполно незамислив, па иако одгледувавме култура на длабоко сочувство со страдањата на еврејскиот народ во минатото, бевме одлучно против државниот терор кој Израел го вршеше врз Палестинците. Не постоеше ослободително движење кое не го поддржувавме, и не се случи ниту еднаш да не ги препознаеме, помогнеме и оплачеме вистинските жртви, кои и да се. И, покрај тоа, земјата ја почитуваа сите велесили од различните страни на поларизираниот свет.

Но, сето тоа беше резултат на политиката на Големиот мајстор на меѓународната политика и на внатрешната поддршка на неговите партизани. Се разбира, како што кажал некој опулен: земјите немаат пријатели туку само интереси; затоа ова се само тажни реминисценции на еден исчезнат свет. Но, оние кои тогаш ја водеа надворешната политика, иако сосем сигурно ги познаваа суровите правила на таа гнасна и безмилосна игра, на граѓаните на Југославија им овозможуваа да се идентификуваат со надворешна политика и да се чувствуваат како морално супериорни луѓе секогаш на страната на доброто. Нашата држава денес ја води група скудоумни дилетанти чија политика на алчност, себичност и бездушност нè претставува во светот како земја на примитивци без елементарна моралност и сочувство, луѓе кои не можат да ги разликуваат доброто и злото, па затоа не ги разликуваат ни злосторниците и нивните жртви. Како припомош за тие морални инвалиди, еве едно едноставно упатство: злосторници се секогаш оние што фрлаат бомби врз цивилно население, а жртви се секогаш оние што гинат од бомбите.

Цртежи: Ethan Murrow
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото