Сите пари за обложување ги спискал на образование на детето

19.08.2014 14:09
Сите пари за обложување ги спискал на образование на детето

Скопје, 19 август 2014

Слепата верба во способностите на детето го довела Славе Комаров на раб на пропаст, откако сите пари што можел да ги сврти во обложувалница ги вложил во образованието на својот син Марко.

Според неговите зборови, изминатите две децении имало голем број сигурни натпревари, но сепак решил да оди на ризик вложувајќи сè во основното и средното образование на Марко.

„Некогаш кога го сакате најдоброто за своите деца, тоа не испаѓа онака како што сте замислиле и ја прифаќам целата одговорност. Свесен сум дека вложувањето во образованието на Марко беше чиста коцка, но едноставно не можев против тоа. Сега, кога ќе се сетам како почна сè, од една страна можев да ставам 100 марки на Депортиво против Валенсија од икс во кец, па од таму полека да ја градам понатамошната стратегија, а од друга страна можев да му купам на детето книги за основно училиште“, се потсетува Славе.

Од тој момент сè тргнало во спиралата на образованието од која нема враќање, раскажува тој.

„И семејството и пријателите ми велеа дека од детето нема да биде ништо, но јас и понатаму вложував во него цело основно и средно училиште. Облека, екскурзии, книги, тоа е еден маѓепсан круг во кој не гледате колку трошите, а колку ви се враќа. Цело време паралелно излегуваа сигурни натпревари и дојави за кои немав пари. Тоа е пекол. Се сеќавам дека еднаш на малиот лошо му одеше хемија, па дадов околу 200 марки за дополнителни часови, а во тој период втората данска лига беше толку сигурна што можев да добијам десет пати повеќе“, се жали овој несреќен татко.

Експертите се согласуваат дека образованието на децата во Македонија е ризична игра и дека родителите често не забележуваат кога ќе паднат во оваа стапица.

„Системот за образование е така уреден што куќата секогаш добива. Иако има по некој што извлекува повеќе од вложеното, таквите се ретки. Повеќето деца пропаѓаат, а родителите можат само да жалат што не ставиле нешто на Борисија Дортмунд наместо да фрлаат пари на детето“, вели нашиот познат стручњак за обложување, Велибор Џаровски Џаро.

Како што неофицијално дознаваме, таткото на Марко верува дека вложеното еден ден ќе му се врати, бидејќи според него „Марко успеал да се запише на економија, па иако не е на буџет, барем нешто тргнало“.

Извор: www.njuz.net