13 години после

20.08.2014 09:00
13 години после

Еден човек тргнал на аџилак носејќи на рамења едно јагне за курбан. Тројца арамии се договориле како да му го земат јагнето. Наидува првиот божем случајно, па му вели на аџијата:

- Човеку, не ти е тешко да носиш теле на рамења?! - и си заминува глумејќи зачуденост.

Потоа наидува вториот арамија, и тој како зачуден му вели:

– Човеку бе, па се носи ли магаре на рамења?!

Аџијата ептен се збунил. По некое време наидува третиот арамија кој на сиот глас извикал:

– Аман бе човеку, по која казна мора да го носиш тоа големо прасе на рамења?!

Аџијата се збунил, очигледно бил убеден дека носи некој лош ѓавол што сака да му го расипе аџилакот, па го фрлил „чудовиштето“ од себе и избегал.

Оваа поучна приказна асоцира на разновидни квалификации на партии на власт кои со помош на богата колекција лаги секогаш се фалеле колку успешно го имплементирале Рамковниот договор. Ги убедувале луѓето дека прасето ти било јагне и обратно. Конечно, деновиве вечниот шеф на Секретаријатот за имплементирање на овој договор (кој повеќе наликува на биро за вработување без критериуми), како да признал дека цели 13 години млател празна слама. Факт е дека Рамковниот договор успешно го гасел огнот од 2001 година, но тој ни по толку години не успеел да создаде ниту микрон од тоа што се нарекува – толеранција, соживот, етничка и граѓанска рамноправност, еднакви можности, демократска власт, владеење на правото и општ развој. Напротив, во комбинација со политиката на груевистичката демонизација состојбата е доведена до пекол.

Сега наместо трајно помирување имаме гола омраза, наместо толеранција имаме тепачки по автобуси и улици, наместо кохезија имаме демолирања на куќи локали, наместо владеење на правото имаме владеење на неправдата, наместо општ развој имаме врвна сиромаштија, наместо независно судство имаме судство што виси. Сè е тука во слободен пад, освен организираниот криминал кој е во слободен раст. И конечно си направивме општество без закони, без морал и без срам, каде што е поопасно е да си чесен отколку криминалец. И сега само низ една солза од обичен човек, многу појасно ја гледаме вистинската слика отколку низ екраните на сите провладини телевизии.

Од сите овие катастрофи, Рамковниот договор не можеше да биде единствен исклучок. Факт е дека сега состојбите се уште потешки отколку што беа пред неговото потпишување. Сега, повеќе од кога и да е порано, луѓето не веруваат во заедничкиот живот. Тоа е поради семето на омразата што власта во секој чекор го сееше. Но, дали сè е до договорот? Одговорот е не. Оти не постои таков устав, закон или договор што оваа власт не го претвора во тоалет хартија. Десет години власта го силуваше заедништвото, за сега да затрудне целата држава.

Деновиве срамежливо се славеше 13-годишнината на РД. Интересно e што на тие важни настани со години не присуствуваат ниту претседателот на државата, ниту премиерот, ниту некој министер од ДПМНЕ, а ниту некој нивен тоалетен редар. Оти ја сметат за тоалетна хартија. А од нивниот партнер (кој лажно го прикажуваат како ривал) добија сè - уставни измени со симнат цензус од 50 на 40 отсто, добија предвремени избори, добија согласност за нови уставни измени (за перење), добија ист ден парламентарни со втора рунда претседателски избори, добија гаранција за успех на нивниот претседателски кандидат во вид на бојкот, добија гратис постизборно договорање за влада и што не!!!

А за возврат добија јавно понижување од смешен лилипутански садист кој изгледа му годи на нивниот мазохизам. Но, сè си има свој крај. Водството на ДУИ видно е делегитимирано кај Албанците. Груевски сега гледа што тешка грешка има направено со неговите евтини трикови, и манипулации за да ги задоволи ниските страсти на неговите гласачи. Сега тој е свесен дека неговата колекција на ножеви во грб, не ги повредила само Албанците, туку сите граѓани во државата. Државата е доведена на прагот на поделбата. Фали само искра. Тогаш истите тие гласачи со ниски страсти, високо ќе го бесат нивниот водач на столбот на срамот.

Замислете Меркел да не беше присутна на прославата на 70-годишнината на истоварот на трупите во Нормандија?! Тоа ќе беше невиден светски скандал за Германија. Напротив, фотографијата на која се прегрнати Меркел и Оланд беше главниот рекламен спот на таа манифестација. Но, разликата меѓу Меркел и Груевски е многу поголема отколку меѓу рајот и пеколот. Груевски поставил околу 300 статуи, а ниедна албанска(дури не може да се види дали се платени тие три смешни статуи).

Конечно, ќе треба нов договор меѓу граѓаните и нациите. Пак се враќаме на самиот почеток. Сите овие години беа потопени во популистичките води на неодговорниот премиер. Сега, пак, треба да се запрашаме - можен ли е или не заедничкиот живот? Јас сè уште мислам дека народите се многу поразумни кога водачите не би ги скарале. Проблемот е во тоа што тие нивните неуспеси и тешки криминали лесно ги маскираат ако се прогласуваат за заштитници на нивните народи кои од никого не се загрозени. Познато е дека од сите ранувања најопасни се тие што ги создава јазикот.

Охридскиот договор не поседува ниту имунолошки механизми за заштита на себеси, а да не зборуваме за политичкото лудило на државното водство. Таквата власт во урнатините на нашето страдење градела споменик на нејзината победа. А ние никако да сфатиме дека најголема грешка е да му дадеш глас на тој што има потреба од морал.

Извор: Плусинфо
Слики: Свирачиња