Синиот зајак и други песни

20.08.2014 14:20
Синиот зајак

Синиот зајак

До три земји поминав,
до три гори прегазив,
три мориња препливав -
дури не го уловив,
синиот зајак,
чудниот зајак,
единствен на светот!

Овој зајак
знае да свири,
овој зајак
знае да плете,
овој зајак
и ручек прави,
овој зајак
и куќа мете.
Овој зајак
да пее знае,
овој зајак
да жнее знае,
овој зајак
сè ќе стори,
па и француски ќе збори
- ко Французин да е.
Синиот зајак,
чудниот зајак
единствен на светот!

Вам да ви го дадам сакав
да ви шие,
да ви пие,
да ви крои,
да ви брои,
да ви плете,
да ви мете,
да ви пее,
да ве смее,
па и ручек
да ви стори
и француски да ви збори.
Синиот зајак,
чудниот зајак,
единствен на светот!

Во торбата јас го ставив
па побрзав да се вратам,
но пред куќни порти бели
слушам зајко кај ми вели:
Пушти ме, ловецу,
силен ловецу,
да исчешлам коса,
да измијам лице,
да исчистам глава,
да исечам нокти,
да дотерам глас,
да исправам става.
Да го видат децата
синиот зајак,
чудниот зајак,
единствен на светот!

Од торбата јас го пуштив,
но зајакот не се изми,
и коси не си исчешла,
не исчисти глава,
не исече нокти,
не дотера глас,
не исправи става.
А избега, ој несреќо,
на крај светот, ој неволјо!
Синиот зајак,
чудниот зајак,
единствен на светот!


Тажна песна

Дамна живееше госпоѓа Клара
чудна и стара, многу стара...
Немаше кутрата мама ни тета,
сама живееше, самотно клета.

Госпоѓа Клара шест мачки чуваше
на свилени перници свити,
машни им кроеше, млеко им вареше,
па среќни беа и сити
белите мачки шест.

А кога умре госпоѓата Клара
чудна и стара, многу стара
- свилените перници никој не ги переше,
на појадок никој не ги викаше,
а никоја не знаеше глувци да бара!
Тажни, тажни и гладни беа,
на свилени перници сонот ги згреа,
и сите, сите в чудо се чудеа
зошто ли никогаш не се разбудија
белите мачки шест.


Децата сакаат

Децата сакаат чудни нешта
како што се оџачарите,
како што се кочничарите,
како што се, како што се...

Децата сакаат благи нешта
како што се сутлијашите,
како што се грилијашите,
како што се, како што се...

Децата сакаат смешни зборови
како што се потпадачи,
како што се сумарени,
како што се, како што се...


Кога беше мрак...

Кога беше мрак
кога беше мрак,
си подгони мачка глувче,
пак, пак, пак.

Си подгони мачка глувче,
пак, пак, пак
- но дали го изеде
или не го изеде
и мачката не виде
- зашто беше мрак,
зашто беше мрак...


Мрак

Во мракот прозборуваат гранките
и сенките играат игра луда,
панталоните јавнуваат столици,
се пентарат по полици
и прават триста чуда.

Претседател им е прекидачот на сијалицата.
Кога тој ќе рече „Кврц“,
не се слуша ни фррр,
ни мррр,
ни жврц.

Сè ќе стивне и сè живо спие
- освен глувчето и дождот што лие.


Песна

Господа, рече тој што на крајот ќе го споменам,
Господа, рече тој што на крајот ќе го споменам,
јас сакав здравица една...
Господа, задтка тој што на крајот ќе го споменам,
Господа...
Господа...
Господа...
- И седна.

Дајте им сланина, сирење и ловори,
но забранете им, господа, пијани да држат говори!

Кој?
Глувците!

 

Слики: Brian Wildsmith
Препев: Србо Ивановски
Извор:
Душан Радовиќ, Смешни зборови, 1965

Душан „Душко“ Радовиќ (29 ноември 1922, Ниш - 16 август 1984, Белград) бил поет, писател, новинар, афористичар и ТВ уредник. Бил главен уредник на „Пионерски весник“, уредник на Програмата за деца на Радио Белград, уредник на Програмата за деца на Телевизија Белград, уредник на весникот „Полетарац“, новинар на „Борба“ и од 1975 година уредник на Студио Б.

На најшироката публика ѝ е познат по своите афоризми со кои ги будел граѓаните на Белград на брановите на радиото Студио Б, кои подоцна се објавени во три книги под насловот „Добро утро Белград“, како и по извонредните книги со поезија и проза за деца.

Меѓу неговите попознати дела спаѓаат Капетанот Џон Пиплфокс (1953 драма за деца), Почитувани деца (1954, песни), Смешни зборови (1961, песни), Ти кажувам приказни (1963, песни и приказни), На буква, на буква (1963-1965, телевизиска серија), Че, трагедија која трае (1969, поема, заедно со Матија Бечковиќ), „Вуковата азбука“ (1972, песни), Зоолошка градина (1972, песни), Добро утро, Белград (афоризми во три дела, објавени 1977, 1981 и 1984 година), Понеделник, Вторник, Среда, Четврток (1983 поезија и проза за деца во четири книги).

Делата на Душко Радовиќ се преведени на повеќето поважни светски јазици. Радовиќ е добитник на најугледните награди во Југославија и во регионот, а ја добива и дипломата на Меѓународната организација за детска книжевност Ханс Кристијан Андерсен, една од најпрестижните награди за книжевност за деца.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото