Бал

21.08.2014 11:40
Бал

 БАЛ

-Го води Сатаната

Балот е круг чијшто центар е Сатаната, додека по работ кружат неговите ѓаволи.

Сезар де Рошфор (César de Rochefort), Општ и занимлив речник (Dictionnaire général et curieux), поглавје „Бал“, 1685.

О, вие, мајки кои ме слушате, подобро да ги однесете своите ќерки во јавни куќи отколку да ги водите на бал, бидејќи крупните грешки секогаш се проследени со горчливо каење.

Еден мисионер од 1820 година, цитирал Колен де Планси (Collin de Plancy), Анегдоти на XIX век (Anecdotes du XIX siécle), 1821.

-Гледиште на хигиеничарите

Речиси секогаш по излегувањето на балови, каде поминале добар дел од вечерта, тие закачуваат разни тегоби по наглата промена на температурата. Колку само млади луѓе, излегувајќи од тие блескави собири кои, како Пандорина кутија, произведуваат секакви зла и неволји, добиле и нервни пореметувања, кои, како што велеше Берав, се беда на човештвото и медицината, и го тераат тоа бело цвеќе против природата, и така пресушува изворот на плодноста, додека сериозните воспаленија ги сокриваат најпрефинетите и најмилите црти на нивната личност. Среќна е онаа млада личност која така нема да ја зафати семето на смртта, и на самиот почеток на животот, да се зарази од ужасна болест која го разорува телото, откако ќе се насели во толку чувствителен орган како што се белите дробови!

Д-р Ж.А. Гулен (J.A. Goulin), Мода од гледна точка на хигиената (La Mode sous le point de vue hygiénique), околу 1850.

-Санкции

Јавни балови - Фала богу, ги нема на цела територија на Генруе (атлантскиот дел на Лоара заб. прев.). Големо задоволство ми е што можам да им се заблагодарам на парохиските гостилничари и да им честитам на христијанскиот дух. Но кај соседите има балови кои, мораме да го кажеме тоа на срам на главниот град на кантонот (Сен-Гилд Дбоа) не направија пауза ни за една недела од причестувањето. Тоа е срамота и скандал за целата област. Но, на баловите не доаѓаат само момци и девојки од тој кантон, доаѓаат и оние од околината, па дури и од Генруе. Затоа мислам дека ми е обврска повторно да прогласам за важечки извесни санкциии за кои верував дека дефинитивно можам да ги сметам за дел од минатото. Се надевам дека и овој пат веќе и самото објавување на овие мерки ќе го предизвика очекуваниот резултат. Мерките се следни:

1. Секој младич и секоја девојка кои од денес ќе посетат, макар и само еднаш, некој од јавните балови, ќе бидат исклучени од редовните црковни служби;

2. На секој младич и секоја девојка кои редовно посетуваат балови, ќе им биде ускратено правото на црковен обред, како при венчавката, така и при погребот.

Парохиски водич на Генруе (L'Indicateur parossial de Guenrouët), Долна Лоара, 3 април 1938.

БАЛОНИ

-Општ изглед

Кога малку ќе размислиме, ќе сфатиме дека градбата на птицата е сосема поинаква од онаа која генерално им се припишува на балоните.

Le Magasin pittoresque, 1883.

-Задача добиена од провидението

Кога балоните ќе станат како што е тоа случај со железницата, вообичаено превозно средство, што ќе се случи со границите, царините, пасошите и сите тие застарени облици на некогашното варварство кое го нарекуваме цивилизација? Кои ли војни ќе бидат можни тогаш, кога луѓето секојдневно ќе се посетуваат како пријатели кои живеат во иста улица?

Теофил Готје (Théopphile Gautier), La Presse, 4 јули 1855.

БАРТОК (Бела)

-Нема полош

Ако читателот е доволно храбар да купи некое од делата на Бела Барток, ќе сфати дека целото негово творештво е само збир ноти без какво било значење. [...] Некои од тие дела полесно се свират со лакти, а некои пак со цела дланка. Ниедно не бара при изведувањето да се користат прстите, а при слушањето ушите. Делата на Барток се чисто ѓубре.

Фредерик Кордер (Frederick Corder), Musical Quaterly, Њујорк, 15 јули.

БАЗЕН

Јас сум против ликерите, како што сум и против базените, и ќе направам сè што е во моја моќ да ги отстранам овие две ѓаволски работи. Не можам да сфатам како еден маж на својата жена може да ѝ дозволи капење со други мажи, и потоа да продолжи да живее со неа.

М. Лајон Лоан (M. Lyons Loan), кандидат за пратеник во округот Гринвил (Јужна Каролина), говор, 1925.

-----------------------

Извор: DICTIONNAIRE DE LA BÊTISE et des erreurs de jugement, Editions Robert Laffont, S.A., Paris, 1965.

Слики: Ralph Pugay

Слични содржини

Речник на глупоста
Речник на глупоста
Речник на глупоста
Речник на глупоста
Речник на глупоста
Речник на глупоста
Речник на глупоста
Речник на глупоста

ОкоБоли главаВицФото