Херој, жртва, егоманијак - Асанж е сè уште тука

21.08.2014 12:47
Херој, жртва, егоманијак - Асанж е сè уште тука

Џулијан Асанж (43) повторно во вестите - две години беше заборавен во еквадорската амбасада во Лондон, а сега вели дека ќе излезе. „Наскоро“, рече Асанж без поблиски одредници. Им призна на новинарите дека има здравствени проблеми, но нејасно е дали е тоа причината за излегувањето од амбасадата. Неговата адвокатка рече дека Асанж ќе излезе само ако му биде загарантиран политички азил, то ест ако му биде ветено дека нема да биде испорачан во САД. Доколку нема таков договор, Асанж веднаш по напуштањето на еквадорската амбасада би бил уапсен и испорачан во Шведска, каде основачот на Викиликс е обвинет за сексуално вознемирување. Во тој случај, веројатно е дека Стокхолм веднаш ќе го префрли овој славен Австралиец во Вашингтон. Таму го чека процес поради објавување на стотици илјади тајни депеши и документи кои се однесуваат на американската војна во Ирак и кои ја разобличија спорната практика на Пентагон како и бруталното убивање цивили. Инсајдерката која му доставуваше податоци, Челси Менинг (пред промената на полот се викаше Бредли) веќе е осудена на 35 години затвор.

„Со својот настап Асанж потсети дека сè уште постои. Но тоа може да тргне наопаку“, коментира Меркише одерцајтунг (Франкфурт на Одра). „Во јавното мислење сликата на непресметливиот егоманијак одамна ја прекри сликата на храбриот интернет активист. Пред сè во Велика Британија: таму повеќе не се дискутира за можноста дека Асанж е невин, дека направил нешто добро за општеството. Темата таму се седумте милиони фунти, колку што даночните обврзници до сега ги чинеше полициската акција поради Асанж.“ Меѓутоа, Штат Анцајгер (Келн) потсетува дека на Асанж му се заканува испорачување во САД поради објавување државни тајни. „Тајните кои го кријат повредувањето на уставот и правото не заслужуваат тајност. Во вредносниот судир на државните причини и приговорот на совеста, моралот секогаш има првенство на минување. Демократските обичаи, кои по 11 септември во САД се тешко нарушени, се одвикнаа од беспоговорната послушност на државниот авторитет - поради разбирливи причини.“

„Џулијан Асанж за многумина е херој, бидејќи ја изнесе сомнителната пракса на САД на светлоста на денот. Но тој не е светец“, пишува Вестфелише нахрихтен (Минстер). Речиси две години е забарикадиран во амбасадата на Еквадор за да ја избегне екстрадицијата. Некогаш храбриот десперадо делува збунето, скршено - како старец. (...) Можеби му се допаѓа новиот имиџ на трагичен херој, модерен Дон Кихот кој безизгледната борба против ветерниците ја претвора во мит. Можеби само сакаше да потсети на своето постоење откако Едвард Сноуден го истисна од насловните страници. Меѓутоа, факт е дека Асанж конечно мора да биде сослушан по повод наводниот сексуален деликт во Шведска. На правосудството е да разјасни дали обвинувањата се политички мотивирани. Не е без основа стравот на Асанж дека во САД можеби го чека и смртна казна. Но, ниедна европска земја не би смеела да испорача човек на кого му се заканува смртоносен коктел.

Различно пишува Вестдојче цајтунг (Дизелдорф), чијшто коментар почнува со цитат на неодама починатиот писател Карлхајц Дешнер: Спознанието е мака, или во слободна интерпретација на колумнистот: Кој фрла светло врз светот, го осветлува и неговото ѓубре. „Зборовите на Дешнер како да се пишувани токму за Асанж, просветителот и осветлувачот, кој со својата интернет платформа осветли толку белосветско ѓубре како никој пред него. Без Асанж војникот Челси Менинг, која до минатата година се викаше Бредли, веројатно не би собрала храброст да го информира светот за американските воени злосторства во Ирак. Без примерот на Асанж речиси сигурно не би постоел ни свиркачот Едвард Сноуден. Сепак, ретко постојат херои - а Асанж без сомнеж би можел да биде херој - кои самите се демонтираат како овој Австралиец. Не само поради бегството од шведските власти - кои не би го префрлиле автоматски во САД, како што Асанж се плаши - туку пред сè поради неговото егоцентрично битие кое ги одбива речиси сите познати соборци на Викиликс и го води во пропаст овој важен и неопходен проект.“

Слично пишува и Алгемајне цајтунг (Мајнц): Неколку загадочни реченици беа доволни за повторно да стане светска тема, тој, Џулијан Асанж, поранешниот Титан на Викиликс. Против Асанж постои налог за апсење. Но не само затоа што Асанж е повеќе спорен од Сноуден. (...) За самиот Викиликс - или за оној дел кој е сè уште со Асанж - неговиот небулозен статус е од корист, бидејќи овој противник на тајноста останува веродостоен само преку улогата на жртва. Цинично? Трагично? Или неизбежно, ако се закачите со Барак Обама? Веројатно по малку од сè. Топката е во дворот на шведското правосудство: постојат и други можности освен испорачувањето. Но, додека нешто не се промени, во воздухот ќе остане заканата дека Асанж веднаш би можел да биде испорачан во САД, иако ниту на Вашингтон не му треба маченик. Време е партијата да заврши. Правосудството треба да си ја изврши должноста, а Запад да демонстрира дека сè уште ги почитува вредностите кои постојано ги проповеда ширум планетата.“

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото