Човекот и социјализмот во Куба (1)

22.08.2014 09:47
Човекот и социјализмот во Куба (1)

Писмо на мајорот Ернесто Че Гевара до Карлос Кихано, уредник на неделниот магазин Марча од Монтевидео

Ги завршувам овие белешки патувајќи низ Африка, воден од желбата да го одржам ветувањето, иако со мало задоцнување. Сакам да го направам тоа со зафаќање на темата што се споменува во насловот. Верувам дека тоа може да биде од интерес за уругвајските читатели.

Вообичаено е за капиталистичките гласноговорници да го употребуваат како аргумент против социјализмот подметнувањето дека таков општествен систем или период на градење на социјализмот во кој се наоѓаме се карактеризира со уништување на поединецот на сметка на Државата. Воопшто нема да се обидувам да го оспорам тврдењето на чисто теоретска основа, туку напротив, преку востановените факти на кубанското искуство и ќе додадам коментари од општа природа. Најпрво во општи црти ќе ја прикажам историјата на нашата револуционерна борба пред и по преземањето на власта.

Како што е познато, точниот датум на почетокот на револуционерните акции кои кулминираа на 1 јануари 1959, беше 26 јули 1953. Група предводена од Фидел Кастро ја нападна воената касарна Монкада, во провинцијата Ориенте, во раните утрински часови. Нападот беше неуспех, неуспехот стана катастрофа и преживеаните беа затворени, сè додека одново не ја започнаа револуционерната борба, откако беа амнестирани.

Во текот на овој процес, кој го содржеше само првото семе на социјализмот, човекот беше основен фактор. Човекот – индивидуализиран, конкретен, именуван – беше носител на довербата и триумфот или неуспехот на задачите доверени на него зависеа од неговата способност да делува.

Тогаш дојде периодот на герилска војна. Се водеше во две наполно различни средини: народот, како сè уште неразбудена маса која требаше да се мобилизира, и авангардата, герилците, потисниот мотор на мобилизацијата, генераторот на револуционерната свест и борбен ентузијазам. Авангардата беше катализатор што го создаде субјективниот предуслов неопходен за победа. Индивидуата исто така беше основен фактор во герилата, како рамка на постепената пролетаризација на нашата мисла, во револуцијата што се случуваше во нашите навики и во нашите умови. Сите до еден од борците на Сиера Маестра кои добија висок чин во револуционерните сили го постигнаа тоа со долга листа на забележителни заслуги. Токму врз основа на тие заслуги и го добија својот чин.

[Првата херојска етапа]

Тоа беше првиот херојски период во кој луѓето тежнееја да издржат голема одговорност, голема опасност, со исполнување на нивната должност како единствана сатисфакција. Во нашата револуционерна образовна работа, често се навраќаме на таа поучна тема. Човекот на иднината се наѕираше во нашите борци.

И во други случаи на нашата историја имаше повторување на оваа целосна посветеност на револуционерната кауза. Во текот на Октомвриската криза и во времето на ураганот Флора, бевме сведоци на дела на исклучително херојство и саможртва понесени од целиот народ. Една од основните задачи од идеолошка гледна точка е да најдеме начин да го внесеме таквиот херојски став во секојдневниот живот.

Револуционерната влада беше воспоставена во 1959 со учество на неколку членови на „продадената“ буржоазија. Постоењето на Бунтовничката Армија претставуваше гарант на моќта како основен фактор на сила.

Сериозните контрадикции што се појавија беа решени директно, во прва инстанца, во февруари 1959, кога Фидел Кастро го превзема водството во владата како премиер. Овој процес кулминираше во јули истата година со оставката на претседателот [Мануел] Урутија под притисок од масите.

Со јасно одредени карактеристики, тогаш во историјата на Кубанската револуција се појави нов субјект кој постојано ќе биде присутен: масите.

[Целосно и точно толкување на народните желби]

Ова повеќелико битие не е, како што се тврди, сума на елементи од ист тип (или уште помалку, редуцирано на ист тип од системот наметнат на нив) и кое делува како припитомено стадо. Точно е дека масата ги следи лидерите, особено Фидел Кастро, без двоумење, но степенот во кој тој ја стекнал таа доверба се должи токму на целосното толкување на желбите и стремежите на луѓето, како и на искрената желба да се остварат дадените ветувања.

Масите учествуваа во Аграрната реформа и во тешкото преземање на управувањето со државните претпријатија; го покажаа своето херојство кај Плаја Хирон во борбите против групата бандити вооружени од ЦИА; за време на Октомвриската криза оставија свој белег на еден од најбитните настани во денешното време и продолжуваат со градење на социјализмот.

Гледајќи површно на нештата, може да изгледа дека тие што зборуваат за потчинување на индивидуата на Државата се во право; со неспоредлив ентузијазам и дисциплина, масите ги спроведуваат задачите одредени од власта без оглед на нивната природа: економска, културна, спортска итн. Иницијативата најчесто доаѓа од Фидел или високата команда на револуцијата; таа е објаснета на народот, кој ја прифаќаат како своја. Понекогаш, локалното искуство е земено од партијата и од владата и со тоа е обопштено, следејќи ја истата постапка.

Сепак, Државата понекогаш прави грешки. Кога тоа ќе се случи, колективниот ентузијазам видно исчезнува како резултат на квантитативното исчезнување што се случува во секој елемент што го сочинува колективот и работата се парализира сè додека не спласне на безначајно ниво; тогаш е време да се корегираме. Тоа се случи во март 1962, со секташката политика наметната на Партијата од Анибал Ескаланте.

[Дијалектичкото единство помеѓу Фидел и масите]

Овој механизам очигледно не е доволен да осигура низа од свесни мерки; она што недостига е поструктуриран однос со масите. Мораме да ја подобриме оваа врска во следните години, но засега, во случаите на иницијативите кои доаѓаат од високите нивоа на власта, се служиме со речиси интуитивен метод за да ги ослушнуваме различните реакции на проблемите кои се поставени.

Фидел е врвен мајстор во ова; неговиот карактеристичен начин на интеграција со народот може да се разбере само кога ќе се види во акција. На големите јавни собири може да се забележи нешто налик на дијалог помеѓу две музички струни чии меѓусебни вибрации предизвикуваат сè понови тонови. Фидел и масите започнуваат да вибрираат со растечки интензитет чија кулминација е ненадејниот прекин понесен од победничките борбени извици.

Она што е тешко да го разбере некој кој не доживеал револуционерно искуство е ова блиско дијалектичко единство кое постои помеѓу индивидуата и масите, кои се во меѓусебна поврзаност, и масата, како целина сочинета од индивидуи, меѓусебно поврзани со лидерите.

Во капитализмот, слични феномени од овој тип може да се забележат со појавување на политичари способни да го мобилизираат народот, но ако тоа не е автентично општествено движење, кога и не е сосема точно да се зборува за капитализам, движењето ќе трае исто колку и неговиот промотор или додека стегите на капиталистичкото општество не стават крај на општата илузија. Во капитализмот, човекот е воден од бесчуствителни правила најчесто вон доменот на неговото разбирање. Отуѓената индивидуа е врзана во општеството со невидливи окови: законот на вредноста. Законот делува во сите аспекти на човековиот живот, оформувајќи ги неговиот пат и судбина.

[Невидливите закони на капитализмот]

Законите на капитализмот, невидливи и слепи за повеќето луѓе, делуваат на поединецот без да биде свесен за тоа. Тој ја гледа широчината на таа граница што изгледа бесконечна. Капиталистичката пропаганда го претставува токму на таков начин и се обидува да го користи случајот на Рокфелер - вистинит или не - како лекција за успешност. Мизеријата што мора да биде создадена за да настане таков случај и сумата на пороците кои доведуваат до создавање на такво богатство не се споменуваат и општите сили не секогаш се способни да ги разјаснат тие концепти (Би било соодветно на ова место да се проучи како империјалистичките земји полека го губат интернационалниот класен карактер под влијание на меѓусебната криминална вмешаност во експлоатацијата на зависните земји и како истиот факт предизвикува тапење на острицата на борбениот дух на масите во нивните национални рамки, но ова не спаѓа во темата на овој текст).

Во секој случај, може да се воочи низа од пречки кои можат да бидат совладани само од индивидуа со неопходни квалитети да стигне до крајот. Наградата е отсјај во далечините на еден пуст, самотен пат. Во крајна линија, тоа е трка на волци: цената на победата за еден е само неуспехот на сите други.

Сега ќе се обидам да ја дефинирам индивидуата на оваа необична и трогателна драма на градење на социјализмот, во нејзината двојна природа како уникатно битие и член на општеството.

Верувам дека наједноставен пристап е да го согледаме нејзиниот неостварен квалитет: таа е незавршен проект. Недостатоците на минатото се пресликуваат во сегашноста на индивидуалната свест и потребен е постојан труд да се елиминираат тие недостатоци.

Процесот е двостран: од една страна општеството делува на индивидуата со директи и индиректни средства за едукација, додека од друга страна, индивидуата проаѓа низ свесна фаза на само-едукација.

[Жестоко преовладување на минатото]

Новото општество што се формира мора напорно да го совладува минатото. Тоа произлегува не само од индивидуалната свест, притисната од остатоците на образованието и воспитанието систематски насочено кон изолација на индивидуата, туку и од самата природа на преодниот период, со постоење на стоково производство. Стоката е економска клетка на капиталистичкото општество; сè додека постои, нејзините ефекти ќе се чувствуваат во производните односи и, следствено, во човековата свест.

Марксовата шема го претпоставува преодниот период како резултат на експлозивна трансформација на капиталистичкиот систем разорен од сопствените противречности; реалноста покажа дека некои земји, слабите гранки, се откачуваат од империјалистичкото дрво, појава предвидена од Ленин. Во овие земји, капитализмот доволно се развил за да се почувствуваат неговите ефекти врз луѓето, но недоволно за внатрешните противречности да го уништат откако ги исцрпил сите можности. Борбата за ослободување од надворешен агресор, мизеријата што потекнува од надворешни извори, овозможуваат победа на експлоатираната класа преку ослободително движење со соборување на неоколонијалниот режим на привилегираната класа. Свесната акција го прави останатото.

[Брза промена без жртвување е невозможна]

Во овие земји сè уште не е достигнат степен на образование за функционирањето на општеството и богатството е далеку од нивото по кое масите би го користеле со едноставен процес на преземање. Неразвиеноста и традиционалниот одлив на капитал во „цивилизираните“ земји прават да бидат невозможни брзи промени без жртвување. Сè уште нè очекува долг период на градење на економската основа и искушението да се следат устоличените начини на материјален интерес како лост за забрзан развој е многу големо.

Постои опасност да не ја видиме шумата од дрвјата. Следењето на химерата на остварување на социјализмот со помош на средствата преостанати од капитализмот (стоката како економска ќелија, профитабилноста и индивидуалниот материјален интерес итн.), возможно е да се покаже како слепа улица. А доаѓањето до таа точка е после долг пат со многу крстопати и тешко е да се воочи кога е направено погрешно свртување. Во меѓувреме, прилагодената економска основа го спречила развојот на свеста. За да се изгради комунизам,истовремено со материјалната основа треба да се создаде и нов човек.

Токму затоа е многу битно да се одберат правилно средствата на мобилизација на масите. Тие средства мора во основа да бидат од морален карактер, без да се заборави правилната употреба на материјална мотивација, особено таа од општествена природа.

[Општеството треба да е огромно училиште]

Како што веќе реков, во моменти на исклучителна опасност, лесно е да се активира моралната мотивација; да се одржи нејзината ефикасност, неопходно е да се развие свест за вредноста на други категории. Општеството во целина треба да стане огромно училиште.

Општите карактеристики на овој феномен се слични на процесот на формирање на капиталистичката свест во неговите први етапи. Капитализмот употребува сила, но исто така и ги образува луѓето во системот. Директната пропаганда е употребувана од оние на кои им е доверена задача да ја објаснуваат неизбежноста на класниот режим, било да е од божествена природа или поради наметнатата природа како механички објект. Ова ги пасивизира масите, кои се гледаат како угнетени од зло против кое е невозможно да се бори.

Сево ова е проследено со надежта и тоа е она што го разликува капитализмот од минатите кастински режими кои не нудеа никаква алтернатива. За некои, кастинската формула е сè уште судбина: послушните се наградени по смртта, со заминување на друг прекрасен свет каде доброто победува, и старата традиција продолжува. За други, иновацијата: класната поделба е неизбежен факт, но индивидуите можат да поминат во повисоката класа преку работа, иницијатива, итн. Овој процес, како и тој за успех преку само-едукација, во суштина е длабоко дволичен: интересен пример како лагата станува вистина.

Во нашиот случај, директната едукација има далеку поголемо значење. Објаснувањата се убедливи бидејќи се вистински; преправања не се потребни. Тие се вршат преку државниот образовен апарат, во форма на општа, техничка и идеолошка култура, со механизми како министерството за образование и партискиот информациски апарат. Едукацијата се случува во масите и новите ставови кои се проповедаат стануваат навика; масите постепено ја преземаат иницијативата и вршат притисок на оние кои сè уште не се едуцирани. Тоа е индиректниот начин на едукација на масите, моќен исто толку како и претходниот.

[Процесот на индивидуална само-едукација]

Тој процес е свесен; индивидуата го чувствува притисокот на новата општествена моќ и согледува дека не е сосема прилагоден на неа. Под влијание на притисокот од индиректната едукација, тој се труди да се прилагоди на ситуацијата за која чувствува дека е исправна и чиј недостаток од развој го спречувал во тоа. Тој се само-образува.

Можеме да го видиме новиот човек кој се појавува во овој период на градење на социјализмот. Неговата слика сè уште не е завршена; всушност и никогаш нема да биде завршена, бидејќи процесот напредува паралелно со развојот на новите економски форми. Несметајќи ги оние кои поради недоволно едукација се насочуваат на самотнички пат, кон задоволување на нивните амбиции, постојат други, кои и покрај оваа нова ситуација на сеопшт напредок, имаат тенденција да маршираат во изолација наместо да ги придржуваат масите. Она што е поважно е дека луѓето стануваат сè повеќе свесни, од ден на ден, за нивната потреба да се вклучат во општеството и на нивната важност како двигатели на тоа општество.

Тие повеќе не маршираат во осаменост кон изгубените патишта на далечни копнежи. Тие ја следат својата авангарда, сочинета од Партијата, од најнапредните работници, од напредните луѓе кои се движат поврзани со масите и во постојана блиска комуникација со нив. Авангардата гледа кон иднината и нејзината изградба, но тоа не се гледа како индивидуална потреба; наградата е новото општество каде луѓето ќе имаат поинакви особини: општеството на комунистичкиот човек.

[Долг и тежок пат]

Патот е долг и полн со тешкотии. Понекогаш, се застранува од курсот и потребно е повлекување; понекогаш, премногу брзото темпо нè одделува од масите, а понекогаш темпото е споро и го чувствуваме притисокот на оние кои нè следат. Нашата амбиција како револуционери нè тера да се обидеме да се движиме нанапред колку што е можно повеќе, отворајќи го патот пред нас, но знаеме дека мора да ги сочекаме масите, кои ќе напредуваат побргу ако ги охрабриме со нашиот пример.

И покрај важноста на моралната мотивација, постоењето на две групи (неброејќи го она малцинство кои од различни причини не учествува во изградбата на социјализмот) е показател на релативниот недостаток на развој на општествената свест. Авангардната група е идеолошки понапредна отколку масите; овие вторите се стекнуваат со нови квалитети, но недоволно. Во првата група се случува квалитативна промена која овозможува да се жртвуваат во функција на нивниот авангарден карактер, вторите го прават тоа половично и мора да бидат подложени на мотивација и притисок од одреден интензитет; тоа е диктатура на пролетаријатот која се применува не само врз поразената класа, туку индивидуално и врз победничката класа.

Да се постигне целосен успех, сево ова наложува серија од механизми, револуционерни институции. Концептот на институционализација се вклопува во оваа слика на мноштво луѓе како маршираат кон иднината како хармонична целина на добро подмачкана машина која го овозможува маршот со тоа што дозволува природна селекција на оние чија судбина е да маршираат во авангардата и кои имаат моќ на награда и казна над оние кои ја извршуваат својата должност односно делуваат против општеството во изградба.

[Совршена идентификација меѓу власта и заедницата]

Институционализација на Револуцијата сè уште не е постигната. Бараме нешто ново што ќе овозможи совршена идентификација меѓу власта и заедницата во целина, прилагодена на специфичните услови на градењето на социјализмот и избегнување во најголем можен степен на клишеата на буржоаската демократија трансплантирани на општеството во формирање (законодавните домови, на пример). Некои експерименти беа извршени за цел постепено институционализирање на Револуцијата, но без многу брзање. Во најголема мерка бевме ограничени од стравот дека одредени формални аспекти може да ја замаглат крајната и најважна револуционерна цел: да го ослободиме човекот од отуѓувањето.

И покрај недостатокот на институции, кој мора постепено да го надминуваме, масите сега ја создаваат историјата како свесна целина на индивидуи кои се борат за иста цел. Иако постои очигледна стандардизација на човекот во социјализмот, тој е поцелосен; неговите можности за самоизразување и учество во општествениот апарат се бескрајно поголеми, без разлика што недостига совршен механизам за тоа.

Сè уште е нужно да се потенцираат кај неговата свест, индивидуална и колективна, учеството во сите механизми на насочување и производство и да се асоцираат на идејата за техничка и идеолошка едукација, со што индивидуата ќе разбере дека тие процеси се меѓузависни и нивното напредување е паралелно. Со тоа тој ќе стане целосно свесен за своето општествено битие, што е еднакво на неговото реализирање како човечко битие, кое ги скршило оковите на отуѓувањето.

Тоа ќе биде конкретно воочено во повторното доживување на неговата природа преку ослободениот труд како израз на неговите човечки особини во културата и уметноста.

(продолжува)

Извор: www.marxist.org

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото