Основец на распуст едвај чека да почне школската година

22.08.2014 10:53
Основец на распуст едвај чека да почне школската година

Скопје, 23 август 2014

Шестоодделенецот Марко Ивановски кој учи во основното училиште Владо Тасевски во Скопје со денови е тажен и потиштен, бидејќи едвај чека да заврши распустот и да започнат интересните предавања на неговите наставници.

Марко почнал да покажува знаци на лошо расположение уште кон крајот на јуни, по само две недели распуст. Како што поминувало времето, така ситуацијата се влошувала, а Марко станувал нервозен, депресивен и раздразлив.

„По цел ден ги разлистува книгите од минатата учебна година и понекогаш знае да се расплаче над учебникот по биологија, кога ќе се присети колку била интересна лекцијата за фотосинтеза“, раскажува Веселинка, мајката на Марко.

„Се консултирав со повеќе психолози и сите беа изненадени од желбата на детето што поскоро да оди на училиште. Стапив во контакт и со министерот за образование, но тој ја отфрли одговорноста и рече дека не направил ништо посебно за наставата во училиштата да биде фатално привлечна“, вели загрижената мајка.

На почетокот на распустот, другарите го викале Марко да игра фудбал со нив или да играат видео игри на Play Station, но тој само двапати се согласил да дојде со нив, по што започнала неговата тага по училиштето.

„Прво мислевме дека му фалат другарчињата или дека има симпатија. Но, кога видовме со каква страст ги прелистува учебниците и тетратките со домашна работа, сфативме дека наставата е она што му недостасува“, вели таткото на Марко.

Родителите на соучениците на ова необично момче велат дека за сега примерот на Марко е единствен од овој вид во училиштето, а поконзервативните родители веќе им забраниле на своите деца да се дружат со него.

Во меѓувреме, додека да започне школската година, 84-годишната Мира, наставничка по математика во пензија и семејна пријателка на родителите на Марко, често доаѓа на гости во обид да го забавува Марко и да ја разбие неговата депресија, но по втората решена збирка задачи неговиот интерес за дружење со Мира се намалил.

Останува неизвесно како овој љубител на училиштето ќе се справи со последните денови од летниот распуст.