Отпишувањето на долговите – не толку позитивна мерка!

25.08.2014 02:39
Отпишувањето на долговите – не толку позитивна мерка!

Пред изборите ВМРО-ДПМНЕ излезе со ветување кое многумина ги зачуди – дека, во случај повторно да победи на изборите, ќе им ги отпише долговите на социјално загрозените граѓани. Многумина тоа го оценија како евтин предизборен трик. Но, глеј чудо, една од првите работи со кои се зафати старо-новата влада беше спроведувањето токму на ова предизборно ветување! На 23 јули го донесе Законот за еднократно отпишување на долговите на граѓаните и веќе за еден месец пристапи кон процедурата за отпишување на долгови.

Што тоа кажува за ВМРО-ДПМНЕ? Дека, за разлика од другите, ги исполнува своите предизборни ветувања? Дека е социјално одговорна партија? И дека во економски поглед е левичарска, а не десничарска партија? Или, дека е исклучително моќна пропагандна машинерија, која, соочена со импотентна и идеолошки конфузна опозиција, успева со евтини потези одново и одново да собира поени кај граѓаните? Ајде да видиме.

Долготрајната битка на ВМРО-ДПМНЕ против сиромашните и невработените

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ спроведува сè некакви кампањи со кои им излегува во пресрет на социјално загрозените граѓани. Де организира собирање книги за социјалците, де објавува некоја нова активна мерка за вработување, де им помага на стечајците. За каква долготрајна битка против сиромашните и невработените воопшто може да стане збор? Работата е следната. Додека ја занимава јавноста со разноразни кампањи кои, кога ќе се анализираат подлабоко, или имаат ограничен ефект или се дел од вообичаените функции на државата (односно, се фали со нешто што едноставно мора да го прави), таа на системско ниво континуирано ја разградува социјалната држава. Социјалците и невработените, како голем „товар“ на буџетот, посебно ѝ се слабост и на нив таа особено сака да „штеди“!

Сиромаштијата во периодот од 2006 до 2011 година (нема понов податок, иако е 2014!) според податоците на Заводот за статистика, се има малку зголемено, од 29,8 на 30,4%. Но, во истиот период бројот на приматели на социјална парична помош драстично се намали! Фактички е преполовен. Во 2006 година 66.336 семејства примале социјална помош. Секоја година од тогаш нивниот број се намалува за во 2012 година (нема поскорешен податок) нивниот број да биде 33.717.[1] Ако стапката на сиромаштија е речиси иста (поточно, е нешто повисока), тогаш една влада која сака да тврди дека ги исполнува своите социјални обврски треба барем да одржува приближно ист број на приматели на социјална парична помош. А не да го намали нивниот број за 49,2%, односно да го преполови! Освен ако нема пари во буџетот. Ама, од 2006 до 2014 буџетот е драстично зголемен. Но, имало многумина приматели на социјална помош кои злоупотребуваат. Да, ама и претходната влада предводена од СДСМ, под истиот изговор, значително го намали (за 19,8%) бројот на приматели на социјална парична помош, од 82.670 во 2002 година на 66.336 во 2006 година. Така што, Владата на ВМРО-ДПМНЕ од Владата на СДСМ наследи „прочистен“ список на приматели на социјална помош. И, се разбира, ако бројот на приматели на социјална парична помош е преполовен, тогаш и сумата на буџетски средства што се издвојува за социјална парична помош не може да не биде – речиси преполовена. Браво за Владата, „заштеди“ пари! На сметка на најсиромашните!

Во однос на невработените, Владата буквално разви опсесија да прикаже пониска стапка на невработеност! Особено се оддаде на намалување на бројот на евидентирани невработени лица во Агенцијата за вработување. Па и за најмал пропуст (често фактички по вина на вработените во Агенцијата) се бришат невработени од евиденцијата на невработени лица. Лицата кои се избришани со самото тоа не престануваат да бидат невработени, ама, што ѝ е гајле на Владата за нив, важно таа може да се пофали со помала бројка невработени!

Уште поважно од фалбите, Владата „заштеди“ буџетски средства на невработените и преку укинувањето на правото на сини картони за сите невработени лица. Имено, откако создаде дупка во Фондот за здравствено осигурување поради својата опсесија да ги намалува даноците и придонесите што газдите ги плаќаат на државата (збогатувајќи ги на тој начин газдите), Владата реши да ја „санира“ дупката во Фондот за здравствено осигурување на грбот на невработените лица. Па во 2012 година сите невработени лица кои имаат семејни (не лични!) приходи над минималната плата од 8.050 денари го изгубија правото на сини картони, или треба да доплатат (1.100 или 2.200 денари) за да ги добијат тие црни сини картони. Ами, ако некое семејство со 8.100 денари месечно и така не може да сврзе крај со крај и ако тие 1.100 денари им вредат злато? Повторно, што ја интересира тоа Владата? Важно таа заштеди буџетски средства. Кои, се разбира, можат да се употребат за други, поважни проекти.

Ова е контекстот во кој се случува мерката за еднократен отпис на долговите. Со дел од парите кои ги „заштеди“ на сиромашните и невработените, денес Владата се покажува великодушна и социјално одговорна. Ако Владата навистина сака да биде социјално одговорна, нека престане со својата рестриктивна политика во однос на примателите на социјална помош, нека престане да брише невработени лица од евиденцијата на невработени лица и нека го врати правото на сите невработени лица да добиваат сини картони. На тој начин таа само ќе ги исправи сопствените антисоцијални потези, ништо повеќе од тоа. Ама, не, Владата не сака да води социјално-одговорна политика, таа само сака луѓето да мислат дека таа води социјално-одговорна политика. Затоа се одлучи на оваа, поевтина, варијанта. Впрочем, зошто некому да дадеш повеќе кога може да ти биде благодарен со помалку?

Отпишување на долговите за сите социјално загрозени граѓани?

Владата сака граѓаните, особено оние што многу не се трудат да ги утврдуваат фактите, да добијат впечаток дека таа им ги отпишува долговите на сите социјално загрозени граѓани. И дека на секој социјалец, невработен, инвалид и болен од тешка болест ќе му бидат отпишани сите долгови. Ама, така прескапо ќе ја чини Владата сопствената пропаганда. А тоа Владата, нели, не сака да го направи. Па така, испадна дека Владата го исполни своето предизборно ветување, ама, типично за неа, како и за секоја успешна маркетинг агенција, додека на фанфари најави кампања со широк опфат, истовремено, со мали букви, преку доста рестриктивни услови, го ограничи пристапот до поволноста што ја нуди.[2]

Така, оние долгови кои ќе им се отпишуваат на социјално загрозените граѓани мора да бидат неплатени подолго од 12 месеци и за нив да е започната постапка за наплата. Обично, фирмите и институциите на кои граѓаните им должат пари не се толку неажурни па да ги чекаат граѓаните повеќе од 12 месеци за да ја почнат постапката за наплата. Обично, многу побрзо стапуваат во дејство. Само преку овие услови Владата значително го намали опсегот на долгови за кои ќе врши еднократно отпишување.

Понатаму: бројот на невработени не е така мал. Но, бројот на невработени кои можат да стекнат право на еднократно отпишување долгови е драстично намален преку воведувањето на дополнителните услови кои невработените лица мора да ги исполнат. Така, невработено лице мора да биде евидентирано како такво во Агенцијата за вработување подолго од 12 месеци. Добро, можеби ова не е толку нелогичен критериум, иако и тој го намалува бројот на лица кои можат да се пријават. Но, ако овие лица се во брак (а што доста често е случај кај овие долготрајно невработени лица) тогаш морало и нивниот брачен другар да е евидентиран како невработено лице и тоа над 12 месеци?! За да се осигури дека ќе биде уште помал бројот на невработени лица кои ќе можат да се пријават, Владата дополни и дека мора невработените лица, заедно со брачниот другар, во 2013 година да не оствариле годишен нето приход поголем од 105.600 денари (8.800 денари месечно). Преку овие дополнителни услови, како и преку условите за типот на долгови кои ќе можат да бидат отпишани (над 12 месеци и со започната постапка за наплата), Владата се осигури дека најбројната категорија граѓани која е опфатена со овој закон во реалноста ќе биде – не така бројна.

Работите стануваат безобразни кај третата категорија социјално загрозени граѓани, оние со инвалидитет или со потешка болест. Потешка болест не е секоја потешка болест, одлучи Владата, туку само малигните и церебрално васкуларните заболувања. А срцевите болни, на пример, не се соочуваат и тие со големи трошоци поради својата болест и не треба и ним да им се излезе во пресрет преку отпишување на долговите? Очигледно не, според Владата. Но, барем на граѓаните со церебрално-васкуларни заболувања ќе им се помогне. Да, ама не на сите нив. Само ако се разболеле во периодот од 2009 до 2013 година. И само ако, заедно со брачниот другар, во 2013 година немале годишен нето приход поголем од 105.600 денари. И само ако немале друг стан освен оној во кој живеат. И само ако имаат долгови кои не се платени подолго од 12 месеци. И само е започната постапка за наплата на тие нивни долгови. Па колкумина се лицата во цела Македонија со церебрално-васкуларни заболувања што ги исполнуваат сите овие критериуми?! 10? Или 20 можеби? Не можеше, на пример, отпишувањето на долговите да важи за сите болни од некое церебрално-васкуларно заболување и пред 2009 година? Само на оние што заболеле по 2009 година им е тешко?

Ова се само дел од „замките“ кои ги содржи овој закон. Штом лицата на кои оваа владина мерка наводно треба да им излезе во пресрет отидат да аплицираат за отпишување на долговите, ќе сфатат дека во најголем број се изиграни. Ама, што ѝ е гајле на Владата за тоа? Нејзината главна цел во оваа кампања е успешно да се изрекламира, а не навистина да им помогне на граѓаните. Се разбира, притоа ќе жртвува некоја пара. Ниту една маркетиншка кампања не е возможна ако не се жртвува некоја пара. Ама, целта на секоја успешна кампања е со што помалку пари да се постигне што поголем ефект кај јавноста. И токму тоа е она кон што цели Владата со оваа кампања: да им фрли некоја коска на гладните и бедните, тие да ѝ бидат благодарни за тоа, а јавноста да аплаудира, воодушевена од тоа колку Владата ни се грижи за народот.

За крај, ќе нагласиме дека оваа Влада преку својата (анти)социјална политика значително придонесе да осиромаши нашиот народ. На народот не му требаат вакви евтини (и финансиски и човечки гледано) трикови. Нему му треба влада која навистина ќе биде социјално одговорна. Без тоа народот ќе продолжи да осиромашува, а ножот ќе дојде до коска – и подлабоко од тоа.

______________________________________________

[1] Податоците за бројот на приматели на социјална парична помош се преземени од веб-платформата Сиромаштија, http://www.siromastija.mk/

[2] Условите што ги пропишува Владата за стекнување право на отпишување долгови може да се прочитаат овде: http://www.mtsp.gov.mk/pocetna-ns_article-ednokraten-otpis-na-dolgovi.nspx

Извор: solidarnostblog.wordpress.com
Слики: Leon Zernitsky