Пророк погодил дека ниту едно од неговите пророштва нема да се оствари

25.08.2014 15:47
Пророк погодил дека ниту едно од неговите пророштва нема да се оствари

Скопје, 25 август 2014

Мики Гаврилов, познат пророк од околината на Скопје, предвидел дека неговите пророштва нема да се остварат, што неодамна и се остварило.

Тој пред две години имал различни визии во кои видел дека во август Англија ќе ја погоди катастрофален земјотрс, ќе пропадне Европската унија, а нашите фудбалски тимови ќе заиграат во лигата на шампионите. Уште тогаш им најавил на своите пријатели дека ниедно од овие пророштва нема да се оствари.

„Дарбата за пророкување ми се јави уште во младоста, во контакт со луѓето или предметите добивав визии за иднината. Непогрешливо погодував дека нешто нема да се случи. Многу брзо станав познат по тоа, луѓето почнаа да доаѓаат кај мене да им ја предвидам судбината. Сите мои визии останаа неостварени, а тоа можат да ви го предочат и моите пријатели и клиенти“, раскажува Мики.

Трајанка Богоевска од Велес редовно доаѓа кај него по совет и потврдува дека до сега секогаш погодувал дека нешто нема да се случи.

„Мики многу ми помогна во животот. Кога тој ќе ви каже дека имал некаква визија и дека нема да се оствари, можете да бидете сигурни во тоа. Мене пред три години ми рече дека гледа бурма на мојата рака и голема свадба, а јас сè уште не сум мажена. Тоа само покажува колку голем пророк е тој“, ја потврдува Трајанка приказната за дарбата на Гаврилов.

Извор: www.njuz.net