Курвите и ти: дали си дел од проблемот?

26.08.2014 09:13
Курвите и ти: дали си дел од проблемот?

Во дигиталниот речник на македонскиот јазик, „курва“ е објаснета како „блудница, развратница, неверна жена, бескарактерен човек“. Во секојдневниот говор интерпретацијата е широка и често сме сведоци на курвоосудување (slut-shaming), кованица што укажува на чинот со кој одредена личност, најчесто жена, се осудува за однесување што не е во согласност со традиционалните, а со тоа често и религиозните, очекувања од женскиот род. Во прилог на збирката твитови што се пример за курвоосудување, да потсетиме како функционира курвоосудувањето, каде се случува и кој го прави.

КАКО: Најчестата навреда за женскиот род е поврзана со нејзината сексуална невиност, било да е во поглед на сексуална активност или разголување на делови од телото што ги предизвикуваат традиционалните општествени норми. Ова е засновано на претпоставката дека за телото на жената, во моментот кога се наоѓа во јавниот простор, не одлучува таа самата, туку јавноста. Со тоа се креира дискурс во кој воопшто не се смета за проблематично коментирањето за нечие деколте, должина на сукња, број на партнери, сексуални навики и преференци. Машкиот род, од друга страна, ретко е предмет на такви забелешки.

Со курвоосудувањето, жената се деградира на степен понизок од она што патријахалниот светоглед го цени како „нормална жена“. Тоа се користи како механизам со кој навредувањето, па дури и повредувањето на овие жени, станува прифатливо. Всушност, токму на овој начин и силувањето станува прифатливо под геслото „сама си го барала“, а понатаму и придонесува кон одлуката на многу девојки и жени воопшто да не се осмелат да пријават силување, од страв да не бидат етикетирани како „курви“. Истовремено, неретко курвоосудувањето повлекува и претпоставка за интелигенцијата на таа жена, делегитимирајќи го нивното мислење. Накратко, курвоосудувањето ги дехуманизира, демонизира и ги сведува жените на статус што не заслужува почит.

КАДЕ: Курвоосудувањето не е нова појава. Едно од позначајните литературни дела што ја обработуваат оваа тематика е „Црвената буква“ на Натаниел Хоторн издадена во 1850 година. Денес секојдневно се сретнуваме со курвоосудување како во материјалниот, така и во виртуелниот свет. Забелешките несекогаш се свесно злонамерни. Имено, честа одбрана на оној кој го прави курвоосудувањето е дека забелешката е кажана духовито и дека преголемо инсистирање на политичка коректност го стерилизира хуморот. Истовремено, дури и под претпоставка дека забелешката нема лоша намера, невозможно е да се контролира нејзината интерпретација кај публиката. Ова е уште потешко во случајот на социјалните медиуми и интернет просторот, каде саркастичното осудување може да биде сфатено како одобрување. Со тоа, ваквите шеги онлајн уште повеќе придонесуваат кон нормализирање на дискурсот на курвоосудување во општеството.

КОЈ: Основата на курвоосудувањето се наоѓа во патријархалното размислување и прилично често осудите доаѓаат не само од мажи, туку и од жени. Додека курвоосудувањето од страна на мажи е поврзано со чувство на доминантност и моќ, во научната литература постојат три заемно неисклучиви понудени објаснувања зошто жените се вклучуваат во ваквата пракса. Првото е дека другите жени ова го прават со цел да се дистанцираат од таквото, според доминантниот наратив срамно, однесување. Второто објаснување е поврзано со дефинирањето на јавните родови улоги. Третото објаснување е дека ова се прави со цел да се исцртаат границите на класите и да се акцентира „чистата“ репутација на оние кои го прават курвоосудувањето, наспроти „евтините курви“ од пониските општествени слоеви.

Оттука севкупната ментална матрица што доаѓа со патријархалноста и вклучува не само женомразие, туку и точно дефинирани улоги за машкиот род, е причина за распространетоста на курвоосудување. Тоа, иако го објаснува нашиот моментален општествен светоглед, не смее да биде оправдување за нашите поединечни дејства. Како што ни велеше баба: „Ако сите се фрлат во Вардар, не значи дека треба и ти“.

Затоа, следниот пат кога ќе помислите да го искористите зборот „курва“ со цел да деградирате, па дури и да се пошегувате со некого, сетете се дека и вашето држење за рака во јавност со партнерот во друго време и на друго место било општествено неприфатливо. Сме направиле исчекор до овде со тоа што сме го доведувале во прашање традиционалниот и партијархалниот светоглед. Треба да го сториме истото пак.

Извор: therealpsmst.tumblr.com
Слики: Ren Hang