Навредлив туристички водич низ европските земји

26.08.2014 08:46
Навредлив туристички водич низ европските земји

Англичанец во Шпанија пред еден век би дознал дека оваа земја нема баш многу да им понуди на туристите.

Доколку туристот реши да се консултира со туристичкиот водич кој му е достапен во тоа време, би го прочитал следниот опис: „Шпанија е бледа и сува земја, без никакви траги од сликовитост“.

Водичот понатаму пишува дека градовите се полни со чад од цигари и дека кафулињата се „прилично неудобни и недоволно чисти“.

Се наведува и дека келнерите, чистачките и портирите се склони кон мрзливост и дека патниците секогаш треба да ги бројат ситните парички од кусурот - за секој случај.

Притоа, доколку патникот отиде надвор од градовите, постои опасност од грабеж, додека полицијата во повеќето места ќе гледа да уапси кого било.

Возовите се толку валкани, што патникот со себе секогаш треба да има четка и пудра против инсекти. Кога станува збор за националниот спорт - борбата со бикови - станува ззбор за најкукавичкиот спектакл кој една цивилизирана личност некогаш ќе го види.

Ова е опис на Шпанија кој се наоѓа во туристичкиот водич Бедекер од 1914 година. Тие мали црвени книги со кожна подврска биле прв, а можеби и единствен извор на информации за сите Англичани и Германци кои сакале да патуваат во странство во XIX и XX век.

Тонот на водичот е информативен, детален, авторитативен и крајно непријатен.

Покрај градските мапи, распоредот на траектите и информациите за црквите, спомениците и музеите, водичот нуди и крајно брутални коментари за домашното население кое патникот ќе има „несреќа“ да го запознае.

Шпанците се мрзиви, Грците валкани, Италијаните неискрени, а „Ориенталците“ глупави како деца.

Речиси цел еден век овој водич кој во 1832 година го објавил германскиот издавач Карл Бедекер, бил незаменлив низ многу земји во светот.

Карл се гордеел со точноста на своите книги, а во една прилика е откриено дека броел колку точно скали има до покривот на миланската катедрала, бидејќи сакал неговите читатели да знаат колку точно скали ги чекаат.

По Германија, Велика Британија била вториот најголем конзумент на овие водичи.

Во времето пред политичката коректност, било можно да се биде навистина непријатен кон странците. Не се само Шпанците оние кои биле склони да побегнат со вашите пари во своите џебови. Овој водич за туристи наведува дека во Италија национален спорт е изнудувањето, а просењето национална чума.

Во книгата стои дека многу често се претерува кога се зборува за „санитарната репутација на Неапол“, но тој и понатаму останува валкан град. Италијаните од југот веруваат дека „генијалноста“ на нивната клима во голема мера ја надоместува нечистотијата.

Грција е полоша. Постелнината во крчмите е преполна со болви и вошки, како и други грозни инсекти. Не можете дури ни да се утешите со чаша вино, бидејќи тоа е „блуткаво и слабо“.

Секој патник кој ќе дојде во допир со локалното население во Египет, би требало да го избегнува триењето на очите. Многу од советите делуваат шокантно за модерното поимање на светот. Во Сирија се советува одбрана од кучињата скитници со помош на чадор, додека во Египет е сосема во ред да го удрите возачот на такси со бастун.

Бедекер не е само виновен поради ужасните расистички коментари. Тој исто така има прилично некоректен однос кон жените.

Патничките се деликатни суштества кои никако не можат да поднесат одредени активности. Кога станува збор за качување на Везув, мажите можат да одат пеш, додека жените се советувани да одат со воз.

Само неколку земји ги избегнале овие „креативни описи“ - Германија и Холандија.

Кога станува збор за вториот најголем пазар на Бедекер, Британија е опишана како земја која може да се гордее со чистотата во споредба со хотелите во други земји, иако одредени локали не се по вкус на жените.

Кујната е инферорна и монотона, а националното јадење е - чај со парче месо и компири.

Иако овој водич по Втората светска војна исчезнал од полиците на книжарниците, во 2007 година повторно е лансирана една серија, но без зајадливите и расистички коментари.

Извор: Daily Mail

ОкоБоли главаВицФото