Скопје 2014: споменици на злото

26.08.2014 12:24
Скопје 2014: споменици на злото

Кога народите се ослободуваат од своите зли владетели, првото што го прават користејќи ја ослободената енергија на радоста, е да ги срушат спомениците на режимот коишто потсеќаат на теророт, неправдата и мизеријата. Никој во тие мигови не ја пресметува вредноста на бронзата и гипсените орнаменти, зашто симболичката вредност на рушењето на злото е секогаш немерливо поголема од трошоците на рушењето на бетонските грдотии и одвозот на несреќната историја од градот. Во таа смисла, рушењето на зградите и спомениците од „Скопје 2014“ треба да биде задолжителен перформативен и симболички климакс од славењето на повторното ослободување на Македонија. Како што овој монструозен „проект“ не може да се разлачи од општественото пропаѓање предизвикано од неговите градители, така и неговото рушење мора да биде составен дел од катарзичното славење на ослободувањето на македонската иднина од смртоносните прегратки на ДПМНЕ.

За да се разбере оваа навидум радикална (а всушност само домаќинска) мисла, неопходно е длабинското разбирање на „широчината и длабочината на последиците од овој „проект“ – скромно да се цитирам себеси – „зашто тој не ја оштетува само нашата физичка стварност, туку ги суспендира уставноста и правната држава, ги урива вредносните системи во културата, ја кривоколчи националната историја и ги поместува темелните камења на нашиот национален идентитет“. Се разбира, „Скопје 2014“ немаше да биде можно да имавме владеење на правото и да функционираа институциите на демократијата во Македонија. Ова е важно, бидејќи не смееме да заборавиме дека најглупавата групација од згради и споменици во вселената е комплетно бесправна и неуставна, криминална и злосторничка, а не само грда, кичерска и психопатолошка. Тоа смртоносно културно загадување кое го нарекуваме „Скопје 2014“ е всушност симбол за уништување на целиот македонски културен проект и воедно симптом на малигното заболување на целокупното македонското оштество. Затоа, ако се земе предвид дека во „проектот“ не може да се измери каква и да е уметничка вредност, и тоа во размера на нано-честички, неговото рушење не би требало, еден убав ден, да биде доведувано во прашање од ниту еден нормален човек.

Кога зборуваме за спомениците на злото, интересен е примерот на Арно Брекер, Хитлеровиот омилен скулптор, кој ги направи (покрај останатото) двете прометејски скулптури, симетричниот пар ариевски близнаци, поставени од двете страни на влезот во Хитлеровата параболична Рајхсканцеларија. Скулптурите претставуваа фигури на голи мажи; едниот држи факел во раката и ја претставува Партијата, а другиот држи меч симболизирајќи ја Армијата. Овие моќни бронзени статуи на мускулозни надлуѓе во неокласичен стил, како практично и сите други скулптури и рељефи на Арно Брекер, ја преживејаа разорната завршница на Втората светска војна, но веднаш по победата беа систематски уништени од страна на сојузниците. Иако неговите скулптури зрачеа со застрашувачка експресија на „моќта на моментумот и на силата на волјата“ на нацистичка Германија, Брекер не беше неталентиран ништожник кому Хитлер му наложил да твори во херојски неокласичен стил (како што е случајот со „Скопје 2014“), туку било токму обратно, зашто Брекер својот неокласичен израз го изградил автохтоно, инспириран и од германскиот експресионизам. Конечно, се работи за голем скулптор чиешто дело веќе го беше афирмирало авторот во европскиот уметнички Парнас, та дури бил наречен „германскиот Микеланџело“ од страна на големиот француски скулптор и сликар Аристид Мајол.

Сепак, зошто, ќе прашате, да се уништуваат овие уметнички дела, кога се работи за скулптурална уметност со несомнено вонвременска вредност? Зошто? Одговорот е кус, јасен и конечен: затоа што уметноста на Брекер во служба на Хитлер ја славеше злата симболичка енергија на идеологијата на најголемото зло во историјата. Затоа што во историскиот контекст во кои настанале, уметничката вредност на тие скулптури само ја зголеми нивната симболичка моќ во функција на чистото зло.

Сите ослободени народи ги рушеле своите споменици на злото, како јавен и ритуален, дури егзалтиран и катарзичен чин на ослободувањето. Таа ослободителна катарза, како што веќе напомнав, не смеат да ја опструираат малограѓански грижи за тоа колку спомениците на злото чинеле, зашто тоа се неповратно украдени народни пари, па правдата не може да се спроведе преку нивното сочувување, туку единствено преку нивното уништување. Спомениците на злото ги слават глупоста, криминалот и неправдата од кои биле создадени, та нивното отстранување ќе биде симболичко спроведување на правдата и ослободување од злото. Од друга страна, нивното сочувување би го симболизирало злосторот без казна односно злокобниот континуум на неказнивоста на злото. Но, зошто теоретизирам, кога постои широко прифатена пракса: крадената стока секогаш и секаде му се одзема на крадецот и им се враќа на оние од кои е украдена. Доколку криминалната стока е опасна и штетна, таа се уништува. Пиратските цедеи се газат со булдожери, дрогата се пали, оружјето се топи, а плодовите на градежниот криминал се рушат. Сите споменици и згради од „Скопје 2014“ се изградени со украдени пари, на украден јавен градски простор и претставуваат смртоносен културно-симболички контаминат, па нивното уништување е единствениот начин украдениот простор да им се врати на граѓаните, а контаминатот да се евакуира од градот.

Практично сите споменици на Хитлер се изрушени, народите коишто го трпеа теророт на Сталин ги уништија јавните спомени на неговиот лик, Ирачаните го чистеа Садам од нивните градови, а ние ќе мораме да ги срушиме криминалните згради и споменици со ликот на Груевски. Зашто, да не се залажуваме, без оглед како се викале спомениците и какви табли биле закачени на портите од малоумните згради од „Скопје 2014“, сите тие без исклучок го слават делото на Груевски и го носат неговиот безличен лик. Како што зад „Воинот на коњ“ се крие Александар, така зад Александар се крие Груевски. Затоа, по рушењето на режимот на Груевски, првото следно мора да биде рушењето на неговите споменици на злото.

На фотографиите: скулптури на „Александар Велики“ од Арно Брекер; насловната фотографија, кутната скулптура фрлена во заден двор, е снимена 1945 година, по поразот на нацистичка Германија

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото