Го прифатил предизвикот и се полеал со топла вода и сапун

27.08.2014 10:27
Го прифатил предизвикот и се полеал со топла вода и сапун

Скопје, 27 август 2014

44-годишниот Перо Тодоровски од Скопје сторил хумано дело прифаќајќи го предизвикот на своите соседи и роднини, кои настојувале да се полее со топла вода и сапун, по пауза од неколку години.

Соседите велат дека не го упатиле предизвикот поради помодарство, инспирирани од кампањата за зголемување на свесноста за АЛС со полевање со кофа ледена вода, туку го предизвикувале Перо со години.

„Ова е мало туширање за Перо, но големо за станарите од нашата зграда. Неговиот пример покажува дека дури и во најтврдото срце има милост за ближните и дека секогаш со доволно упорност и позитивна енергија може да се разбуди хуманата страна на човекот“, вели неговиот пријател и сосед Горан Јанакиев.

Тој објаснува дека со години од станот на Перо се ширел непријатен мирис, а неколку соседи повеќепати се онесвестиле кога се возеле со него во лифт или се разминувале по скалите во влезот.

„Се обидувавме на разни начини да го натераме да се полее со топла вода и сапун. Ние му обезбедивме козметика, му ветивме дека ќе го пратиме на викенд во Претор ако се избања, му наоѓавме дупликати од сликички што му фалат... но без успех“, раскажува Јанакиев.

Соседите и семејството на Перо велат дека не знаат што го натерало да го прифати предизвикот, особено затоа што последниот инцидент се случил дури минатата зима, кога неколку коледари биле однесени во ургентниот центар во Скопје, откако Перо ја отворил вратата од својот дом по нивната песна. Потоа, сите во негова близина почнале да носат гас-маски

Некои претпоставуваат дека инспирацијата сепак дошла од полевањето со студена вода, а пресудила зимурливоста на Перо кој решил да се полее со топла. Други, пак, воопшто не се трудат да ја разберат неговата постапка и веруваат во мистериозноста на некои мотиви за човечките дејствија.

До затворањето на статијава, Перо Тодоровски не беше достапен за коментар.